Култура

„Господ постои, името ѝ е Петрунија“ и „Медена земја“ во трка за наградата „Лукс“ во Карлови Вари

Филмовите „Господ постои, името ѝ е Петрунија“ на Теона Митевска и документарниот филм „Медена земја“ на Љубо Стефанов и Тамара Котевска влегоа во трката за значајната награда „Лукс“ на 54. издание на филмскиот фестивал во Карлови Вари. Во селекцијата од десет филмови на оваа програма што ја прави Европскиот парламент, Македонија е единствена земја селектирана со два филма.

Европскиот парламент, кој во континуитет ја поддржува европската кинематографија, десетте селектирани филмови за наградата „Лукс“ ги објави вчера, а истата ја соопштија Хелга Трупел, потпретседател на Комитетот за култура и образование на ЕП, Мартина Длабајова, потпретседател на Комитетот за буџетска контрола, и Дорис Пак, координатор на наградата „Лукс“.

За потесниот избор на десетте филма дебатирале 21 европски филмски професионалци кои внимателно за оваа година во финалната селекција вклучија четири филма на женски режисерки, два документарни филма. Половина од селектираните филмови се европски копродукции.

Според пропозициите, од десетте филмови три ќе бидат избрани како конкуренти за наградата „Лукс“ и таа ќе биде врачена на 27 ноември во Стразбур.

„Господ постои, името ѝ е Петрунија“ премиерно беше прикажан во официјалната програма на Филмскиот фестивал во Берлин, а „Медена земја“ освои повеќе награди на „Санденс“. Филмовите се поддржани од Агенцијата за филм.

Слични статии

Напишете коментар

Вашата е-пошта адреса нема да биде прикажана во коментарите. Задолжителните полиња се означени со *