Култура

Мелатонинот го регулира дневниот ритам на човечкиот организам

Улогата на мелатонинот во организмот е огромна. При недостиг на мелатонин, човекот почнува побрзо да старее: се акумулираат слободни радикали, се нарушува регулацијата на телесната тежина, што доведува до дебелина, кај жените се зголемува ризикот од предвремена менопауза, се зголемува ризикот од развојот на рак на дојка.
Важно е да се запомни дека мелатонинот во организмот не создава резерви, односно со спиење неколку дена однапред не се создаваат резерви на мелатонин. Важно е редовно да се придржувате до правилниот режим на спиење и будност и да внимавате на исхраната. Во организмот на еден возрасен човек секојдневно се синтетизираат околу 30 микрограми мелатонин или хормонот за сон. Исто така го викаат и хормон на животот и долговечноста. Научниците го имаат потврдено позитивното влијание врз човековиот организам и неопходността од овој хормон за нормален живот. 

Мелатонинот се појавува во човековиот организам на следниве начини:

– природно се произведува во самиот организам;

– се внесува заедно со одредена храна;

– се внесува во облик на посебни лекови и додатоци.

Создавање мелатонин во организмот

Мелатонинот го произведува епифизата (пинеалната жлезда).

Разгледувајќи го прашањето како се произведува мелатонинот, тоа најчесто се поврзува со епифизата. Под влијание на сончевата светлина, аминокиселината триптофан во организмот се претвора во серотонин, кој навечер се претвора во мелатонин. По неговата синтеза во епифизата, мелатонинот влегува во цереброспиналната течност и крвта. Така, за сите овие трансформации е потребно секој ден да се помине барем половина час надвор и да се биде изложен на дневна светлина. 

Количината на произведен хормон во епифизата зависи од периодот од денот: во текот на ноќта се произведуваат околу 70 отсто мелатонин во организмот. Треба да се напомене и дека производството на мелатонин во организмот зависи и од осветлувањето. При прекумерна дневна светлина, синтезата на хормонот се намалува, додека при намалена светлина се зголемува. 

Активното производство на хормонот почнува во околу 20 часот, а врвот на неговата концентрација, кога мелатонинот се произведува во голема количина, е периодот по полноќ до 4 часот наутро. Поради тоа, особено е важно да се спие во текот на овие часови во мрачна соба. 

За да го зголемите нивото на мелатонин по природен пат, треба да се придржувате до неколку важни правила:

  • да се трудите да одите на спиење пред полноќ;
  • ако треба да останете будни по полноќ, треба да водите сметка за придушената светлина;
  • да внимавате времето на спиење да биде доволно за обновување на силите;
  • пред да одите во кревет да ги исклучите сите извори на светлина, а кога е невозможно да се направи тоа, да користите маска за спиење;
  • при будењето во текот на ноќта да не вклучувате светло, туку да користите ноќна ламбa.

Научниците докажаа дека мелатонинот не се произведува само во епифизата. За да се осигури процесот на животно дејствување и регулацијата на ритамот на сонот и будната состојба, количината на произведениот мелатонин во човековиот мозок не би била доволна. Затоа се разгледува двокомпонентен систем за произведување мелатонин: 

-централен – епифиза, каде што синтезата на хормонот на сон зависи од промената на светлината и темнината и 

-периферен – останатите клетки, во кои производството на мелатонинот не е поврзано со осветлувањето. Овие клетки се распоредени по целиот човечки организам. 

Својства на мелатонинот

Основната функција на мелатонинот е регулација на дневниот ритам на човечкиот организам. Односно, благодарение на овој хормон можеме да заспиеме и да спиеме во мирен сон. 

Научниците утврдиле дека оваа супстанција има и други важни и корисни својства за човекот:

  • обезбедува ефикасна работа на органите на ендокриниот систем;
  • го забавува процесот на стареење на организмот;
  • му помага на организмот да се приспособи на промените на временските зони;
  • има антиоксидантно дејство;
  • му помага на организмот да се бори со стресот и сезонската депресија;
  • ја регулира работата на кардиоваскуларниот систем и крвниот притисок;
  • учествува во работата на дигестивниот систем;
  • влијае врз производството на другите хормони во организмот;
  • позитивно влијае врз мозочните клетки.

Мелатонинот во храната

Хормонот мелатонин се произведува во организмот при разновидна исхрана, која задолжително треба да содржи јаглехидрати, протеини, калциум и витамин Б6. Во некои прехранбени продукти мелатонинот е во чист облик, додека во други тоа се компоненти неопходни за негова синтеза. 

Зборувајќи за тоа во кои продукти има мелатонин во готов облик, задолжително треба да се наведат пченката, бананите, доматите, оризот, морковот, ‘рдоквата, смоквата, магдоносот, овесот, оревите, јачменот и сувото грозје.

Аминокиселината триптофан во големи количини се наоѓа во тиквите, оревите и бадемите, сусамот, сирењето, јајцата, млекото…

Со витамин Б6 се богати: бананите, оревите, кајсиите, гравот, сончогледот…

Голема количина на калциум има во мешунките, млекото, оревите, смоквите, зелката, цвеклото, сојата, овесните снегулки итн. 

Треба да се напомене дека производството на мелатонин во организмот запира при употреба на алкохол, тутун, кофеин и медицински препарати кои содржат кофеин, блокатори на калциумовите канали, бета-блокаторите, средства за спиење, анти-инфламаторни средства и антидепресиви.

Со текот на годините, количината на произведениот хормон на сон се намалува. Ова доведува до нарушување на спиењето: будење во текот на ноќта, слаб сон, несоница. Ако недостигот на мелатонин во младиот организам речиси не се чувствува, по 35. година тоа може да се одрази врз благосостојбата на човекот. 

Автор:

Напишете коментар

Вашата е-пошта адреса нема да биде прикажана во коментарите. Задолжителните полиња се означени со *