Култура

Доаѓа апокалипса на инсектите: повеќе од 60 истражувањa на светско ниво, укажуваат на опаѓање на бројот на инсекти и други безрбетници

Станува збор за невидена апокалипса. Бројот на инсекти рапидно се намалува и 41 отсто од видовите инсекти се соочуваат со изумирање, предупредуваат научниците. „ Ако ова масивно исчезнување продолжи, последиците ќе бидат огромни – вели Дејв Гулсон, професор по биологија на Универзитетот „Сасекс“ во Велика Британија и автор на новиот извештај за падот на бројот на инсекти.


– Три четвртини од нашите култури зависат од инсектите за опрашување. Жетвите ќе почнат да потфрлаат. Нема да имаме плодови како јаготки. Не можеме да нахраниме 7,5 милијарди луѓе без инсекти – вели Гулсон. 
Но, во извештајот стои дека сите можеме да дејствуваме како итна служба и да преземеме релативно едноставни чекори за да го запреме и да го смениме она што извештајот го опишува како „катастрофално опаѓање на бројот и разновидноста на инсектите“.
– Инсектите живеат во нашите паркови и дворови. Градинарите навистина можат да направат нешто околу тоа. Голем предизвик е да се приспособи земјоделството кон дивиот свет и да се намали употребата на пестициди. Тоа неизмерно би помогнало – нагласува Гулсон.
Германија и Порторико се соочуваат со драматичен пад на популацијата на инсекти. Глобалниот научен извештај објавен на почетокот на оваа година известува дека во просек бројот на инсекти се намалил за 2,5 отсто на годишно ниво, при што речиси 40 отсто од видовите се соочуваат со исчезнување. Во извештајот се наведува дека пет вида бумбари во Северна Америка имаат големо опаѓање во бројот и распространетоста во последните 25 години. Во Охајо популацијата на пеперутки е намалена за една третина.
Гулсон вели дека постојат повеќе од 60 истражувањa што укажуваат на опаѓање на бројот на инсекти и други безрбетници на некои места, но постојат и подрачја за кои нема податоци, особено надвор од Европа и Северна Америка.
– Информациите за популацијата на инсектите во тропските предели, каде што живеат повеќето инсекти, се оскудни. Можеме да шпекулираме само за влијанието што го има уништувањето на шумите во Амазонија, Конго или Југоисточна Азија врз животот на инсектите во овие области – стои во извештајот.

Постојат многу повеќе истражувања за птиците, кои често зависат од инсектите за храна, и тие покажуваат опаѓање на бројките во многу области – истакнува Гулсон. Загубата на живеалиштата е главен виновник за глобалното опаѓање на популацијата на инсекти, но употребата на пестициди во земјоделството и климатските промени имаат значително влијание.
Што можете да направите во вашите дворови?
Извештајот советува што да направат луѓето за да им помогнат на инсектите да опстанат. Во Велика Британија градините и дворовите на граѓаните се простираат на 430.000 хектари, односно на повеќе простор отколку што заземаат националните паркови.
-Користете ги тревниците поретко и оставете ги да процветаат делумно. Плевелите, како глуварчето, третирајте ги како диви цвеќиња и оставете ги да растат.
-Одгледувајте растенија како лаванда, кои привлекуваат опрашувачи, на пр., пчели и пеперутки.
-Направете хотел за инсекти или оставете струготини. Тоа ги привлекува инсектите и безрбетниците кои рециклираат хранливи материи и стануваат храна за птиците и малите цицачи.
-Ископајте езерце за да привлечете најразлични видови инсекти.
-Побарајте од локалните власти на улиците и парковите да посадат автохтони дрвја што цветаат и да засадат цвеќиња во просторот помеѓу два коловози.
-Избегнувајте користење пестициди и поттикнете ја власта да го направи истото.

Извор:Indexhr

Автор: