Култура

„Медена земја“ доби директна кандидатура за „Оскар“ за најдобар документарец

„Медeна земја“ е прогласен за најдобар интернационален филм на 21. издание на престижниот „Докавив“ – Филмски фестивал на документарци во Тел Авив, Израел. Признанието им беше врачено на режисерите Тамара Котевска и Љубомир Стефанов. Според правилата на американската Академија за филмска уметност и наука, „Медена земја“ го исполнува едниот од двата услова за директна кандидатура, а тоа е да победи на еден од фестивалите што се на квалификационата листа на Академијата, како што е „Докавив“.
Стручното жири на „Докавив“, кое едногласно одлучи да го награди филмот со оваа висока награда, во своето образложение ја истакнува неверојатната наративност и кинематографија со која се прикажува една заедница која живее на маргините на општеството и оди уште подалеку станувајќи фасцинантен портрет на една извонредна жена. Жирито беше поттикнато од интимната медитација за кршливоста на човековото постоење во неговата длабока поврзаност со природата.
– Од животот на главниот лик во филмот, Хатиџе Муратова, која веројатно е последната пчеларка во Европа што сѐ уште го извлекува медот од природни колонии и се труди да не го наруши природниот баланс со човечката ненаситност, бидејќи ако еден го скрши правилото, сите ја плаќаат цената, умешноста на филмската екипа успева на визуелно раскошен начин да ја покаже нејзината магична виталност и бескраен оптимизам во секојдневните борби со предизвиците што произлегуваат од „надворешниот“ свет – стои на интернет-страницата на фестивалот. 

Филмот, кој е во продукција на „Аполо филмс“ и „Трис филмс“, покрај другите награди имаше голем триумф на фестивалот во Санденс каде што освои три награди, Гран при за најдобар документарец, награда за најдобра кинематографија и специјална награда од жирито за влијание за промена.

Слични статии

Напишете коментар

Вашата е-пошта адреса нема да биде прикажана во коментарите. Задолжителните полиња се означени со *