Култура

Почина режисерот и професор Златко Славенски

Денес, (осми април) ненадејно почина режисерот Златко Славенски, потврди Факултетот за драмски уметности, каде Славенски беше професор и шеф на катедрата за театарска режија. 

Неверување и големо жалење предизвика веста за прераното заминување на Славенски, особено меѓу неговите колеги. кои се простија со него преку социјалните мрежи.

– Како бе така Златко? Уште не ми е верно! Беше супер човек, секогаш со огромно трпение за нас студентите! Ќе те памтиме по многу работи! Фала и почивај во мир… „Животот е сенка што чекори, артист беден што час, два се перчи на сцена, а потоа гине и не го слуша никој. Сказна е тој раскажана од идиот полна крик и бес што не значи ништо. Згасни, угаси се кусовечна свеќо…“ објави режисерката Нела Витошевиќ на нејзиниот ФБ профил.

 – Денес не напушти уште едно големо име на нашиот театар. Златко Славенски. Режисер и професор. Ретко добар човек и голем интелектуалец меѓу режисерите. Со него секој разговор беше длабока инспирација, а секоја соработка вонредно задоволство и уживање. Му благодарам за пријателството, укажаната доверба и провокативните актерски предизвици. Велеше дека сé e светлина, а сите ние остатоци од ѕвездите кои веќе не постојат. Нека му е вечна светлината и ѕвезден трагот кој го остави! напиша актерот Васил Зафирчев. 

– Често на предавањата ни велевте: “Живот проѓе као бела лаѓа”. И ете, вашиот помина пребрзо, професоре. Вечна слава!  напиша театарскиот режисер, Милош Андоновски
Златко Славенски (1966 – 2019)  
Славенски во богатата кариeра ги има поставувано текстовите на Шекспир, Гете, Пинтер, Горан Стефановски, Сашко Насев, Венко Андоновски.
 Меѓу насловите кои ги има поставено се: „Будење“, „Соларис“, „Папокот на светот“, а меѓу последните претстави му беа „Бесови“ во 2011 и „Сината птица“ во Македонскиот народен театар (МНТ) во 2014 и „Кавкаски круг со креда“ во Драмски театар во 2013.

Славенски беше во брак со актерката од МНТ Искра Ветерова. Неофицијално, на Славенски му се слошило за време на час со студентите, пренесе порталот Сакам да кажам.

Автор:

Слични статии