Култура

Влатко Стефановски и Кит Ричардс за отворањето на петтото издание на Филмскиот фестивал Скопје Синема Сити

Петтото издание на фестивалот за музички документарни филмови, Скопје Синема Сити, ќе се одржи во периодот од втори до седми септември на две локации,  во Музеј на Град Скопје и Кинотека на Македонија.  

На ова петто издание, ќе бидат прикажани филмови со теми поврзани со гитарата како инструмент. Во периодот од пет дена, публиката ќе има можност да види 10 филмови кои на уникатен начин ги прикажуваат авторите и нивните животи во однос на својот инструмент. Затоа и филмовите ќе бидат и жанровски шарени: блуз, рок, џез, авант-рок, поп, фадо. Филмскиот дел од Фестивалот ќе го отвори документарниот филм за Кит Ричардс „Под влијание”, којшто зборува за неговата љубов кон музиката, гитарата, Ролинг Стоунси и ги следи неговите сеќавања од средбите со неговите идоли.

Во музичко-изложбениот дел, во фокус ќе биде изложбата на Влатко Стефановски во Музеј на Град Скопје, која е насловена како „Патешествие”. Се работи за изложба на концертни и промотивни плакати од личната колекција и архива на Стефановски.  На изложбата  ќе има фотографии од неговите почетоци со ,,Леб и сол”  , како и готографии од  бројните солистички концерти и проекти.

Фестивалот е во организација на здружението Номад-Арт од Скопје, а визуелните решенија се дело на Дијана Димитриевска. Изложбата „Патешествие” ќе се отвори на 2 септември во Музеј на Град Скопје, а проекциите на филмовите ќе се организираат во Кинотека на С. Македонија почнувајќи од 3 септември. Изложбата и филмскиот дел се помогнати од Министерството за култура, Кинотека на С. Македонија, Музеј на Град Скопје, Гете институт.

Слични статии

Напишете коментар

Вашата е-пошта адреса нема да биде прикажана во коментарите. Задолжителните полиња се означени со *