Култура

Атиџе Муратова, пчеларката од „Медена земја“, ги освои срцата на скопјани

Македонскиот документарец, „Медена земја“ –  („Honeyland“) кој на престижниот фестивал „Санденс“ што се одржа во Јута, САД, беше прогласен за најдобар документарец и каде што овој филм освои три награди, (најдобар документарец, специјална награда за општествени промени и награди за снимателите Фејми Даут и Самир Љума), беше прикажан во киното „Милениум“ на три затворени проекции. Филмот ги исполни очекувањата: предизвика многу емоции па дури и солзи кај гледачите, но и голем интерес за главниот лик во филмот, Атиџе, која одгледува пчели во природни услови и која ја почитува природата и пчелите на кои им остава половина од медот што тие го произвеле. Преку оваа едноставна жена филмот ни ја пренесува пораката дека човекот и припаѓа на природата и дека ако не ја почитува во однос на искористувањето на нејзините ресурси, се нарушува природната рамнотежа. 

Атиџе Муратова по повод проекциите дојде од нејзиното родно место, Бекирлија, каде е снимен овој филм. За време на престојот во Скопје, таа е гостинка во домот на Тамара Котевска која заедно со Љубомир Стефанов се режисери на филмот. На Атиџе и претстои и патување во Истанбул на филмскиот фестивал што ќе се одржи ова лето. Таму Атиџе била во 1994 година со својот покоен татко, но има голема желба повторно да го види градот на Босфорот. 

Куќата на Атиџе во Бекирлија

 

На филмот пак му претстојат многу фестивали: на 28 март македонскиот филм ќе биде прикажан на 43. издание на Интернационалниот филмски фестивал во Хонгконг, по што следи престижниот Музеј на модерна уметност (MoMA) во Њујорк, каде филмот ќе се прикаже на 3. април. На 8 април ќе ја доживее својата официјална европска премиера на Филмскиот фестивал Visions Du Reel во Нион, Швајцарија. Следниот ден (9 април) е закажана проекција на отворањето на фестивалот „Магнифисент 7“ (Мagnificent 7) во Белград. На 13 април следува гостување во Лондон, во рамки на „Фрејмс оф репрезентејшн“ (Frames of Representation) во Институтот за современи уметности на Велика Британија.

Атиџе живеела цел живот во Бекирлија, заедно со нејзината мајка која починала на 28 јануари минатата година. Таа се грижела за неа којашто последните четири години ги поминала во постела. Во истата куќа таа пораснала и живеела со нејзиното семејство, мајка и, татко и’ и тројцата браќа. Отсекогаш одгледувале пчели. Постариот брат ја научил да собира мед од пчелите кои не живеат во кошници или сандуци за кои сме навикнале да ги гледаме, туку тие самите си наоѓаат дом, во карпи, во дрво, како што може да се види во филмот. Таа научила да работи со пчелите уште како дете и тоа го прави речиси 40 години. Како дете се плашела од нив, но полека, таа почнала да помага и така научила и повеќе нема страв од нив. Еднаш, вели таа, цела кошница и паднала во вратот, додека таа ги вадела од карпата за да ги пресели во кошницата. Ја искасале многу пчели, но за среќа ништо не и се случило. Ги извадила боцките и се миела со ладна вода и се се завршило со тоа.  Да те касне пчела е многу здраво, вели таа. Тоа е вистински лек и не ти требаат инјекции.  А медот што таа го произведува е оној вистинскиот, чист мед и е вистински лек. На оној кој јаде ваков мед, не му требаат лекарства. Таа вели самата си прави лекови со мед за најразлични проблеми со здравјето. За настинка или ако те боли грлото е доволно една лажичка мед во топла вода со малку лимон ако се има. 

Атиџе никогаш не била мажена и таа нема деца.Кога Хусеин и Љутвие и нивните седум деца,  се стационирале покрај нејзината куќа, таа била радосна што ќе има друштво и се зближила посебно со едно од девојчињата и едно од момчињата, коешто почнува да го учи за пчелите. И членовите од филмската екипа станале како нејзина фамилија. На почетокот таа мислела дека ќе ја снимат и ќе си заминат, но тие останаа три години.  

А дека Атиџе не е оставена сама и после завршувањето на филмот, зборува и информацијата дека за неа е купена куќа во селото Дорфулија, веднаш до Лозово, каде има 750 луѓе од кои 120 Турци. Куќата е обедбедена со средства од продукцијата на филмот и дел од донации. Атиџе е многу среќна, затоа што како што вели таа, сака да прави муабет со луѓе. Дорфулија е околу 15 км воздушна линија, оддалечено од нејзиното Бекирлија кое е доста изолирано село. Атиџе на новата локација на живеалиште планира да сади тутун, а по мед ќе одела само напролет и наесен кога е време за тоа. 

 

Слични статии

Напишете коментар

Вашата е-пошта адреса нема да биде прикажана во коментарите. Задолжителните полиња се означени со *