Култура

Промоција на „Мало фолио за театар“ со театарски критики, студии и осврти, записи од фестивали и интервјуа

Утре,  вторник 11 декември, во Музејот на современа уметност во 19.30 часот, ќе се одржи промоцијата на книгата  „Мало фолио за театар“ од Иван Додовски, а промотори ќе бидат, Владимир Милчин, Никола Ристановски и Искра Гешоска. Специјален гостин на промоцијата е Милица Стојанова. 
Овој исклучителен труд, чија промоција е во рамките на КРИК 03,  содржи предговор, четири поглавја, прегледна театрографија и биографија на авторот, како и исцрпен индекс на имиња. Четирите поглавја се однесуваат на театарски критики, студии и осврти, записи од фестивали и интервјуа, кои авторот ги пишувал од 1993 година до денес. Собраните текстови, од кои некои за првпат се објавуваат во оваа книга, се однесуваат на најзначајните личности, појави и процеси во областа на драмата и театарот во независна Македонија, а меѓу нив особено за оние поврзани со градот Битола. 
Рецензентите на оваа книга, проф. д-р Александар Стерјовски и д-р Љубиша Никодиновски-Биш, меѓу другото, истакнуваат: Книгата Мало фолио за театар од Иван Додовски е значајна публикација во која се собрани негови театарски критики, театролошки студии, осврти, записи од фестивали и интервјуа со врвни имиња од светот на театарот… Станува збор за редок опус создаван во последните 25 години. … Речиси нема позначаен македонски режисер за чии претстави не пишувал Додовски. Особено внимание тој посветува на театарската продукција на Народниот театар од неговиот роден град – Битола, како и на претставите на театрите во Скопје. Едновремено, повеќепати ги следел и пишувал за театарските фестивали во Македонија, особено за „Млад отворен театар“ – МОТ, но и за други реномирани меѓународни фестивали, како „МЕСС“ во Сараево и „Хомо Новус“ во Рига, или за продукциите на театарските сцени во Лондон. … Оваа публикација е важна и поради тоа што дава драгоцен придонес кон проучувањето на македонскиот театар и македонската култура воопшто, особено во периодот по осамостојувањето на Република Македонија. Мало фолио за тeатар е неодминлив извор за секоја идна историја на театарот, пошува проф. д-р Александар Стерјовски
Мало фолио за театар има висока културна, научна, педагошка и историска вредност. … Додовски пишува студиозно, со знаење и искуство, со критички однос и убав јазик, со што може да се вброи меѓу значајните македонски театарски критичари. Неговата книга несомнено ќе даде значаен придонес во историјата и развојот на современиот театар, вели д-р Љубиша Никодиновски-Биш
Проф. д-р Иван Додовски е роден во Битола, каде што завршил основно образование. Учел во Гимназијата „Ј. Б. Тито“ во Битола, а четвртата година ја завршил во САД. На Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје студирал општа и компаративна книжевност со американски студии, а магистрирал во областа на македонската книжевност и наратологијата. Докторирал на Универзитетот во Нотингем, Велика Британија. Тој е професор по критичка теорија, литература и културологија на Универзитетот Американ колеџ Скопје (УАКС). Се афирмирал како поет, раскажувач, книжевен и театарски критичар, преведувач и научен истражувач. Досега објавил три поетски книги, збирка раскази и бројни научни трудови, а приредил и десетина значајни томови од областа на книжевната наука, културологијата и европските студии.
Oбемнатa театролошка студија „Мало фолио за театар“(358 стр., формат Б5) во голем дел се однесува на развојот на театарот во Битола и претставува капитален придонес во историјата на културата на градот Битола и на македонскиот театар и култура воопшто. Со оваа научна публикација се одбележува неговиот значаен јубилеј – 25 години театролошка работа.  
КРИК – фестивал за критичка култура има цел да ги промовира уметничките и културните практики како општествено релевантни алатки кои ќе придонесат за еманципација и демократизација на социо-културниот контекст. КРИК застанува во одбрана на правото на критичка култура, која постојано ќе ги поместува границите на еманципаторските политики во социо-културниот простор. 
КРИК е отворена платформа низ која се истражуваат и изучуваат можностите на проникнување помеѓу естетското и политичкото, помеѓу уметничките практики и нивното влијание врз пошироката демократизација на општеството. Во рамки на КРИК се промовираат теориските, социо-културните, економските и уметничките практики како важна алатка со која може да се менуваат општествените наративи.

Автор:

Слични статии

Напишете коментар

Вашата е-пошта адреса нема да биде прикажана во коментарите. Задолжителните полиња се означени со *