Култура

Доделени наградите на МакеДокс

Со проекција на македонскиот филм „Медена земја“ во Куршумли Ан, кој беше исполнет до последното слободно место, заврши 10. то издание на фестивалот за документарни филмови „МакеДокс“. Пред проекцијата беа објавени добитниците на наградите што ги доделува Фестивалот и тоа во пет категории: „Кромид“ за најдобар филм во Главната програма, „Млад кромид“ за најдобар филм од нов автор, „Сечкан кромид“ за најдобар краток филм, „Кокарче“ за најдобар филм од Студентската програма и наградата за филм со најдобри етички идеи. За наградите одлучија пет комисии составени од 15 еминентни странски и домашни автори.

Наградата „Кромид“ – за најдобар филм во главната програма ја доби филмот „Соло“, Чешка, Франција, Аргентина, Австрија/ 2019/ 84 минути на Артемио Бенки. Во одлуката на жирито во состав, Жири: Ен Жоржете, Инеке Смитс, Виктор Еде, се вели:

„Овој филм, кој е предводен од еден лик, успева да пренесе повеќеслоен свет на филмското платно. Преку необичниот пристап и хипнотизирачкиот стил, филмскиот творец ни ги открива маките на протагонистот. „Соло“ е смел и интимен портрет на еден надарен музичар кој се обидува да воведе ред во својот живот и претставува чувствителна филмска приказна за луѓето кои ги обележуваме како „луди“.

Специјалното признание во оваа категорија му беше доделено на шпанскиот филм „Град на мртовци“, 2019 – 55 минути на режисерот Мигел Ек. Филмот ги прикажува различните лица на смртта преку една група обични луѓе. Внимателно конструираната приказна и прецизната кинематографија на филмот умешно нуди едно алтернативно гледиште на т.н. „херој на мисија“ – наратив што е присутен во многу современи документарци. 

Наградата „Млад кромид“ – за најдобар филм на нов автор, жирито во состав, Винсент Дјутр, Виола Штефан, Ѓорче Ставрески, одлучи да додели на два филма, поради разноликоста во селектираните филмови од оваа категорија. „Тоа го отежна, но и разигра нашето одлучување. Затоа, би сакале да му се заблагодариме на целиот тим на ’МакеДокс‘ за овие прекрасни мигови на филмско уживање во Скопје. Како исклучок, одлучивме да доделиме две награди“, потенцираа од жирито: „Медена земја“, Македонија/ 2019/ 85 минути на  Љубомир Стефанов и Тамара Котевска. Поради убавината и силата на сликите, срдечноста при набљудувањето на непознатата и сурова реалност и поезијата во визуелниот пристап, решивме да ја доделиме наградата на восхитувачкиот филм „Медена земја“ на Љубомир Стефанов и Тамара Котевска. Вториот филм кој ја доби оваа награда е „Боговите на Моленбек“, Финска, Белгија, Германија, 2019/ 73 минути на Рета Хухтанен. Наградата е доделена поради остроумноста во снимателскиот избор, начинот на кој филмот ни дозволува да ги согледаме големите проблеми во современа Европа низ детските очи, без тронка иронија или лажна дистанца, поради елеганцијата во филмските слики и нежниот, внимателен пристап на режисерката при соочување со прашањата кои ги засегаат религиските заедници и глобализацијата

Наградата „Сечкан кромид“ – за најдобар краток филм му е доделена на „Нашата песна за војната“ Белгија, Колумбија/ 2018/ 15 минути,  Хуаните Родригез Онзага, од страна жири во состав: Ондреј Каменицки, Мартин Иванов, Анка Паунеску. 

Наградата „Кокарче“ – за најдобар студентски филм му припадна на „Ѕверот – воз со непознати“, Германија/ 2019/ 24 минути – Мануел Инакер во состав на жири, Јасмин Башиќ, Мартина Валентина Баумгартнер, Илеана Станкулеску. Ова не е уште еден обичен филм за миграција. Ова е силен филмски указ што прикажува длабока општествена и политичка посветеност со искрена почит кон протагонистите – млади луѓе со голема надеж, се вли во образложението на жирито. 

Специјално признание за филм од студентската програма доби „Слушај, брат!“ (Русија/ 2018/ 72 мин.) на Александар Елкан. Формата на овој филм восхитувачки ја отелотворува содржината на приказната. Режисерот ѝ го прикажува сопственото огромно искуство на публиката, зграпчувајќи нѐ со ритам и енергија

Награда за филм со најдобри етички идеи го доби филмот „Боговите на Моленбек“, Финска, Белгија, Германија/ 2019/ 73 минути на режисерката Рета Хухтанен, одлучи жирито во состав, Виван Сторлунд, Ристо Солунчев, Џон Периш. 

„Размислувајќи за етичките идеи во филмовите, сакавме да ја земеме предвид врската меѓу творецот на филмот и протагонистите. Во филмот „Боговите на Моленбек“, децата никогаш не беа безобѕирно следени или набљудувани од камерата. Сѐ е снимено од нивното лично гледиште – технички преку задржување на камерата на нивото на очите на децата и емоционално преку нивелирање на приоритетите на самите деца во филмот. Младите протагонисти од различно културно милје можеа слободно да си играат и да се тркалаат додека, во исто време, меѓусебно си ги истражуваа филозофиите и верувањата без предрасуди. А ние имавме прилика да ги споделиме нивните младешки оптимизам и отвореност – образложи жирито за Наградата за филм со најдобри етички идеи.

Слични статии

Напишете коментар

Вашата е-пошта адреса нема да биде прикажана во коментарите. Задолжителните полиња се означени со *