Култура

Азиска премиера на „Врба“: редици за автограм од Манчевски

Час и половина чекаше тајванската публика во 20-метарска редица за автограм од режисерот Милчо Манчевски. Салите беа преполни и во тајванските медиуми имаше голем одглас азиската премиера на „Врба“ на филмскиот фестивал Златен коњ (Golden Horse) во Тајпеј, Тајван, еден од најголемите фестивали во Азија.

 Манчевски е автор во фокусот на фестивалот, и покрај премиерата на „Врба“, како ретроспектива прикажани се и неговите филмови „Пред дождот“, „Прашина“ и „Мајки“.

 После првиот ден имаше толку ловци на автограми што следните вечери организаторите подготвија посебна локација со биро и асистенти за редот на вљубеници во филмовите на Манчевски.  По премиерата на „Врба“, Манчевски имаше долга сесија прашања и одговори со публиката која искрено се возбуди од филмот, а следниот ден тој одржа и долг мастерклас во преполна сала. По повод неговата ретроспектива во Тајпеј, Синдикатот на филмски режисери на Тајван организираше и средба на Манчевски со нивното раководство и со младите режисери. Куриозитет на престојот на Манчевски во Тајпеј е средбата со најславниот тајвански режисер Цаи Минг-Лианг, со кого пред 25 години во Венеција го освоија „Златниот лав“. „Многу ми беше мило, не сме се виделе од Токио во 2001. И двајцата почнавме да правиме понеконвенционални филмови во меѓувреме, јас „Мајки“, „Бикини Мун“ и „Крајот на времето“, тој перформанс-филмови и филмови кои ги прикажува во музеи наместо во кино-сали. Си пуштавме парчиња од филмовите во прогрес на ајпед, се смеевме и шегувавме“, вели Манчевски за средбата со неговиот колега и пријател Цаи Минг-Лианг.

 

 По премиерата,„Врба“ имаше уште две проекции на фестивалот, а по три проекции имаа и неговите филмови во ретроспективата. Проекциите на „Врба“ минаа феноменално – од смеења и воздишки до долги аплаузи и комплименти потоа.

 Манчевски за првпат лично присуствува на фестивалот во Тајпеј, но неговите филмови се многу познати и ценети во оваа земја, а по „Пред дождот“ во 1995, сите играле и на фестивалот и во редовната кинодистрибуција во Тајван. Тие се редовен дел од наставата на филмските академии и други факултети во Тајван, а авторот има култен статус како уметник кој на оригинален и особен начин го поима и го третира времето во неговите филмови.

 

Напишете коментар

Вашата е-пошта адреса нема да биде прикажана во коментарите. Задолжителните полиња се означени со *