Култура

Кон Берлинскиот фестивал: Мечки на Потсдамер Плац

Во Берлин нема случајности. Имало изненадувања, имало контроверзи, но случајности – не. Премногу историја, традиција и статуси се собрани на 69 изданија на Берлиналето, за фестивалот да ризикува со својот водечки рејтинг меѓу еднаквите (Венеција и Кан). Навистина, годинашнава понуда, барем во официјалната (главна ) програма, ни од далеку не понуди врвни остварувања, кои продуцентите ете, ги чуваат и темпираат специјално за Берлин. Дури и неколкуте звучни режисерски имиња од светот изгледа дека се под нивото на досегашните нивни остварувања.
Така, Франсоа Озон со својот „Благодарение на бога“, тематски провокативна и актуелна приказна за педофилијата во католичкиот клер, се чини преблаго или премногу фер ги интерпретира настаните во црквата и, нетипично за него, имаме некаков блед, компромисен став кон еден жежок општествен проблем.
И сега се редат, Фатин Акин со неговиот чуден, неавтентичен хорор „Златна ракавица“, Адам Меккеј со „Човекот од сенка“, филм (вон компетиција) за бирократот Дик Чејни, кој ниту е доволно смешен ниту особено остроумен. Потоа, италијанскиот „Пирани“ на режисерот Клаудио Џованези, филм за тинејџерската мафија во Неапол, кој освен симпатичните млади актери, не понуди ниту тематски ниту естетски вредности. „Елиса и Марсела, филм кој за првпат го внесува Нетфликс во трка за награда на Берлинале а во режија на шпанката Изабел Коисет, работен според вистинска приказна за две лезбејки од почетокот на минатиот век кои делумно успеале да го легализираат својот брачен статус, за жал минува како стереотип на оваа деликатна тема, без елементарно пчитување на филмската динамика, и природно, остава вкус на излитена и патетична приказна. Ханс Петер Моланд со „Out stealing horses“, е доследен на својата високо естетизирана филмска култура иако се чини дека во изборот на оваа премногу лична сторија за човек кој се решил на цивилизациски целибат, е далеку од некои базични вредности во филмската уметност. Филм кој нема да се памети подолго. Награда? Не би се обложил! 
Францускиот „Збогум на ноќта“ на искусниот режисер Андре Тешине покрај испегланата продукција и исто таквата Катрин Денев, донесе импотентна приказна за социјално/религиозните проблеми во емигрантската сфера, со неубедливи и пасивни ликови.
Од филмовите кои сепак оставија посилен впечаток да ги спомнеме: 
„Г-дин Џонс“ на Агњешка Холанд како и секогаш темелна, габаритна и возбудлива режисерка, веројатно еден од кандидатите за награда.
Кинескиот режисер Куанан Ванг веќе добитник на Златна мечка во 2007 година со филмот „Бракот на Туја“, годинава дојде со филмот „Ондог“. Една убава лендскејп разгледница со трилер примеси… вешто раскажана и со возбудлив крај. Барем од досегашните филмови овој филм донесе свеж монголски ветер. 
Документарниот филм „Варда за Агнес“ иако вон компетиција секако го заслужува местото во главната програма особено поради реномето и творечкиот опус на Агнес Варда која има 90 години. Филмот го продуцира нејзината ќерка, и претставува двочасовна ретроспектива на творештвото на Агнес.
А дали Теона и „Петрунија“ можат до награда? И тоа како! Затоа што повеќето филмски аргументите се на нивна страна. Мнението за фестивалските филмови по правило го формира филмската критика. Еден од тие лакмуси за вреднување е „мрежата“ ,(„Jury Grid“) на оценки во англиското списание Скрин Интернешенел, исплетена од еминентни филмски критичари од цел свет. Засега, бројките велат дека македонскиот „Петрунија“ и монголскиот „Ондог“ имаат највисок рејтинг (2,8 од можни 5). 
Со нашите аргументи пак, ќе појдеме од кинестетичките вредности на филмот
-темпото (тајмингот) со минорни секвенцијални вакууми, е речиси беспрекорно.
– фотографијата, особено фиксната камера, во манирот на педантната јапонска снимателска школа.
– Ликовите (карактери) прецизно дефинирани, нијансите духовито исцртани се до епизодните изведби.
– сценарио (приказна) одличен баланс помеѓу реалноста и нужната фикција. Токму она што публиката го консумира како гледливост а критиката како умешност. Прецизно се акцентирани конфликтните релации во општеството и нивната спротиставеност во услови на рудиментирани форми на цивилизациско поместување. Навидум баналната и бенигна приказна за традиционалниот мачоизам прераснува во религиозен, родов и административен алегоричен апсурд. Полиција, црква, народ, закон, обичај, мизогинија и сиот тој терен режисерката извонредно го контролира.
„Петрунија“ е мала Балканска вињета за нашиот голем животен цинизам. Автосатира која има универзални поенти. Ете затоа „Петрунија“ го заслужува Берлин.
„Господ постои, името и е Петрунија“ можеби и нема намера да сугерира, па дури ниту да имплицира, мој впечаток е дека филмот стимиулира, што е особена вредност сама по себе. 
Благата оптимистичка форма за исходот со наградите би била: филмот не е без шанси. Објективниот став пак, е дека заслужува награда.
Овојпат слабости во филмот на Теона нема потреба да бараме. Тоа ќе им го препуштиме на оние кои ќе останат ненаградени, на „губитниците“.
А Зорица Нушева овие десет фестивалски денови дефинитивно е Берлинската дива.

Пишува: Влатко Галевски

Автор:

Слични статии