Култура

Култура на национална основа

  • Годинешната програма на Министерството за култура е болна, себична и недолична. Ја доживувам како навреда на лично, но и колективно ниво за сите кои работиме, дејствуваме и учествуваме во градењето на и онака тромавиот културен идентитет на земјава. Распределбата на средства е неправедна. Сомнителни се сите новоиспилени физички и правни лица кои добиле средства, наспроти лица кои се докажале и потврдиле во сферата, а немаат добиено ниту еден проект или добиле беден буџет за реализација на културно-уметничко дело, вели Милош Андоновски, театарски режисер во својата реакција по повод распределбата на средствата за 2019 година.

За Министерството за култура како да не постојат фестивали кои се докажале години наназад и се дел од македонската култура, настани кои се чекаат и коишто створиле навика кај посетителите едноставно да ги има. Тука се, пред се, Скопје џез фестивал, Оф-фест, Златно славејче,  кои не добија ниту денар од Минисетрството за култура.

Националниот ансамбл Танец доби 5,3 пати помалку средства во споредба со ансамблот на албанска култура и фолклор кој доби 800 илјади денари, или 13  илјади евра, додека Танец доби смешни 150 илјади денари, односно две ипол илјади евра! Зошто и по критериуми се распределувале средствата, кога се знае каква програма реализира Танец и ја претставува земјата на турнеи по светот. Еве и уште една паралела: На Кумановскиот џез фестивал, кој патем по долга пауза од лани повторно продолжи да се организира, доделени му се само 200 илјади денари, наспроти 1,5 милиони денари на Џез-фест Тетово. Прочуениот Скопски фестивал за урбана култура „Таксират“ добил само 500 илјади денари од бараните шест милиони, но исто толкава сума колку за него е одобрена за здружението „Елизиум“ со „концерт со млади во Тетово“?! Здружението „Алегрето“ од Тетово доби 3 милиони денари за проектот „Сцена на албанска сериозна музика“!. Искрено, сме слушнале за албанска народна музика, но е нејасно каква е таа албанска сериозна музика? 

  • Со партиското и непрофесионално назначување на министерот за култура чие име полека ќе го запамтиме по тоа колку е неподобен, Владата на РМ нанесе непоправлива штета на културата, страшно ги понижи сите дејци во ова поле, а нанесе и срам по етничка основа. Имено, таа створи вештачка етничка поделба, иако вистинската поделба е меѓу професионалци и партиски вработени недоветни полтрони. Владата на РМ очајно се зафркнала што срамно го потцени фактот што културните работници се јавни личности коишто имаат огромно влијание врз јавното мислење, пишува писателката Румена Бужаровска на Фејсбук.

„Не е тешко да забележите, и со букви, и со бројки, за каков национализам и проценување пред сè по критериум „етничка припадност“, а не по квалитет на предложеното, се работи. Кога ова ќе ви го каже некој што веќе повеќе од 15 години се бори на страната на човековите права и разрешувањето меѓуетнички конфликти, а учествува и во програмите на школите за толеранција, тогаш значи дека ептен сте ја закашкале работава!“ Ова е дел од реакцијата на театарската режисерка Зоја Бузалковска, која со писмо се обрати до премиерот Зоран Заев и која поднесе оставка од Советот за култура поради Годишната програма на Министерството за култура. Во писмото кое го објави на својот фејсбук профил таа вели дека секогаш кога е потребен „пазар“ за одлуки и гласови, прво се посегнува по културата и образованието, а тоа само говори дека не се разбира нивното огромно, суштествено значење за една држава, и посебно за нашава, која претендира да биде дел од едно пошироко европско семејство.

 

 

Во Драмската дејност, најскап проект, според прифатените од Министерството, ќе биде „Палачи“ од Мартин Мекдона, на Македонскиот народен театар, што ќе ја работи еден од најдобрите бугарски режисери – Јавор Грдев. За овој проект најголемиот театар во земјава доби 4 милиони денари. Во драмската дејност, програмата вели дека театри со повеќе од шестдецениска традиција добија смешни буџети од 500.000 денари за да направат претстава (на пример, за „Арапска ноќ“ на Велешкиот театар и „Телефонот на мртовецот“ во Куманово), додека за новиот театар кој ја има својата прва сезона, Гостиварскиот, најевтиниот проект ќе чини 1.350.000 денари.  Албанскиот театар ќе добие 6.400.000 денари,  да направи претстави во 2019 година, но овде не е вклучена претставата што ќе се работи за отворање на новата зграда.  Тетовскиот театар доби 5 милиони денари, гостиварскиот театар ќе има на располагање 4.700.000 денари во 2019 година, додека театрите во Струмица и во Штип имаат по 2.450.000 денари, Велешкиот има добиено 2 милиони денари, а Охридскиот тетар доби само 1.600.000 денари.

 

Слични статии

Напишете коментар

Вашата е-пошта адреса нема да биде прикажана во коментарите. Задолжителните полиња се означени со *