Култура

Министерот за култура Асаф Адеми поднесе оставка поради здравствени причини

Министерот за култура, Асаф Адеми, денеска, на свиканата прес конференција за новинари, поднесе оставка од функцијата поради здравствени причини. Одлуката ја соопшти во седиштето на партијата, обраќајќи се на албански, па потоа на македонски јазик.

  • Денес сум овде да ве известам за одлуката која ја донесувме заедно со претседателот на „Алтернатива“, и мој пријател Африм Гаши и другите колеги од централното претседателство. На последниот состанок на централното претседателство што се одржа на 22 април 2019 година јас побарав од претседателот и од централното претседателство да ми дозволат да се повлечам од функцијата Министер за култура. Моето побарување за повлекување е од здравствени причини, централното претседателство го прифати моето барање, но за да не влијаеме на изборниот процес на претседателските избори одлучивме тоа да го  објавиме по завршувањето на процесот. Во оваа прилика би сакал да изразам благодарност до претседателот на партијата и до колегите на централното претседателство кои ми дадоа полна доверба и поддршка, како и на сите други поддржувачи и соработници кои ја ценеа и помогнаа нашата работа околу Министерството за култура. Тоа беше предизвик за мене, да ја претставувам „Алтернатива“ на достоинствен и искрен начин и останувам оптимист дека успеав на оваа функција. Исто така сакам да истакнам дека ова политичко искуство уште еднаш ме научи една работа: Во животот пред се важен е образот! Немам потреба ниту да се кријам од никого, ниту пак да се жалам од никого.  Зборувавме за правда и јас владеев праведно, зборувавме за транспарентност и јас владеев транспарентно, зборувавме за морал и јас владеев со нула корупција, зборувавме за почитување на законот и денеска во Министерството за култура има унапредено десетици вработени кои никој со години никогаш не ги прашал од која политичка партија се.

Адеми го навлече револтот на јавноста по контроверзното доделување средства во годишниот конкурс на Министерството за култура. Тој дојде како кадар на скопското крило на Беса,  денешна „Алтернатива“, кога стана коалициски партнер во владата на Зоран Заев.

Функцијата министер за култура ја извршуваше од јуни минатата година кога го наследи Роберт Алаѓозовски. Асаф Адеми (39) е магистер по градежништво.

Слижената и формална оставка ја доставил до претседателот на Владата, господинот Зоран Заев и се до изборот на новиот министер за култура ќе продолжи да ја врши неговата должност, рече Адеми.  Како што соопшти Адеми, министерското место останува на „Алтернатива“. 

 

Слични статии

Напишете коментар

Вашата е-пошта адреса нема да биде прикажана во коментарите. Задолжителните полиња се означени со *