Култура

На изложбата се прикажани повеќе од 70 оригинални предмети со ритуален карактер, изработени од дрво, коски и текстил

Изложбата „Духовите на Африка – Ритуална западноафриканска уметност“ отворена оваа недела во Музејот на Македонија е прва од ваков вид изложба кај нас и нуди ретка можност да се видат оригинални предмети коишто се материјализација на верувањата на народите коишто денес живеат во рамките на Бенин, Брегот на Слоновата Коска, Гана, Гвинеја, Фасо, Камерун, Мали, Нигерија, Буркина, Сенегал, Того и други земји од западниот дел на Африка. На изложбата се прикажани повеќе од 70 оригинални предмети со ритуален карактер, изработени од дрво, коски и текстил, што настанале кај народите Ашанти, Бамана,(Бамбара), Бауле, Бобо, Бва, Дан, Догон, Гере, Марка, Моси, Јоруба и Сенуфо од гореспоменатите држави. Ова е само еден мал дел од богатата колекција што ја поседува Музејот на африканска уметност во Белград, основан во 1977 година од збирката на предмети на дипломатите д-р Здравко и Веда Печар, што  ги собирале повеќе од 20 години за време на нивниот престој во земјите во Африка. Музејот е формиран во времето кога Југославија беше дел од Движењето на неврзаните, тој е единствена институција во Југоисточна Европа која целосно е посветена на културата и уметноста на Африка и содржи артефакти единствено од овој континент. Ваквиот ексклузивитет му дава единствен карактер меѓу музеите во Европа, пишува Гоце Наумов, координатор на изложбата. Од формирањето до денес, збирката во Музејот е зголемена за три пати, и тоа преку откупи и дипломатски подароци од претседатели на африканските земји, домашно уметници, колекционери итн.

Идејата за основање на Музеј, по кажувањето на Здравко Печар, дошла од неговата сопруга Веда. „Таа тежнееше кон формирање на репрезентативна збирка која би била групирана на едно место и прикажана во целина“. Музејот бил формиран со бројка од 1200 артефакти, од кои голем дел биле откупувани од сопствениците со пазарење.

Публиката има можност за прв пат да се запознае со исклучително богатата и разновидна уметност преку скулптури и маски коишто имаат  обредна функција а тие на најкомплексен начин го откриваат културното наследство на овие народи, преданијата, митовите, културните вредности на заедниците се до средината на 20-от век. Најголемиот од предметите се изработени од дрво, кои навистина биле дел од обредите што се гледа од документите што ги оставиле Печареви.

Додека трае изложбата, во наредните два месеца, се предвидени четири предавања, од кое првото се одржа во четвртокот од страна на Александра Продановиќ Бојовиќ од Музејот на африканска уметност во Белград, која зборуваше за периодот кога гии собирале предметите брачниот пар ЗДравко и Веда Печар, потоа документарни и играни филмови, работилници и музика поврзани со африканската култура. Како соработник на излобата се јавува Скопскиот џез фестивал, кој повеќе од три децении ја афирмира африканската култура во Македонија преку двете манифестации што ги организира, Скопскиот џез фестивал и ОФФ-фест.

 

Слични статии

Напишете коментар

Вашата е-пошта адреса нема да биде прикажана во коментарите. Задолжителните полиња се означени со *