Култура

Раскинати меѓу љубов и традиција

Моќта на актерот се состои во јавното изложување на неговата ранливост. Ако не е подготвен да ги изложува секојдневно и јавно грдотијата, стравот, слабоста, страста, тајните, болката, среќата, тој не би можел да се бави со оваа професија. И не само да ги изложува, туку и со нетрпение да чека можност да го прави тоа. Ако вака би се дефинирала работата на актерот, тогаш со радост можам да кажам дека оваа дефиниција до крај “цитирана” ја видов во пракса, во Врба на Милчо Манчевски.

Последниот филм на Милчо е она што верувам многумина филмски режисери од овие простори го бараат, но не секогаш им успева да го најдат. А умеат и добро да се правдаат. Велат дека немаме актери што би можеле да ги исполнат нивните замисли или “се вадат” на тоа дека филмови со силен емоционален набој и љубов на Балканот се режисерко “камиказе”. Неретко гледаме копии на филмски трендови или пропаганда, памфлет или филм со сочен мачо-балкански наратив. Врба е сè спротивно од тоа. Тој е македонски изворен филмски јазик, што лично сум посакувала да го видам.

Милчо напишал и снимил приказна за нас. Автентичноста на атмосферата во филмот е наше огледало во кое можеме да се видиме, и што е најважно – сами како публика да просудиме за себе и за своето место. Режисерот мајсторски успева (без да ни наметне каков било суд, мисла или идеја за нашето минато и сегашност), да ни даде филмски одблесок на она што го носиме во себе, и од кое нема бегање. Дали тоа ви се допаѓа или не, е друга работа и друга тема и за друго место за дискусија.

Автентичноста на приказните проследена најмногу низ ликовите и пејсажите, не може да не не’ допре. Можеме да се опираме колку сакаме и да се преправаме дека сме нешто друго, нешто инакво, но записот за нас во Врба е важна традиционална нишка, растегната низ минато и денешнината. Пустинските, бескрајни поетски доловени пејсажи на сушата како метафора за неплодноста, и дождот како нејзин контрапункт во првата приказна, се совршена подлога за драматичната љубов на Донка и Милан. Втората и третата приказна се поврзани на чудесен начин. Ја следиме бајковитата љубов меѓу Родна и Бранко, сместена во едно урбано милје, испогането од транзициските “вредности”, како еден брз обид да побегнеме од она што сме. Во исто време паралелно, со одлично режисерско-монтажерско решение, ја допираме и душата на Катерина што посвоила дете.

Сите три приказни пак, ги врзува непомирувањето со состојбата на неможност да се зачне дете. Згора на се’ – уште подраматичен е машкиот дел од филмот на оваа тема. Кај Милчо видовме уште една состојба, што отвора ново поглавје во машките ликови од нашето поднебје: мажот (од овие простори) може во себе да гори и да страда по чедо уште полудо и понерационално од жената!

Ќотекот и неконтролираната хистерија врз дете на два пати прикажани во филмот, говорат за човечката состојба на земање на животот здраво-за-готово. Ќотек од мајчината рака, кој првобитно во дамнината можеби произлегол од инстинктивен и неконтролиран страв од загубата на најмилото. За денес да се извитопери во транзициски отпад, во фрустрација, во некадарност да се справиме со новото време, додека длабоко во нас не’ кине традицијата (на раѓање). Во еден миг ви прелетува мисла за тоа колку е природата немилосрдна – дава кај што не треба, а одзема кај што треба да даде. Но од природата нема бегање. Исто како и од несреќата. Да беше се’ подеднакво во давањето и одземањето ќе бевме ускратени од она што всушност не’ движи низ времето и просторот и ни дарува уметност. А тоа се чувствата! На крајот на филмот останува да тежи прашањето, кое совршено кореспондира со денешното живеење: дали и зошто родителството треба да се третира како врвен животен дострел на жената и мажот, но и на љубовта?

Сите ликови во филмот се поврзани на мудар начин, и оние од дамнина и оние денес, но и меѓусебно. Неколку пати, додека тече приказната блеснуваат пред вас кратки секвенци, колку да ве задумаат, колку да ве навратат на тоа што минало, и да потсетат дека ништо не е случаjно во животот, а камо ли на филм.

Во Врба ќе видите одлична актерска игра без исклучок и раскош од емоции. Ризикот во кој Милчо се впуштил со актерите, не бил воопшто ризик, туку верба, љубов и професионалност. Најмногу од се’ – режисерско познавање на филмските можности и алатки. Mојата среќа е уште поголема зашто конечно имаме и филм за љубов – тема што ако не ја фатиш цврсто и не ја пуштиш под кожа, може лесно да премине во нешто друго. Дури и на “часовите” по глума пред камера, љубовта опфаќа важно поглавје. Лично се прашував дали некогаш ќе имаме филм во кој ќе ги видиме нашите актери емоционално и физички соголени, со сета своја ранливост на дланка ставена пред нас, за да ја поткрепам и потребата од таквите “лекции”. Или можеби за да го разбудам заспаниот инстинкт за сакање. И ете ја – Врба!

Можам да заклучам дека формулата за универзалност на филмскиот јазик, по чија потрага е секој режисер, на Милчо му била дома. Не се сомневам дека Врба ќе биде важен уметнички печат “од нас” за светот. Филм кој може да се чита, разбере, гледа и чувствува на многу (различни) начини зашто изобилува со слоеви и бара од вас да го погледнете барем два пати.

Автор: Синоличка Трпкова

Извор:Фејсбук профил на авторката

Автор:

Слични статии

Напишете коментар

Вашата е-пошта адреса нема да биде прикажана во коментарите. Задолжителните полиња се означени со *