Култура

Предлог-законот за урбанистичко планирање е чудовиштето на д-р Франкенштајн – непоправливо е и со амандмански измени!

Новиот закон за урбанистичко планирање, предложен од владата на СДСМ – Социјалдемократски сојуз на Македонија претставува директно нарушување на целите и начелата наведени во самиот законски текст и ја отвора уште пошироко вратата на урбаната мафија, преку оневозможување учество на јавноста, со што се погазува начелото на заштита на јавниот интерес и се спроведува целосна елиминација на механизмите за партиципативна демократија, реагира Граѓанската иницијатива Охрид ЅОS  по повод одлуката донесена на 139 седница на Владата за делот поврзан со УНЕСКО, во кое се вели:

„Владата на Република Северна Македонија на денешната седница ја усвои информацијата за постапување по препораките на УНЕСКО и одлучи да продолжи со исполнувањето на релевантните препораки и одлуки на УНЕСКО, во насока на зачувување на статусот светско наследство на природното и културното наследство во Охридскиот регион. Притоа Владата го задолжи Заменикот на Претседателот на Владата на Република Северна Македонија задолжен за економски прашања, во соработка со Канцеларијата на Премиерот да формира работна група составена од функционерите на сите засегнати институции којашто ќе постапи по забелешките на УНЕСКО за анализа за алтернативна рута на железничката пруга долж Коридорот 8, како и рутата од автопатот А2 Требеништа – Струга, согласно наодите на Реактивната мониторинг мисија и релевантните препораки на УНЕСКО. Предлог решенијата треба да бидат доставени до Владата најдоцна до 15 јануари 2020.

Министерството за транспорт и врски, е задолжено во соработка со Националниот парк Галичица и општините Охрид, Струга и Дебрца да изработи инвентар на нелегални градби во Регионот и истиот да го достави до Владата најдоцна до први септември оваа година. Министерствата за животна средина и просторно планирање и за култура, се задолжени да изработат предлог План за управување со природното и културно наследство во Охридскиот регион, усогласен со Центарот за светско наследство на УНЕСКО, и истиот да биде доставен до Владата за усвојување, најдоцна до почетокот на декември 2019-та година. Истовремено, Владата силно ги охрабрува општините Охрид и Струга да ги исполнат препораките на УНЕСКО, со крајна цел Охридскиот регион и натаму да биде под закрила на УНЕСКО.“

Предлог-законот за урбанистичко планирање е чудовиштето на д-р Франкенштајн – непоправливо е и со амандмански измени! Мора да се сработи од почеток, без сечија желба и финансиски интерес да бидат преточени во одредба зашто така немаме закон, туку имаме правен лавиринт што води низ бесконечно апсурдните институционални ходници кои без исклучок завршуваат во ќорсокак за нас, обичните смртници, и секако, за скапоцената природа, се вели во реакцијата на Граѓанската иницијатива Охрид ЅО

Се најавува квази-суспензија на урбанистичко-плански документи со толку нејасни и недоречени одредби што таа суспензија ќе биде практично невозможно да се спроведе. Понатаму, се предвидува укинување на урбанистичко-плански документи кои произлегуваат од измената на Законот за просторно и урбанистичко планирање од 2013 г., и индикативно е зошто таквата одредба не важи и за други штетни урбанистичко-плански документи усвоени пред и потоа. Членот 58 од предлог-законот остава простор за тешки злоупотреби. Несмасно склопеното решение е јасен показател на намерата на законодавецот.

Најважниот урбанистичко-плански документ, генералниот урбанистички план, според новиот закон ќе се носи без јавна расправа. Јавноста ќе биде апсолутно исклучена и при усвојување на урбанистичко-плански документи за градби од „државно значење“, за кои никаде во законот нема наведено дали смее или не смее да се изведуваат во заштитени подрачја ниту дали може да поттикнат незаконско деградирање на зонирањето во заштитени подрачја како што беше случајот со Националниот парк Галичица.

Стратегиска оцена за влијанието на урбанистичко-планските документи врз животната средина и социјалните фактори повеќе не постои како контролен механизам во законот.

Стратегиска оцена за влијанието на урбанистичко-планските документи врз културното наследство никогаш не постоела како засебен документ, па ја нема ни во ова законско решение. Онаму каде што е предвидено формално учество на јавноста, дадени се прекратки административни рокови во кои е практично невозможно да се создаде квалитетно решение со оглед на фактот што не е само урбанистичко-планскиот документ тој кој мора да се даде на увид на јавноста, туку и стратегиските оцени за неговото влијание врз природата и културното наследство е задолжително паралелно да се понудат на јавната расправа за јавноста да може да донесе колку што може поинформирана одлука.

Самиот закон содржи контрадикторни одредби, а во извесен дел е во колизија со поврзани закони, особено со оние од доменот на заштита на животната средина и природата. Сосема „неочекувано“ повторување на практиките на претходниците на сдсм, нели?

Предвидени се неразумно ниски казни за службени лица кои ја злоупотребуваат својата положба (200 и 500 евра!), а за инспекторите кои несовесно си ја вршат работата не се предвидени никакви казни. Имајќи ја предвид финансиската корист од матни зделки во оваа сфера која достигнува и стотици илјади евра, наведените суми се повеќе од индикативни за целта и намерата на законодавецот.

Законот изобилува со манипулативни фрази чијашто улога е да остават впечаток на посветеност на добро законско решение, но уште на прв поглед е сосема јасно дека се само параван за суштинската трулост на овој закон чиешто спроведување ќе биде на досега незапаметена штета на јавниот интерес.

Евидентно е дека отсуствува секаков интерес и капацитет за конципирање визионерско законско решение со кое ќе се придонесе за одржлив развој на целата земја. Имајќи предвид несоборливи факти од долгогодишно студирање на стратешки економски пристапи, утврдено е дека еколошката одржливост без исклучок повлекува долготрајна социјална и економска одржливост и стабилен и рамномерен раст. Гентрификацијата и концентрирањето на капиталот и ресурсите кај поединци на штета на мнозинството од локалното население се главната причина за нерамномерен развој со принудна економска миграција како последица од тоа. Охрид има една од највисоките стапки на иселување на млади образовани луѓе кои би требало да се иднината на нашата земја, а не на некои други земји кои ние ги викаме развиени.

ОхридЅОЅ се обрати на јавната расправа по овој закон организирана во Собранието на 10 јуни 2019 година, од страна на Комисијата за транспорт, врски и екологија.

Нашите коментари на Законот ќе ги доставиме во писмена форма и секако ќе ги споделиме со јавноста, а потоа очекуваме од владата која вели дека е посветена на воведување европски вредности и создавање праведно општество, да ги прифати во целост нашите забелешки. Очекуваме министерството за транспорт и врски да го врати законот на доработка и да започне нова, бавна, транспарентна и инклузивна постапка, при која ќе ги вгради во конечниот законски текст сите издржани решенија и конечно, Законот ревносно и безмилосно ќе го спроведува.

Автор:

Слични статии