Култура

Филмот „Медена земја“ освои три награди и прогласен за најдобар светски документарец на „Санденс“

Македонскиот документарец, „Медена земја“, на фестивалот „Санденс“ што се одржа во Јута, САД, ja доби големата награда на жирито (Grand Jury Prize) за најдобар документарен филм, а на снимателите Фејми Даут и Самир Љума им беше врачена наградaта за најдобра камера, (Special Jury Award for Cinematography). Документарецот го доби и специјалното признание од жирито за влијание за промена (Special Jury Award for Impact for Change). Со победа во три категории, македонскиот филм „Медена земја“ („Honeyland“), во режија на Љубо Стефанов и Тамара Котевска, триумфираше во конкуренцијата за документарци од целиот свет на американскиот филмски фестивал „Санденс“ („Sundance“). 

Санденс е основан од легендарниот актер и режисер Роберт Редфорд. Триесет и осмото издание на фестивалот се одржа од 24 јануари до 3 февруари во Парк Сити, а „Медена земја“ се прикажа во програмата со уште 11 филмови.

Премиерата на „Медена земја“ се одржа на 28 јануари во рамки на 38. издание на „Санденс“ во Парк Сити, Јута. По премиерата документарецот доби одлични рецензии од реномираните филмски критичари и медиуми меѓу кои: Ентони Кауфман од „Скрин Интернешнал“ (Screen International), Шери Линден од престижниот „Холивуд Репортер“ (Hollywood Reporter), Гај Лоџ од „Вараети“ (Variety), Крис О’Фалт од „Индивајр“ (Indierwire), Ерик Хајнс од „Филм комент“ (Film Comment), Соња Епштајн од „Слоан сајанс енд филм“ (Sloan Science And Film) и други. Првпат во историјата на реномираната манифестација еден проект е награден со три признанија.

„Медена земја“ беше во официјална конкуренција на најпрестижниот американски фестивал за независни филмови „Санденс“ во категорија со уште 11 други документарци од целиот свет. Ова е првпат македонски долгометражен документарен филм, со мнозинска домашна копродукција, да влезе во конкуренција и да освои награди на „Санденс“, и токму поради ова е од големо значење за македонската кинематографија.

„Медена земја“ раскажува приказна за Атиџе, последната жена-одгледувач на диви пчели во Европа, која живее сама со својата мајка во централна Македонија. Главна идеја на филмот е да се прикаже припадноста на човекот кон природата и нарушување на природната рамнотежа преку судир на два различни начина на искористување на Земјините ресурси.

Продуцентот и монтажер на филмот е Атанас Георгиев, музиката ја направија членовите на групата „Фолтин“, а како музички супервизор се јавува Рана Еид од „ДБ Студиос“ (DB Studios) од Бејрут. Документарецот, кој е во продукција на „Аполо медиа“ и „Трис филмс“, е реализиран како дел од Програмата за зачувување на природата во Македонија – проект на Швајцарската агенција за развој и соработка, координиран од „Фармахем“, а поддржан е и од Агенцијата за филм на Република Македонија.

Годинава филмот го очекуваат презентации на значајни светски фестивали. Премиерата во Скопје ќе се одржи на почетокот на март, а детали околу датумот и местото на одржување ќе бидат соопштени по враќањето на екипата од САД.

Автор:

Слични статии

Напишете коментар

Вашата е-пошта адреса нема да биде прикажана во коментарите. Задолжителните полиња се означени со *