Култура

Ретроспективна изложба на Костадин Танчев – Динка

Утре во Даут пашиниот амам – Национална галерија – Скопје, (24 април среда), со почеток во 20, 30 часот, ќе биде отворена ретроспективната изложба на Костадин Танчев – Динка. 

Изложбата ќе ја отворат Дита Старова Ќерими, директор на Националната галерија, Роберт Алаѓозовски, национален координатор за развој на културата и меѓуресорска соработка при владата и Владимир Боројевиќ, ликовен уметник и дизајнер.

Професорот Костадин Танчев Динка во текот на својот повеќедецениски плоден работен и творечки век остави значаен белег во развојот на македонската уметничка сцена, и како ликовен автор и како ликовен дизајнер. На полето на применетата графика многумина го сметаат за водечки мајстор иноватор во наставата по дизајн, бележит сценограф, врвен изработувач на плакати и дизајнер на публикации. 

Водејќи се од значајната улога која Костадин Танчев Динка ја одигра на македонската современа ликовна сцена и неговото значење во контекст на афирмацијата на новите ликовни тендеции во македонската современа ликовна уметност, пред се во делот на ликовниот дизајн и применетата уметност, ретроспективната изложба има за цел да направи пресек на неговото ликовно творештво и на овој начин да актуелизира одредени појави и тенденции од историски, проблемски, тематски, стилски, но и тековни толкувања на модерната и на современата светска и македонска ликовна уметност. На изложбата ќе бидат претставени 90-тина дела (графики, плакати, слики, логоа) од сите творечки фази на авторот. 
Кустоси на изложбата се Маја Неделкоска Брзанова, Маја Чанкуловска Михајлоска и Горанчо Ѓорѓиевски.

Костадин Танчев е роден во 1940 година во Валандово. Училиште за применета уметност завршил во скопје во 1961 година. Од 1961 година студира на академијата за применета уметност во Белград, а по завршувањето на првиот степен, по препорака на Универзитетскиот совет на Белградскиот универзитет во текот на 1963-1964 година престојувал на специјализација во Лондон. За време на студиите во вториот степен бил во класата на професорите: Миха Петров, Богдан Кршиќ и Милош Ќириќ. Како студент во петтата година учествувал на меѓународниот конкурс за визуелна комуникација, организиран од Меѓународната организација на графички дизајнери ИКОГРАДА. Меѓу многуте учесници од повеќе земји влегол во најтесниот избор на десетте нaјдобри. Уште како студент членувал во Друштвото на УЛУПУс и ИКОГРАДА. Во состав на дипломската работа го реализира првиот анимиран филм на академијата за применета уметност во Белград.

Од 1969-1970 година работи во секторот за економска пропаганда (маркетинг) во НИП „Нова Македонија“. Од 1973-1975 година престојувал во Париз каде што излагал во повеќе галерии. Во 1975 година излагал на изложбата „50-те млади надежни сликари“ на Мајскиот салон „Дефанс“ во Париз. По враќањето од Париз, од 1975 година, продолжува да работи како раководител на секторот за графички дизајн и ентериер во Културно-информативниот центар во Скопје. Во периодот од 1978-1981 година активно учествувал во научните истражувања и реализацијата на новите форми на културна комуникација и творештво, што се изведувале во рамките на Естетичката лабораторија на Филозофскиот факултет при Универзитетот „св. Кирил и Методиј“.

Од 1985 година е избран за наставник на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, во графичкиот оддел по предметите цртање и графика со графички техники. истовремено, во овој период е ангажиран во изведувањето на наставата во насочениот дел од студиите, во насоката графички дизајн и под негово менторство, со успех се одвива наставно-образовниот процес по опрема на книга и илустрација, фотографија, визуелни комуникации, плакат и графички стандарди. Со студентите од трета и четврта година, на насоката графички дизајн учествувал на поголем број републички конкурси за визуелни комуникации на кои се добиени повеќе награди. Учествува во реализацијата на издавачката дејност на Факултетот, особено во издавање на Графичката мапа на професорите на ФЛУ во 1987 година, публикацијата по повод десетгодишниот јубилеј на ФЛУ, студентската мапа од 1986 година и поголем број каталози и идејни решенија за потребите на Факултетот.

Слични статии

Напишете коментар

Вашата е-пошта адреса нема да биде прикажана во коментарите. Задолжителните полиња се означени со *