Култура

„Златна камера 300“ за јужнокорејскиот кинематографер Кјонг Пјо Хонг, за филмот „Горење“

Завршната вечер на 39. Интернационален фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ се пдра во знакот на доделувањето на главните награди, за коешто одлучуваше интернационалното жири во состав,  Олимпија Митилинеу, Рајнер Клаусман, Матијас Тролструп, Ребека Фајад Палуд и Ѓорче Ставрески. 

Инаку, во изминатите осум фестивалски дена во Битола се прикажаа повеќе од 95 филмски наслови сместени во 14 програми, мастер класови на Роџер Дикинс и Клаудија Кардинале,  кои беа зѕвезди на фестивалот.

 

-Почестени сме што присуствуваме на овој прекрасен фестивал кој ја прославува филмската камера. Фестивалот „Браќа Манаки“ е чудесно место каде се учат нови работи и се создаваат нови пријателства. Ќе однесеме прекрасно искуство дома и се надеваме дека некогаш и нашите колеги ќе имаат можност да го искусат ова чувство некогаш. Благодарни сме им на Гена што не’ покани, на Доре за одличната селекција и на сите што работеа напорно зад сцената. Првата наша одлука како жири беше да ја оценуваме камерата заедно со севкупниот квалитет на филмот. Камерата е еднаква на сите елемнти во филмот и не треба да ја нарушува севкупната рамнотежа на целината. Живееме во ера  на слики кои ги користиме за да раскажуваме приказни. Но, најтешко е да се најде вистинската слика, што не мора да биде најубавата. Добро избалансирана камера ги допира чувствата, но не е цел сама по себе, рече претседателката на жирито Олимпија Митилинеу.

Наградата „Мала камера 300“ за краток филм ја соопшти Рајнер Клаусман и таа му припадна на Адрик Вотсон, кинематографер од Австралија за филмот „Сите овие суштества“.

-Овој филм се занимава со многу важна тема, многу е хуман, има прекрасно раскажување и камерата совршено ја надополнува приказната. Наградата за краток филм „Мала камера 300“ оди кај Адрик Вотсон за филмот „Сите овие суштества“, соопшти Клаусман.

 

Ѓорче Ставрев ја додели наградата „Бронзена камера 300“, која ја доби полскиот кинематографер Лукаш Жал за филмот „Студена војна“.

-Голема чест ми е што присуствував на овој фестивал. И благодарам на Гена што ме наговори да дојдам овде бидејќи сретнав прекрасни пријатели. Камерата беше еден од многуте брилијантни аспекти на овој филм, кој проследува епска љубовна приказна. Тој е филм што ја слави долгата традиција на кинематографијата и почувствуваме дека сликите во филмот се безвременски. Тие брилијантно ги доловија промените во атмосферата во различните епохи и места. Затоа „Бронзена камера 300“ се доделува на Лукаш Жал за филмот „Студена војна“, рече Ѓорчев.

Матијас Тролструп го соопшти добитникот на „Сребрена камера 300“ која ја освои Ерик Готје за филмот „Пепелта е најчисто бело“.

-Посведочивме како се менуваат времињата, љубовта и маките, но камерата никогаш не беше избрзана. Беше беспрекорна и неуморно го следеше филмското дејствие. Тоа е една бунтовна и интимна приказна, а таква е и камерата. Поради тоа „Сребрената камера 300“ оди кај Ерик Готје за филмот „Пепелта е најчисто бело“, соопшти Тролструп.

Лауреатот ја посвети наградата на Роби Милер кој му бил пример со неговата работа и голем пријател на ИФФК „Браќа Манаки“.

-Благодарам што бев поканет на овој прекрасен фестивал, во ова прекрасно друштво на кинематографери и во одлична селекција. Камерата е само еден дел од филмот и оваа награда е врзана и за режисерот на филмот и би сакал да ја поделам со него. Навистина беше прекрасно искуство да се снима во Кина. Главните актери беа многу инспиративни, но и остатокот од екипата. Но, оваа награда би сакал да ја посветам на еден од луѓето кои беа моја инспирација  кога станав кинематографер, а  беше и многу добар пријател на овој фестивал, Роби Милер. Ако се загледате добро во филмот, може јасно да го прочитате неговото влијание, истакна Готје.

Претседателката на меѓународното жири,  Олимпија Митилинеу го соопшти добитникот на наградата „Златна камера 300“ која му припадна на јужнокорејскиот кинематографер Кјонг Пјо Хонг, за филмот „Горење“.

-Најубаво раскажано од сите филмски приказни што ги видовме, прекрасно изведена, секое движење зад камерата пренесуваше некакво чувство. Совршена комбинација на забава и уметност и снимена на начин којшто природно доаѓаше од приказната. Навистина одлично дело за оваа камера е тоа што успеа да ја стави публиката во главата на главниот актер. Затоа  наградата се доделува на Кјонг Пјо Хонг, за филмот „Горење“, соопшти Митилинеу.

Таа додаде дека се надева дека овој фестивал ќе продолжи со добрата работа, бидејќи од овде се комуницира со кинематографери од целиот свет: „Благодарам многу, Битола!“

Директорката на фестивалот, Гена Теодосиевска, верува дека филмот им припаѓа на сите и дека знаењето ќе го спаси светот.

-Трогната сум од сите овие визуелни сензации кои проструија во нас и низ нас. Но, најмногу бев трогната од публиката од Битола која ги посетуваше сите вечерни проекции. Ви благодарам многу!, рече Теодосиевска заблагодарувајќи се на селекторите, претседателот на Друштвото на филмските работници, Агенцијата за филм и Општина Битола и на авторите на филмовите, бидејќи, како што рече, оваа работа не може еден човек сам да ја заврши.

-Знам дека денот поминува и дека сево ова утре ќе биде историја. Но, немојте да мислите дека ние не сме тие кои ја прават историјата. Бидејќи секој момент поминат заедно со сите оние кои мислат заедно е едно мало, но во исто време мало чудо. Благодарам драга публико!, рече на крајот Теодосиевска.

Градоначалничката на Битола, Наташа Петровска, ги поздрави присутните заблагодарувајќи се на сите кои целосно се вложија за успешна реализација на уште едно издание на фестивалот на филмска камера „Браќа Манаки“.

-Помеѓу меѓите на денот и ноќта, помеѓу меѓите на нашите соништа, планови и акции имавме  прекрасна фестивалска седмица во којашто низ проекцијата на камерата можевме да видиме нечии други соништа и акции. Но, не ја имавме само таа привилегија и само тој дар, овие денови имавме можност и за многу дружење на филмаџиите, кинематографери и актери, на студентите кои се подготвуваат да работат во филмската индустрија, имавме можности за нови познанства и градење на нови спомен, рече Петровска.

По премиерата на краткиот филм „Скаут“, пред публиката се поклони екипата на филмот а режисерот Алекс Цветков се заблагодари на Агенцијата за филм на Р.М. и на својата екипа затоа што, како што рече, сите работеле како еден.  Веднаш потоа се одржа проекцијата на филмот „Последниот Кју-Клус клановец“ во режија на Спајк Ли, како последен од селекцијата „Камера 300“.

Автор:

Слични статии

Напишете коментар

Вашата е-пошта адреса нема да биде прикажана во коментарите. Задолжителните полиња се означени со *