Култура

„Медена земја“ во конкуренција за најдобар светски документарец на „Санденс

Македонскиот документарниот филм „Ханиленд“ („Медена земја“) премиерно ќе биде прикажан на 38. издание на еден од најголемите филмски фестивали во САД, „Санденс“, (Sundance), којшто ќе се одржи од 24 јануари до 3 февруари во Јута, САД, инаку основан од легендарниот актер и реисер, Роберт Редфорд. Премиерата ќе се одри на 28 јануари, а потоа следуваат уште седум проекции во рамките на Фестивалот. Документарецот „Медена земја“ се најде меу 12 документарни филмови од целиот свет во категоријата Светски филм за документарци. 

Филмот е извонреден, ова е голем филм, сигурен сум дека филмот ќе има голема иднина, рече на денешната прес-конференција Горјан Тозија, директорот на Агенцијата за филм, кој потсети дека овој филм е доказ за добро одбрана тема. 

  • Нè радува фактот што имаме документарен филм во селекција на еден од четирите водечки фестивали во светот. Со децении не немаше и одеднаш се случи ова пријатно изненадување, се случи бум, коешто треба да се издржи, рече Тозија.  

 Влегувањето на „Медена земја“ во официјална конкуренција на долгометражни документарни филмови на еден од најзначајните фестивали во светот е од големо значење за екипата на филмот, но и за македонската кинематографија. „Санденс“ е најголем американски фестивал од А категорија на независен филм и еден од најпрестижните во светот, на ниво на фестивалите во Берлин, Кан, Венеција и други. Ова е првпат македонски долгометражен документарен филм, со мнозинска домашна копродукција, да влезе во конкуренција на „Санденс“ – рече продуцентот Атанас Георгиев.

  •  Тригодишната работа на „Медена земја“ направи да созрееме и ни ги смени некои правила на коишто живеевме. Голема благодарност до двете фамилии кои ни дозволија да влеземе во нивните животи и кои не прифатија со цело срце. „Медена земја“ не е само филм кој го направивме. „Медена земја“ е животно училиште за сите нас, кое нѐ научи на многу поскромен однос кон животот и многу побескомпромисен пристап кон самото создавање филм. Може да се рече дека за големината на она кое го направивме и ќе го оставиме на светот да го види и самите сѐ уште не сме доволно свесни – рече режисерката Котевска.

Филмот е во режија на Љубо Стефанов и Тамара Котевска, а продуцент е Атанас Георгиев, кој ја направи и монтажата. Сниматели се Фејми Даут и Самир Љума. Зад музиката стојат членовите на групата „Фолтин“, а како музички супервизор се јавува Рана Еид од „ДБ Студиос“ (DB Studios) од Бејрут.

„Медена земја“ раскажува приказна за Атиџе, последната жена-одгледувач на диви пчели во Европа, која живее сама со својата мајка во централна Македонија, покрај течението на реката Брегалница. Главна идеја на филмот е да се прикаже припадноста на човекот кон природата и нарушување на природната рамнотежа преку судир на два различни начина на искористување на земјините ресурси.

  •  Филмот го покажува животот, опфаќа раѓање, живот и смрт. Главната порака е дека треба да има фер поделба во однос на користење на природните ресурси. Тоа всушност е и принципот на одгледување на пчелите на Атиџе, која половина од медот го зема за себе, а половина им го остава на пчелите. Човекот треба да зема од природата колку што му треба, но и да остави за оној кој тоа го произведува – во случајов пчелите. Со ова не само што им овозможува на пчелите да преживеат, туку обезбедува сигурен извор на храна и за себе, тогаш кога тоа ќе ѝ биде најпотребно – открива режисерот Љубо Стефанов.

Документарецот, кој е во продукција на „Аполо медиа“ и „Трис филмс“, е реализиран како дел од Програмата за зачувување на природата во Македонија – проект на Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC), координиран од „Фармахем“, а поддржан е и од Агенцијата за филм на Република Македонија.

Снимањето на „Медена земја“ почна во 2015 година, а филмот лани ја освои наградата „Најдобро дело во развој на 23. Сараевски филмски фестивал. Премиерата во Скопје ќе се одржи на почетокот на март, а детали за датумот и местото на одржување ќе бидат соопштени по враќањето на екипата од САД.

По премиерата во Парк Сити, ќе следуваат уште 4 проекции во овој град, а две се планирани во Солт Лејк Сити. За претставувањето за време на „Санденс“ ангажиран е публицистот Рајан Вернер, кој ќе организира промотивен настан за „Медена земја“, на кој ќе се дегустира автентичниот мед, собран од Атиџе, главниот протагонист во филмот. Планирани се и работилници, интервјуа, презентации, а закажани се и две претпремиерни проекции за новинарите и за филмските критичари во Њујорк и во Лос Анџелес.

Слични статии

Напишете коментар

Вашата е-пошта адреса нема да биде прикажана во коментарите. Задолжителните полиња се означени со *