Култура

„Некој бил тука“ е Роман на годината за 2018 година

„Некој бил тука“ на Николина Андова-Шопова, во издание на „Темплум“ е прогласен за Роман на годината за 2018 година, награда која ја доделува Фондацијата за промоција и унапредување на културата „Славко Јаневски“.

 

Престижното признание 18 години го доделуваше „Утрински весник“, а по згаснувањето на весникот во 2017, изминативе две години го доделува Фондацијата. За наградата одлучуваше жири комисијата во состав: Фросина Пармаковска (претседател и минатогодишен лауреат), поетот и академик Богомил Ѓузел, писателите Елизабета Баковска и Александар Прокопиев и новинарката Катерина Богоева, претставничка на Фондацијата.

На конкурсот пристигнале 36 книги, а во финалната селекција биле и романот, „Страв од варвари“ на Петар Андоновски, во издание на „Или-или“ и „Маџун“ на академик Влада Урошевиќ, во издание на „Магор“.

 „Некој бил тука“ е роман што се чита брзо и лесно, но истовремено е и приказна што не е ниту површна, ниту плитка. Тој е исклучително зрел и убедлив, тежок и емотивно напорен текст за читателот. Се работи за една долготрајна и мачна себеотуѓеност која, низ необична и нималку наивна игра со и во просторот, резултира во едно неопходно и неизбежно себесретнување“, стои во одлуката на жирито.

„Среќна сум за оваа награда, која изминативе години успеа да го задржи своето реноме. Меѓу добитниците на оваа награда има многу од моите омилени македонски писатели од повеќе генерации“, рече Андова-Шопова на денешната прес-конференција. Николина Андова-Шопова за својата прва поетска книга „Влезот е од другата страна“ ја доби наградата „Мостови на Струга“. Освен поезија, таа пишува и раскази, песни и пишува за сликовници за деца.  „Некој бил тука“ е нејзин прв роман. Свеченото доделување на наградата е закажано за10 април во Културно информативниот центар.

 

Автор:

Слични статии

Напишете коментар

Вашата е-пошта адреса нема да биде прикажана во коментарите. Задолжителните полиња се означени со *