Култура

Филмот „Ругање со Христос“ на Јане Бојаџи го осудија Министерството за култура и Агенцијата за филм

Министерството за култура и Агенцијата за филм, испратија заедничко соопштение во врска со филмот „Ругање со Христос“ на режисерот Јане Бојаџи со кое „ги осудуваат решенијата на претходните гарнитури кои финансирале проекти без никаква уметничка вредност кои ги навредуваат чувствата на граѓаните“ и дека „такви  тенденциозни играња со историја, настани кои наштетуваат на соживотот и животот на граѓаните-финансиери на истите дела, веќе нема да најдат подршка“.
„Тоа се три вистински настани кои ние ги обработуваме за да покажеме дека некогаш инструментите и средствата се толкуваат како средства за слобода, а некогаш се толкуваат како средства за терор. Идејата на филмот е да кажеме дека ниту еден терор не направил ништо добро, туку дека секој терор раѓа и создава нов терор. Затоа и поднасловот на филмот е: Секој против секого – Господ против сите! Се обидуваме да кажеме дека кога ќе тргнеме против секого којзнае каде ќе завршиме“, вели режисерот на овој филм Јане Бојаџи, во неодамнешно интервју за „Радио Слободна Европа“.
Директорот на Агенцијата за филм, Горјан Тозија, го погледнал само трејлерот којшто му го испратил министерот за култура Асаф Адеми. Тој за „Сакам Да Кажам“, вели дека не е професионално од него да коментира или да дава изјави кога ја нема целата слика, но смета дека уметниците треба да покренуваат прашања, да отвораат теми, но според тоа што го погледнал од трејлерот, неговиот впечаток е дека филмот има партиска пропаганда и дека зазема една страна. Тој дополнително требал да провери кој го потпишал одобрението за филмот.
А Министерството за култура најави ново законско решение, кое ќе ги спречи ваквите злоупотреби, ќе се бара отчет и ќе има контрола врз финансиското, и што е најважно врз темите, идеите и пораките што ги праќаат овие творби/филмови. 
 Министерството и Агенцијата за филм потенцираат дека ова е последен пат со парите на граѓаните да се снимаат филмови кои ги навредуваат истите тие граѓани. Филмскиот фонд при агенцијата за филм е еден од најголемите во регионот и овој факт ја покажува почитта на државата кон филмската уметност и филмските уметници. За жал, последните години сме сведоци на разни финансиски и идеолошки малверзации, а парите за филмот за кој е јасно дека предизвикува контроверзии е финансиран во 2015 година. Агенцијата за филм веќе започна голем број постапки за проекти финансирани во минатото, отчет за парите трошени од буџетот на РМ мора да постои.
Според режисерот Бојаџи, четири приказни се раскажуваат одделно, секоја за себе, но сите взаемно се вкрстуваат во една приказна.Ова режисерско деби е работено според вистински настани од блиската историја: едната е битката на Радуша и киднапирањето и малтретирањето на мавровските работници за време на воениот конфликт 2001, како и убиството на младиот Ванчо Каранфилов во Тетово, кој беше застрелан додека играше кошарка. Александар, познат новинар во aтински политички магазин заминува за Македонија во потрага по вистината за неговиот татко Лазар, политички бегалец од Грција.
Петтемина работници на ГП „Маврово“ беа киднапирани на автопатот во тетовското село Желино на 8 август 2001, во моментот кога ја обележувале сообраќајницата. Според обвинението, киднапирањето го извршиле 30-ина луѓе, членови на ОНА. Недолжните цивили биле однесени во непознат правец и цел ден ѕверски измачувани, тепани и сечени по телото, а потоа пуштени. По тортурата врз нив, кога едвај се довлечкале до Тетовска болница, Фикрет Нухиу, лекарот од Итна помош, им рекол дека не им е ништо, покажувајќи им ја вратата. Раскрвавените луѓе ги згрижиле медицинските сестри и друг лекар. Случајот Мавровски работници, беше еден од четирите случаи кои Меѓународниот суд за воените злосторства во Хаг ги врати во Македонија, за да се процесуираат и судски завршат во земјата. За време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ, Собранието на Република Македонија на 24 јули 2011, со 62 гласа „за“ го усвои автентичното толкување на Законот за амнестија, со што ги затвори хашките случаи Мавровски работници, Липковска брана, Непроштено и Водство на ОНА.
Филмот на Бојаџи беше поддржан од Агенцијата за филм на конкурсот во 2015 година, со работен наслов „Здивот на Ангелот“ во продукција на неговата куќа „Орион продакшн“. Бојаџи е продуцент, режисер, сценарист, монтажер и продукциски дизајнер на овој филм. Филмот е македонско-грчко-француска копродукција, а светската премиера беше на 30 август на Филмскиот фестивал во Монтреал во некомпетитивна програма.

Слични статии

Напишете коментар

Вашата е-пошта адреса нема да биде прикажана во коментарите. Задолжителните полиња се означени со *