Култура

Промоција на стихозбирката „Небесна геометрија“ од Андреј Ал-Асади

Вечерва, со почеток од 20 часот во МКЦ, ќе се одржи промоција на стихозбирката „Небесна геометрија“ од Андреј Ал-Асади, во издание на ПНВ Публикации.. Промоцијата ќе биде придружена со музика од авторот на стихозбирката на гитара и Андреј Блажевски на клавијатура.  Улогата на модератор на промоцијата ќе ја има Јулијана Величковска, промотор ќе биде Ѓоко Здравески.

 

Андреј Ал-Асади несомнено е еден од најпрепознатливите гласови во младата македонска поезија. Се појави тивко со своето средношколско првенче „Midnight Blues“, а веќе со „Под дервишовото сиќе“ влезе во најтесниот избор за наградата Браќа Миладиновци на Струшките вечери на поезијата.

„Небесна геометрија“ е негов трет поетски ракопис, кој логично се надоврзува на претходната книга. Оваа книга изобилува со поетски слики што ги напаѓаат читателските сетила, со свежи, неизлитени метафори, мислата патува во сфери од човековата свест до кои ретко се стигнува, таа комуницира со древни знаења, а она што е напишано во песните е очигледно доживеано некаде во внатрешните светови на лирскиот субјект и тоа ги прави веродостојни и привлечни за читателот. Ако му се пристапи херменевтички на овој ракопис, во него ќе се откријат референции кон источната филозофија, онаа далекуисточната, индиската, но и референции кон арапската култура“. – Ѓоко Здравески

Андреј Ал-Асади е роден 1996 година, во Лондон. Дипломирал на Економскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Автор е на стихозбирките „Midnight Blues” (2014) и „Под дервишовото сиќе“ (2018). За збирката раскази „Друго минато“ во 2018 година ја добива наградата за дебитантски прозен ракопис „Новите“. Учествувал на повеќе поетски читања меѓу кои и на Струшките вечери на поезијата.

Автор:

Слични статии