Култура

Националната галерија ја има најбогатата збирка на уметнички дела од 19 век

Изложбата „Дела од словенечки, хрватски, српски, црногорски и босанско-херцеговски автори“, поставена во изложбениот простор во Чифте амам,  презентира 110 ликовни дела, слики и скулптури од Колекцијата на Националата галерија на Македонија. Заедно со уметничките дела на изложбата во витрини е сместен и дел од оригиналната архивска документација за формирањето на оваа збирка во периодот од 1948 до 1956 година.

 

 

Прва задача на Галеријата и била да собере колку што е можно поголем број дела од најдобрите југословенски современи и класични автори. Зацртаната цел почнала полека да се реализира, благодарение на професионалноста но и нивната упорност, пред се на првиот директор в.д. Борко Лазески, а подоцна и Никола Мартиноски. Била формирана комисија од еминентните македонски сликари за откуп на ликовни дела: Лазар Личеноски, Димче Коцо, Димо Тодоровски, Никола Мартиноски и Борко Лазевски. 

 

 

Ова зборува за огромниот вложен труд, не само од тимот кој ја водел Галеријата, туку и поддршката од државните институции што ја давале на Националната галерија да ја има најбогатата збирка од овој тип во Македонија. Бидејќи, во ниту еден друг период од културниот развој, од ниту една музејска институција во Македонија, не била изведена толку стручна, професионална и широко поддржана акција за откуп на ликовни дела, пишува кураторката на изложбата, Славица Алексоска. 

Старата архивска документација која потекнува од 1948 година дава податоци и интересни сознанија како течел процесот на договарање и откуп на делата. Првите откупи на слики и скулптури биле направени во 1948/49 година од Задруга на ликовни уметници на Хрватска кога биле откупени дела на Крсто Хегедушиќ, Паја Јовановиќ, Франо Баче, Отон Глиха, Омер Мујаџиќ, Младен Вежа, Иван Лозица, Јосип Туркаљ, Франгеш Михановиќ, Владимир Бециќ, Бранислав Дешковиќ. Вилим Свечњак, Бранко Филиповиќ, Антун Августинчиќи др, и од Здружението на ликовни уметници на Србија но и од приватни лица: Влахо Буковац, Цуца Сокиќ, Пиво Караматијевиќ, од Словенија, Божидар Јакац, Зденко Калин, Борис Калин и Карел Путрих.

Еден од првите откупи е направен за сликата „Портрет на девојче“ 1912 г. од Мирослав Краљевиќ. Чија процедуеа за откуп започнала во 1948 година.. Сликата била приватна сопственост на г-ѓа Ива Махиќ од Загреб и била откупена за 75 илјади динари. Пообемна документација за откуп е зачувана за сликата „Мајка со дете“ 1894 г. од Влахо Буковац. Сликата била сопственост на г-ѓа Јелица Радосављевиќ Буковац, ќерката на сликарот и била откупена за 120 илјади динари.

На сликите се прикажани портрети на угледни трговци, владики, поети, книжевници, политичари, војници, млади луѓе, амбициозни граѓани кои се стремеле да го истакнат своето присуство во духовниот живот, сликарството, литературата, филозофијата и науката, пишува Татјана Бундалевска, кураторка на оваа излоба, во каталогот каде дава пресек на сликарството во 19 век во Србија, Хрватска, Словенија, Македонија, Босна и Херцеговина и Црна Гира.

Инаку, изложбата се одржува во рамките на одбележувањето на јубилејот „Седумдесет години Национална Галерија на Македонија“ а делата припаѓаат на т.н. „Југословенска збирка“ и се создавани во периодот од почетокот на 19 кон средината на 20 век.

Слични статии

Напишете коментар

Вашата е-пошта адреса нема да биде прикажана во коментарите. Задолжителните полиња се означени со *