Култура

500 години од смртта на Леонардо да Винчи

Леонардо ди сер Пјеро да Винчи е италијански сликар, архитект, пронаоѓач, музичар, вајар, мислител, математичар, инженер, кој епохата на ренесанса ја издигна на поедестал на најубавиот период на човечката историја. Тој се смета како идеал  на човек од ренесансата и универзален гение. Бил фасциниран од мистеријата на човековите лица и можноста за читање на „душата низ движењата на изразот на лицето. Портретот на жената на познат фирентинец „Мона Лиза“ е познат по таинствениот израз на лицето на портретираната дама. Овој портрет е прв психолошки портрет насликан во историјата, и затоа се дава толкав значај на ова дело. 

Науката и уметноста за Леонардо да Винчи биле работи кои си припаѓаат заедно. Всушност за него се припаѓало едно на друго. Тој бил љубопитен, сакал да го разбере светот и да ги спои своите научни откритија во својата уметност. Уште како дете седел со книга пред врата, ги набљудувал облаците и го запишувал она што го гледа. Подоцна, како повозрасен, тајно сецирал трупови за да го продлабочи своето знаење за човечкото тело, мускулатурата, коските и пропорциите.

Леонардо е роден на 15 април 1452 година во Анчиано, (починал во Франција – Амбоаз, 2. мај 1519 во областа Винчи во Тоскана. Неговите родители, нотар и 16-годишна слугинка, не биле во брак. Поради тоа Леонардо пораснал кај дедо му. Многу сакал да црта и му успеало да влезе како ученик во работилницата на реномираниот вајар Андреа дел Верокио. Тој креирал дела за Медичи, познато трговско и банкарско семејство, кое со својата моќ и пари со децении ја контролирало Фиренца. Леонардо на тој начин влегува во повисоките кругови и станува член на Св. Лука, уметничко здружение во Фиренца. Тој внимателно и темелно сликал портрети и слики на Богородица. Дел од сликите неколку децении ги чувал во својата работилница и постојано ги доработувал. Неговата најпозната слика, која со години ја носел со себе каде и да патувал, е светски познатата „Мона Лиза“, која денес е изложена во парискиот музеј „Лувр“. 

Со замислено тажен поглед или самоуверени – жените имале големо влијание врз него, додуша само на платно. Лично бил заинтересиран за мажи. Ги прекршил конвенционалните правила и со начинот на цртање портрети. Наместо дамите да се цртаат во профил, како што било вообичаено за тоа време, ликовите од сликите на Да Винчи гледаат директно во вас.

Сестран гениј

Не е фер да се зборува за Леонардо само како за сликар. Од една страна, бидејќи тој и нема оставено многу слики зад себе. Денес може да се каже дека само неколку десетици се со негов потпис. Од друга страна, има огромен број на негови скици и студии за анатомија, текстови напишани во форма на рефлексија од огледало и скици за конструкција, кои немаат никаква уметничка позадина, како на пример дизајн за тенкови, авиони или опрема за нуркање. Тој конструирал и мостови и дизајнирал цел град. Поголемиот дел од неговите идеи никогаш не биле реализирани.

Фиренца, Милано и Рим, главните градови на ренесансата, биле неговите омилени места за работа. Таму наоѓал клиенти, богати семејства, па дури и Папата. Во 1516 година францускиот крал Франсоа I го поканил кај себе, одлично го платил и му ја дал сета слобода да им се посвети на своите проекти. Меѓу другото, негова задача било и да организира забави и фестивали. На 2 мај 1519 година овој сестран гениј починал во замокот Кло-Лусе – според легендата во рацете на францускиот крал. Низ Европа годинава има бројни изложби посветени на животот и делата на Леонардо да Винчи. Музејот „Лувр“ во Париз есенва ќе направи и изложба – ретроспектива. Од 24 мај до 13 октомври над 200 слики и скици ќе бидат изложени во Бакингемската палата во Лондон.

Дел од текстот е преземен  од DW

 

Автор: