Култура

Кај животните има природен систем за егзистенција и опстанок, додека луѓето ги усовршиле вештините на лажење, крадење и измама

Кулминација на првата половина на десетото издание на „Македокс“ беше мастер-класот на режисерот од Русија, Виктор Косаковски. На неконвенционален и луциден начин Косаковски зборуваше за состојбите во актуелното човеково општество, нагласувајќи дека во животинскиот свет има природен систем за егзистенција и опстанок, додека човекот ги создал атомската бомба, автоматската пушка Калашников, концентрационите логори, дека луѓето ги усовршиле вештините на лажење, крадење и измама, а нивото на сензитивност и емпатија им паднало толку ниско што веќе ниту нечие убиство не поттикнува никакви емоции.

Во однос на својата филмска работа тој демонстрираше правила по кои ги снима документарците. Потенцираше дека не треба да снима филм некој што сака да раскажува приказни, туку тој што има талент да покажува приказни. Објасни и дека некој што не знае да гледа, односно кој нема моќ да забележува детали, воопшто не треба да се занимава со филмската уметност. Неговото мислење е дека, ако некој со своите филмови сака да пренесува некаква порака што ќе го смени светот, тогаш тој е во заблуда, бидејќи филмовите не пренесуваат, туку покажуваат некаква порака.

Зборувајќи за филмот „Акварела“ истакна дека се снимало во екстремно опасни услови, дека во филмот е снимена смртта на еден човек, а при снимањето изгубиле една камера Алекса во океанот. Станува збор за високобуџетна продукција реализирана со шестчлена филмска екипа.

На прашањето како ја дефинира вистината, Косаковски одговори дека животот е поголем од вистината, бидејќи ја содржи и лагата. На крајот ја откри својата причина за снимање документарни филмови. Покрај традиционалниот метод на снимање кој содржи приказна, карактер и филмски јазик, авторот мора да создаде нешто што содржи магија, нешто што ќе го остави без здив, ќе го возбуди или вознемири додека го снима филмот.

„Снимајте филмови само ако самиот тој чин ве прави среќни!“ – поентираше Косаковски.

 

Слични статии

Напишете коментар

Вашата е-пошта адреса нема да биде прикажана во коментарите. Задолжителните полиња се означени со *