Култура

Промоција на „Хрониките на Арслан Новинарски“ од Иван Шопов во МКЦ

Вечерва, 7 ноември, во Младинскиот културен центар, во 20 часот, ќе се одржи промоција на книгата „Хрониките на Арслан Новинарски“ од Иван Шопов, во издание на Темплум.

Tекстовите застапени во книгата се објавени во периодот 2012-2018 на интернет порталот Окно, во рубриката Пара вести. За „Хрониките на Арслан Новинарски“ ќе зборува Ѕвездан Георгиевски, а извадоци ќе чита Ѓоко Здравески. „ХРОНИКИТЕ НА АРСЛАН НОВИНАРСКИ е духовит сеизмограф на нашето време. Овие текстови во годините што следуваат ќе можат да се читаат како еден вид исчашена алтернативна историја на она што ни се случуваше во изминатите десетина години. Алтернативна историја, која додека ја читаме ќе нѐ засмејува, но често во таа насмевка ќе има и горчлива нишка. Ама таква беше и нашата стварност“, пишува Владимир Јанковски во рецензијата за книгата.

Иван Шопов е роден 1987 година во Скопје. Завршил општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“. Ги објавил збирката раскази „Азбука и залутани записи“ (2010), збирката песни во проза „Меше на годината“ (2012) и збирката раскази „091 – антиразгледници од Скопје“ (2017). Пишува и поезија и хаику. Расказите и песните му се преведени на англиски, романски, чешки, српски, хрватски, германски, словенечки и бугарски јазик. „Хрониките на Арслан Новинарски“ е негова четврта книга.

Автор:

Слични статии

Напишете коментар

Вашата е-пошта адреса нема да биде прикажана во коментарите. Задолжителните полиња се означени со *