Култура

„Нови“ вредности

Многумина денес сметаат дека „културниот систем“ се соочува со криза на легитимитетот. Ова го признаваат дури и во културно најразвиените земји, односно – особено тие. На пример Велика Британија каде што, велат, се сè поочигледни: јазот / расцепот во државниот систем на финансирање (Arts Council England и Министерството за култура), радикалните буџетски кратења на нивото на локалната управа, панични тетеравења во инаку цврстото институционално функционирање итн. Познавачите (на пример Џон Холден) велат дека ова не е ништо ново туку трае веќе триесетина години односно дека политиката континуирано се мачи но не успева ефикасно да ја разбере културата. (Дури, како куриозитет, Департманот за култура, медиуми и спорт на Велика Британија јавно признава дека „не постои официјална владина дефиниција за културата“. Се разбира, тие пропуштиле да нè прашаат нас како најумни во светот, зашто ние ова го дефиниравме уште во 1998 година во монструмчето наречено Закон за културата!).

А ова не(до)разбирање помеѓу политиката и културата ни е нам итекако блиско. Ние дури немаме ни криза зашто никогаш и не сме имале нормален однос помеѓу културата и политиката. Најмалку денес. Што е тоа што политичарите не го разбираат? Не знам, тоа сепак треба да го одговорат политичарите, ама мислам дека еден од можните одговори е – апстрактното мислење. Или, прво, културата, за разлика од, на пример, здравството или образованието, е премногу хетерогена и се бави со предолги и прекомплицирани дефиниции. Како на пример: културата е комплексен систем на значења и однесувања кои што го дефинираат начинот на живот на општеството; таа практично ги обединува социолошките шеми на однесување, ги вклучува верувањата, традицијата, уметноста, институциите … и сите останати „производи“ на човековиот труд и мисла, итн., итн. Предолго бре брате и премногу замрсено. И второ, згора на тоа, секој дел од можните дефиниции подлежи на нови специфични додефинирања, сите по ред апстрактни речиси во секој поим / збор од дефиницијата. А политика и апстрактното мислење ретко одат заедно! Политиката сака – конкретно!

Ама, спомнатиот Холден вели дека има нешто што политичарите го разбираат во културата. Тоа е културната вредност! Не знам дали сака да каже дека тие разбираат сè што е „вредност“ само по себе односно во материјална смисла, или нешто малку попроширено, сеедно. Но зборот вредност ѝ дава и на културата некаква посебна магнетна аура, ѝ дава важност и значење кои што политиката се обидува да ги разбере! Тоа, секако, таа културна вредност не е баш нешто опипливо, иако може и да биде, не е нешто конкретно, ама дава основа за размена на мислења, за дијалог кој што инаку го нема помеѓу културата и политиката.

Но, оваа тема ја отворив во нејзината поширока, да речеме антрополошка и социолошка сеопфатност, а не во тесно културна (која никако не е за потценување). Односно, мислев на културните вредности во историска и социолошка смисла, на симболички вредности на едно општество, на духовните и естетските вредности … Или, на сето она кое само и сосема бегло се назира во нашите (сè поретки) дијалози, а безмалу никаде не е јасно формулирано или дообјаснето, особено од страна на компетентната политика. Да, правната држава особено е културна вредност, ама не е само таа и не може само таа да ја движи државата напред. И да, прогресот, оној што го потенцираше премиерот, е исто така културна вредност, ама како истиот се манифестира, со /во што, и има ли прогрес само во една-две области а ви сите други имаме регрес? Тоа се нашите потенцијални и неопходни разговори, дури и во времето на претседателските кампањи, а особено во времето на парламентарните и локалните избори.

И не само тогаш, зашто мислам деканајголемиот број луѓе во оваа земја не ги знаат основните културни вредности на кои што се темели државата зашто никој не се ни обидел да им ги објасни. Прашање е и дали тоа објективно го можат / умеат нашиве политичари, ама барем да се обидат, нели?! Или, кога се обраќаат на гласачкото тело – да, јас сум запнал на оваа тема, ама време е на претседателски избори а нон-стоп слушаме празни муабети – знаат ли воопшто во што верува Македонецот, Албанецот, Ромот … ? И не мислам на верувањето во религиозна смисла туку верувањето токму како општа културна вредност? Правна држава – да, прогрес – да, ама морал, чест, демократија, слобода … ? Важни ли им се, битни ли им се за нивните животи, за нивните семејства? ЕУ, НАТО … дали тие се замена или не дај боже компензација за вистинските културни вредности?

Експертите велат дека културните вредности се разликуваат од култура до култура. Се разбира, она што е вредност во Америка, не е во Европа, уште помалку е во Јапонија, или Кина. Ама кои се нашите (културни) вредности и зошто никој не им се обраќа, не ги легитимира на соодветен начин? Повторно – правна држава? Ок, ама изгледа дека кај нас е важно кој говори за неа. Ако тоа го прави некој друг, тогаш тоа е само „излитена фраза“? Ама кога излегува од устата на од господ дадената – тогаш е вистинската вредност? Ма дајте, ве молам. Исто како кога го озборувате Јосип Броз а сè уште живеете на неговото наследство!

Културната вредност на извесен начин подразбира не само рационално туку и емотивно „поврзување“, луѓето се „сплотуваат“ за општите вредности, па и гласаат за нив. Да, определбата (во политичка смисла) за десно или лево – а токму тоа го имаме сега, или така ни се претставува – е определба за една од тие две културни вредности. Значи ли сегашниот резултат на претседателските кандидати дека ние сме поделени фифти-фифти? Не сум сигурен.

Но, културните вредности во најширока смисла ги создава историјата / народот (особено преку митовите и фолклорот), ама во пократки (да не речам дневни) инстанци – денес – ги градат институциите и поединците. Од највисоките до најниските, од Собранието до еден локален музеј, од Владата до една селска библиотека. Не сум сигурен дека ова македонската политика целосно го прифаќа, уште помалку го имплементира. А прашање е и колку го разбира. Двете комисии што работат со соседите – Бугарија и Грција – работат всушност на „ревизија“ на културните вредности. Зашто не само односно особено не браќата Кирил и Методиј, па Самоил, Прличев, Делчев, НОБ … се исклучиво историски туку во најширока смисла се и културни вредности. Сигурен сум дека нашите претставници во овие комисии го знаат тоа, барем некои.

Оттука, разговараме ли/преговараме ли ние и за „усогласување“ на културните вредности со соседите? Не знам, тоа треба да го кажат надлежните. Или, јасно ли ни е дека кога велиме дека некогашниот Градски стадион во Скопје ќе се вика стадион „Тоше Проески“ ние создаваме нова културна вредност? Која што ќе трае колку што ќе трае односно додека не се најде некој повторно да го смени ова целосно несоодветно име. И што е целосно несоодветно, исто како што беше и „Филип Втори“, ама и таканаречениот „музеј“ на Тоше Проески во Крушево? Дури не сум сигурен дали, и колку зборот таканаречен, и наводниците, реално го отсликуваат тој скандал? Зашто, дали навистина еден млад човек, колку и да бил популарен, колку и да ни прираснал на срце на сите, дали тој, имено, покрај сè што е направено за него на државно рамниште, е токму таа релевантна културна вредност на оваа држава? Наспроти многу други, а зошто да не речам и повозрасни, посериозни, позаслужни, покомпетентни, повредни … ?! Како што, впрочем, беше апсолутно глупаво градењето на митот / култот кон Александар Македонски па згора и предлогот за именување на Универзалната сала (како некаков конгресен центар) со неговото име?!

Дали кога вака ќе се постават нештата политичарите разбираат за какви всушност културни вредности станува збор? Повторно – не сум сигурен.

Извор: Теодосиевски: За уметноста

Автор:

Слични статии

Напишете коментар

Вашата е-пошта адреса нема да биде прикажана во коментарите. Задолжителните полиња се означени со *