Култура

Недела на современ дански филм во Кинотека на Македонија


Од вечерва, вторник, 6 ноември,  до недела, 11 ноември, во Кинотека на Македонија ќе се одржи Недела на современиот дански филм.

Современата данска кинематографија, во овој избор претставена со овие шест долгометражни филмови (пет играни и еден документарен), (6 ноември, „Часот на рисот“, 7 ноември, „Долга кратка приказна“, 8 ноември, „Природно растројство“, 9 ноември, „Посвета на љубовта“, 10 ноември, „Розита“, 11 ноември, „Ќерката на вештерката“), продуцирани во последниве пет години, некако сè уште го носи товарот на славата на револуционерното движење Догма 95 (Dogme 95, дански збор за догма). Затоа, можеби, цели 23 години од објавувањето на манифестот на ова авангардно филмско движење (Dogme 95 Manifesto), секогаш кога пред гледачите ќе излезе нов наслов на некои од тогашните протагонисти, критичарите и филмофилите бараат релации со нивните претходни филмови, повторно и повторно прегледувајќи ги десетте заповеди запишани во Заветот на чистотата (Vows of Chastity; Kyskhedsløfter на дански јазик). И, останале ли „догматиците“ верни на нивната догма? Секако дека не! Догма 95 не само што не е проглас со железни правила на снимање, туку е провокација, како прст в око, за филмските автори и публиката да размислат што е филмската уметност, како (треба да) се прават филмови, што е суштината на филмот?

Движењето е основано од режисерите Ларс фон Трир (Lars von Trier) и Томас Винтерберг (Thomas Vinterberg), кои го објавуваат манифестот и Заветот на чистотата. Воопшто не е случајно што движењето Догма 95  е претставено во 1995 година (на 22 март) во париското кино Одеон, по повод стогодишнината на филмот. Наскоро им се придружуваат уште двајца сонародници, Кристијан Левринг (Kristian Levring) и Сорен Краг-Јакобсен (Søren Kragh-Jacobsen), а движењето подоцна добива интернационални рамки, од Чиле и Аргентина до Јужна Кореја. Во следните десет години се снимени триесеттина филмови според правилата на Догма 95, а СПРОТИ БРАНОВИТЕ (Breaking the waves, 1996 g.) на Фон Трир и ПРОСЛАВА (Festen/The Celebration, 1998 г.) на Винтерберг се сметаат за највпечатливите изданоци на ова движење.

Инаку, знаете ли дека и македонската кинематографија има еден догма филм? Се работи за БОЛИ ЛИ? (Does it hurt?, 2007 г.) на Анета Лешниковска, кој е и прв балкански догма филм, со Игор Џамбазов, Ирена Ристиќ, Дејан Лилиќ, Висар Вишка, Милијана Додевска…

Меѓутоа, првосвештениците на движењето набргу ќе сфатат дека сите правила, колку и да се авангардни, можат само да ѝ пречат на креацијата, па полека-полека ги напуштаат, ослободувајќи се од товарот на „револуционерноста”. А правилата од нивната библија велат дека не смеат да се носат реквизити на локацијата на снимање, туку може да се користат само затекнатите предмети и објекти; фотографијата и звукот мора да се снимаат заедно; не смее да се користи музика, освен ако не е дел од снимената сцена; камерата мора да биде од рака, без употреба на стативи; филмот мора да биде во боја, без дополнително осветлување, дозволена е употреба на само една лампа закачена на камерата; филмот не смее да користи филтри и графичка обработка, не смее да содржи површни акциони дејствија и оружје, и мора да се случува сега и овде, без жанровски одредници; форматот мора да биде 35 мм, резолуцијата 4×3 (не смее да биде вајдскрин, widescreen); и, на крајот (или почетокот, како сакате) режисерот не смее да биде потпишан на шпицата на филмот…

Но, кој еднаш одел спроти брановите, секогаш ќе оди во тој правец. Не само попознатите Винтерберг, Фон Трир или Сузан Бир (Susanne Bier), туку и Краг-Јакобсен, на пример. 

Овој циклус обединува приказни од психијатриска болница, „обичните“ младешки љубовни врски и љубовта во зрелото доба, прашањето за мигрантите, но и костимирана драма од средновековниот фантастичен свет и документарна драма за модерните етички прашања за правото на живот на секој човек.

„Која е формулата за успешен филм, посебно во европските кинематографии, чии успеси не секогаш се мерат со гледаноста и заработувачката на кино-благајните? Има една изрека во српскиот јазик, која гласи „Просто као пасуљ“ („Просто како грав“). Со неа се изразува некоја ептен лесна активност, иако зад добрата чинија вкусен чорбест грав – а уште повеќе зад тавче гравчето – стојат барем два часа готвење според таен рецепт, кој е различен од регион до регион, од село до село, од тетратката на една до тетратката на друга домаќинка, од еден до друг војнички казан… Секако, тајните се состојат и во изборот на некоја мирудија, без која нема абер од вистинскиот вкус.

Кога сме кај тоа „просто као пасуљ“, има една анегдота како се прави грав на српски начин. Се става гравот да се вари во лонец со вода, па се истура првата вода кога ќе зоврие; повторно се става да се вари, се истура втората вода; се вари по трет пат, и кога ќе зоврие, се истураат и водата и гравот, па на тава со врело масло се фрлаат неколку кременадли! Така е некако и со правилата на разни филмски школи и правци – ако се држите доследно до правилата, тешко дека ќе направите дело со посебна естетика, пишува Стојан Синадинов од Кинотека на Македонија.

Автор:

Слични статии

Напишете коментар

Вашата е-пошта адреса нема да биде прикажана во коментарите. Задолжителните полиња се означени со *