Култура

Јубилејниот 40. ИФФК „Браќа Манаки“ ќе се одржи под мотото „Кажи им на облаците“

На денешната четврта прес конференција посветена на јубилејното 40 – то издание на Интернационалниот фестивал на филмска камера, „Браќа Манаки“, кој ќе се одржи од 14 до 21 септември во Битола, беше објавен добитникот на наградата „Голема ѕвезда на македонскиот филм“ што ја доделува ДФРМ. Композиторот Љупчо Константинов е годинешен добитник на оваа награда што ја објави претседателот на Друштвото на филмски работници на Македонија, Игор Иванов – Изи. 

На прес конференцијата беше прикажан и видео спотот изработен по повод јубилејот на фестивалот, чија авторка е режисерката Дина Дума, кинематографер е Наум Доксевски, со актерката Наташа Петровиќ. Годинашното мото на „Браќа Манаки“ е „Кажи им на облаците“ /Tell theclouds

На прес конференцијата се обрати и градоначалничката на Битола, Наташа Петровска, која истакна дека фестивалот „Браќа Манаки“ е значаен не само заради тоа што го збогатува културниот живот на Битола, туку и дава додадена вредност на препознатливост во меѓународни рамки.

Таа рече дека годинава оштина Битола го поддржа фестивалот во делот на организација со 400 илјади денари, но и во делот на сместувачки капацитети за гостите во висина од околу 2 и пол милиони денари, што значи дека околу 3 милиони денари е финансиската поддршка што ја обезбеди општина Битола за годинашното издание на фестивалот „Браќа Манаки.

„Она што сакам да го нагласам е тоа што оваа година, Општина Битола успеа да обезбеди средства од 8 милиони и 600 илјади денари од министерството за култура за ентериерно уредување на киното Манаки што било започнато во 2013 година“, рече Петровска.

Директорката на ИФФК „Беаќа Манаки“ Гена Теодосиевска, информираше за познатите гости на годинешниот фестивал, режисерот Фатих Акин и кинеатограферот Рајнер Клаусман. Акин е добитник на награди како „Златна мечка“ во Берлин (2004) и Златен глобус за најдобар филм од неанглиско говорно подрачје (2017). Неговите филмови се исклучително познати и омилени кај македонската публика.

Селекторите на фестивалските програми информираа за насловите кои годинава ќе има можност да ги види публиката во Битола.

Благоја Куновски – Доре, уметнички директор и селектор на главната програма, откри само четири наслови од годинешната конкуренција на филмови чии кинематографери ќе се борат престижните награди. „Според традицијата, главната компетиција – Камера 300 и за јубилејното издание беше фокусирана на водечките фестивали. 12 – те филмови кои се во трката за Златната, Сребрената и Бронзената камера 300, беа избрани од три фестивали“. Седум од годинашниот Кански фестивал, три од Берлинскиот и два од фестивалот во Карлови Вари.

Бројките сугерираат дека Канскиот фестивал, според непишаното правило понуди најмногу филмови кои се интересни по своите авторски преокупации и доста од нив актуелни по содржинските проблематики и изразените кинематограферски квалитетит за нашата компетиција. Моите принципи се дека не се раководам дали некои филмови се лауреати на тие фестивали, туку дали тие се совпаѓаат со моите афинитети, тогаш ги потврдувам тие филмови и за нашата компетиција. Веднаш ќе откријам дека канскиот победник не беше мој тип, но затоа, според моите критериуми ги избрав трите фактички најдобри во компетицијата од кои едниот е моралниот освојувач на Златната палма. Кога ќе ги видите, самите ќе се уверите “, рече Куновски. 

Како најава за публиката, тој откри само четири атрактивни наслови од главната програма: првиот е кинескиот филм „Езерото на дивите гуски“/”THE WILD GOOSY LAKE”.  Куновски рече дека се работи за застрашувачка хроника на современото кинеско општество, со гангстерското подземје, што е цената на „прогресот“.

„Вториот филм е бразилскиот „Невидливиот живот на Еуридисе Гузмао“/”THE INVISIBLE LIFE OF EURIDICE GUSMAO”, драма за две сестри трагично разделени низ период од неколку децении во ефектна режија на Карим Ајнуз, со визуелно зашеметувачката мајсторија на една од водечките француски кинематограферки Хелен Лувар.

Го имаме и освојувачот на Златната мечка во Берлин, што како одлука на берлинското жири ја потврдив и согласен сум со тој избор, за разлика од канската Златна палма, тоа е израелскиот филм „Синоними“/”SYNONIMES” на режисерот Надав Лапид, внатрешна психо експлозија на млад Израелец, кој, бегајќи од својот идентитет, осамнува во Париз, а кинематограферот Шаи Голдман, неговата урбана одисеја ја следи како визуелен сведок.

Од фестивалот во Карлови Варие донесен германскиот филм „Лара“ на режисерот Јан-Оле Герстер. 

Селекторот на програмата Европски филмски перспективи, Слаѓан Пенев информираше дека во програмата се вклучени 17 филмови. 

„ Секако, покрај приказната, многу важен аспект за селекцијата беше и кинематограферскиот аспект, разбирливо, поради статусот кој го има оваа филмска компонента во нашиот фестивал. И конечно, но не помалку важно, се обидовме колку што е можно повеќе да вклучиме горливи социјални теми од современиот живот – сиромаштијата, маргинализираните лица, насилството врз жените и доселениците (малцинските етнички и религиозни групи), кои всушност ја потврдуваат и актуелноста на некои од најдискутираните етички дилеми во европските општества“, рече Пенев. Повеќе од половината од овие филмови се продуцирани во земјите од Југоисточна Европа, или поширокиот балкански регион. „Претежно ќе видиме драми и тажни приказни, но и понекоја весела тема и надреалистичен хумор, па дури и бизарно подигрување со самата филмска уметност“, додаде Пенев.

Ана Василевска, селекторка на изборот на македонските филмови соопшти дека од годинава на фестивалот „Браќа Манаки“ се воведува награда од публиката за најдобриот македонски филм. А програмата „Макпоинт“ ќе понуди 14 најнови краткометражни, документарни и анимирани филмови, за кои годинава фестивалската публика првпат ќе биде искрен оценувач на творечката работа, актерската игра, камерата, музиката, односно ќе може да се изјасни за својот комплетен филмски фаворит.

„Жанровската и тематската разновидност, која осцилира од ултра урбани и модерни приказни до тие кои се фаќаат за традиционални или интригантни теми од актуелниот општествен миг, ќе ни дадат јасен увид каде се насочени и авторите и ќе нè прошетаат низ нивниот сензибилен приод“, рече Василевска. Таа додаде дека последниот филм на неодамна починатиот Стефан Сидовски – Сидо, „Последното кафе“ премиерно ќе биде прикажан во рамки на оваа фестивалска програма.

Селекторот на Студентската програма, Ѓорѓи Пулевски информираше дека годинава програмата ќе трае подолго од вообичаеното, од 15 до 20 септември и ќе се одржува во малата сала на Центарот за култура во Битола.

„ Студентското катче при јубилејното 40-то издание на ИФФК „Браќа Манаки“ како и лани, така и оваа година ќе го задржи рекордниот број на поканети академии и гости, 15 филмски академии и нивните студенти од Македонија и од регионот ќе ја сочинуваат програмата кон која фестивалот „Браќа Манаки“ покажува сериозна  посветеност и искреност. А по проекциите на филмовите, програмата е дополнително збогатена и со кратки формални и неформални дискусии“, рече Пулевски.

Тој додаде дека во рамките на Студентската програма ќе се одржат три работилници: за филмската музика со Александар Трајковски, втората со филмски работиници од Финска и највозбудливата за студентите – со еден од добитниците на  Златна камера 300.

Гена Теодосиевска, која е и повеќегодишен селектор на Документарната програма претставуваќи го нејзиниот годинашен избор од 10 филмови рече дека светот е претворен во боиште на илузии и лажни вести, во парада на суети и разнишани вредности, прекршени ветувања и долги очекувања на невозможното.

„Затоа документарниот филм е важен, бидејќи ја исклучува пристрасноста и ни ја „истура“ пред нас реалната состојба на еден човек, една жена, едно дете, еден научник, еден татко, една нација, еден цел универзум. Затоа документарниот филм е толку фасцинантен, толку ужасно важен, меѓу останатото преку него имаме шанса да му погледнеме на ѕверот в очи и не само тоа, нашите поколенија очекуваат од нас да го уништиме, да го победиме. Затоа публиката и авторите на документарниот филм се разбираат меѓусебно. Нивните интеракции се надополнуваат, филмаџиите реагираат, публиката ја дознава вистината.  Во документарната програма на ова по многу нешта за мене посебно издание селектирав 10 документарни филмови кои се мала слика за светот. Нивната исклучителност очекувам да ја проверите, бидејќи еден од нив ќе ја понесе наградата на градот во кој со својата Камера 300 делувале двајцата браќа Јанаки и Милтон Манаки“, рече Теодосиевска.

 

 

Напишете коментар

Вашата е-пошта адреса нема да биде прикажана во коментарите. Задолжителните полиња се означени со *