Култура

Со филмовите „Ефектот на среќата“ на Борјан Зафировски и „Паразит“ на Bong Joon-ho стартува 18. „Синедејс“

Со премиера на филмот „Ефектот на среќата“ од Борјан Зафировски, ќе стартува годинешното 18 издание на Фестивалот на европски филм „Синедејс“, утревечер, на седми ноември во киното „Милениум“. Полнолетството, како што беше објавено на првата прес конференција, ќе се одбележи со најдобрите филмови од европските фестивали од изминатава година, како и со многубројни гости кои ќе го посетат фестивалот. 

Филмот „Ефектот на среќа“ на Борјан Зафировски, со кој се отвора „Синедејс“, е урбана драма за универзалната потрага по среќа и смислата на животот. Филмот ја раскажува приказната за Леа, млада девојка, која се бори за своето здравје. Додека си го преиспитува животот, започнува необична потрага по среќа и почнува да го согледува влијанието што го има врз другите луѓе.
Вториот филм на отворањето е „Паразит“ на Bong Joon-ho, чија приказна зборува за четиричленото семејство на Ки-таек кое е блиско, но сите се невработени, со нејасна иднина пред себе. Синот Ки-ву е препорачан од негов пријател, студент на престижен факултет, да држи часови, работа што е добро платена и која создава надеж за редовни примања. Носејќи го товарот од очекувањата на целото семејство, Ки-ву оди на интервју во домот на семејството Парк. Кога пристигнува во куќата на г. Парк, сопственик на глобална ИТ-компанија, Ки-ву ја запознава Јеон-кјо, убавата млада дама во семејството. Но по оваа прва средба меѓу двете семејства, следи незапирлива низа од незгоди.

„Веруваме дека „Ефектот на среќата“ како првата проекција на полнолетниот Синедејс ќе ни донесе и среќа и задоволство за време на целиот фестивал, кој годинава има неколку куриозитети на кои сме горди. Се радуваме на сите домашни филмови, придружувањето кон прославата на 50 години Монти Пајтон и новитетите кои ги воведуваме, а меѓу нив ново востановената награда за музика за филм.“ – вели Маргарита Арсова, главен програмски координатор на фестивалот.

Филмовите се селектирани во неколку програмски целини,  Гала програма, Синебалкан, Кратки филмови, Официјална програма, македонски кратки филмови, студентски филмови.

Во фокус на ова 18. Издание на „Синедејс“ е „Монти Пајтон“, кој годинава слави 50 години од формирање на колективот. Оваа година, на Синедејс, доаѓа продуцентот на нивните филмови, Стив Абот, кој ќе одржи мастер класа за студентите и за пошироката публика. Во рамките на посебен настан насловен „Оф Синедејс“ ќе бидат прикажани петте филмови што ги има снимено оваа легендарна британска група. На Стив Абот, кој беше менаџер на „Монти Пајтон“ од 1979 до 1997 година, ќе му биде врачена наградата за животно дело.

За прв пат оваа година, воведуваме нова награда, а тоа е Наградата за најдобра филмска музика на авторски филм, каде што жирито во состав: Александар Пејовски, композитор, Дарија Андовска, композитор, пијанист и музички автор, како и Влатко Галевски, филмски критичар, ќе одлучи за најдобрата музика на филм од компетитивните селекции. Воведувањето на оваа награда за нас претставува менување на курсот на фестивалот, дистанцирање од вообичаените практики на сите европски фестивали (наградите за најдобар филм и режија) и свртување на фокусот кон третирање на авторите во филмот, чија работа е помалку застапена во листата на наградени низ останатите фестивали.

Гала проекциите ги носат најдобрите остварувања на европскиот филм: Џим Џармуш со „Мртвите не лажат“ (“The Dead Don’t Lie”), „Дождлив ден во НУ“ (“Rainy Day in NY”) на Вуди Ален, Бонг Џун и неговиот кански победник „Паразит“ (“Parasite”), Кен Лоуч со „Се извинуваме, ни недостасуваше“, (“Sorry We Missed You”), Франсоа Озон и „Покрај божјата милост“ (“By the Grace of God”), “Wasp Network” во режија на Оливиер Асаес, „Златната ракавица“ (“The Golden Glove”“ на Фатих Акин, „ Офицер и шпион“ (“An Officer and a Spy”) на Роман Полански, „Младиот Ахмед“ (“Young Ahmed”)  на Дарден Брадерс , „Вистина“ (“Тhe Truth”) на Хироказу Коре Еда, „Болка и слава“ ( “Pain and Glory”) во режија на Алмодовар, берлинскиот победник „Синоними“ (“Synonyms”) во режија на израелецот Надав Лапид и други.

Во чест на 18-то издание, соработката оди дотаму што филмови од претходните изданија на „Синедејс“ се достапни преку платформата во специјална онлајн соба посветена на фестивалот. Од оваа година „Синедејс“ се приклучува и по примерот на големите фестивали нуди офлајн и онлајн програмски содржини, нудејќи им можност на оние што не можат да присуствуваат на фестивалот да гледаат дел од годинашните, но и од минатогодишните програмски содржини.

 Во Официјалната селекција и програмата CineBalkan, каде што жирито во состав: Владимир Ангелов, директор на Кинотеката на РМ, Маријана Гаивао, режисерка, Кјара Катерина, режисерка, Сања Дракулиќ, кастинг директорка, Наташа Петровиќ, актерка и Кујтим Чашку, режисер, ќе одлучат за најдобрите остварувања во двете селекции.

Во рамките на музичките документарни филмови, премиерно ќе биде прикажан филмот “Небеска тема”, филм посветен на животот и музиката на Влада Дивљан.. Закажана е и изложбата “Влада” на Горанка Матиќ, фотографка, која во текот на изминатите години ја следела неговата кариера. Тука е и премиерата на македонскиот музички документарен филм “Ќеиф” во режија на Блаже Дулев, филм кој го следи развојот на чалгијата во Македонија. Истата вечер е закаан коцерт на македонскиот состав Чалгии Мерак, „Tusta“ посветен на пејачот на групата КУД „Идијоти“, со промоција на книгата „Живот са Идијотима“, автобиографска книга на поранешниот басист на легендарниот панк состав од Пула – Ненад Маријановиќ, д-р Фриц, кој воедно ќе гостува во Скопје за промоцијата на книгата.

Од музичка програма, најавени се пет концерти: концет со бендот „Звук Улице“,  потоа е закажан концертот со техно музика,  на 13 ноември ќе се одри концертот со германскиот бенд „Дноутист“, а ќе има и концерт на „Чалгија мерак“ од Скопје. На програмата на придружни настани ќе се одржи заеднички аудиовизуелен проект, „Конфорт„ во кој МКЦ е дел од овој проект, со артисти од Франција, Белгија, Словенија и од Македонија. Од нашата страна настапуваат Јоана Ристеска на акустична гитара и на електрична и, Мартина Бараковска на тапани и перкусии.

И оваа година се очекуваат голем број на студенти од целиот регион: Грција, потоа од Словенија, Хрватска, Бугарија, Црна Гора, Босна… Идеата е да бидат стимулирани студентите од целиот регион да го посетуваат Фестивалот, на којшто се доделува награда за најдобар студентски филм, а одлучува жири комисија.

Програмата, македонски кратки филмови, пак им оддава почит на македонските млади филмаџии. Кратките филмови ќе бидат прикажани пред проекцијата на долгометражните филмови од официјалната селекција и СинеБалкан селекција.

Исто така како земја на фокус ќе биде и Швајцарија, земја којашто се јавува како продуцент на многу филмови, и токму и швајцарскиот филм е одреден за затворање на Фестивалот. Тоа е филмот „Beyond the horizon“ работен во македонско-швајцарска копродукција со француската актерка Летиција Каста, која ја игра главната улога во филмот.

Во придружната програма покрај концертите, ќе се одржат предавања и работилници. Оваа година доаѓа Сања Дракулиќ, кастинг директор,  којашто ќе одржи работилница за актери, како и една експертка по маркетинг на филм, Кристина Пеликани, којашто доаѓа од Грција.  

МК во ЕУ програмата традиционално ги прикажува најновите европски филмски остварувања во кои македонски продукциски куќи учествуваат како малцински продуценти, а тука ќе бидат прикажани најновото остварување на Дамјан Козоле, „Полусестра“, каде што малцински мк продуцент се „Сестри и брат Митевски“, „Глас“ во режија на Огнен Свиличиќ, каде што продуценти од Македонија се „Скопје филм студио“, „Покрај маглата“ во режија на Горан Паскаљевиќ на Сектор филм од Скопје и „Пијавици“ во режија на Драган Маринковиќ, каде што малцински продуценти од Македонија се Панк филм.

Во рамките на „Чешки денови“ на фестивалот ќе бидат прикажани четири филмови по повод одбележувањето на 30-годишнината од „Кадифена револуција“ во некогашна Чехословачка, кога и заврши комунистичкиот период во земјата. Во организација на Амбасадата на Република Чешка во Македонија, ќе бидат прикажани филмови посветени на овој период, со теми од таа тивка и ненасилна револуција, од борбите на чешкиот народ во минатиот век, подемите и падовите, влијанијата од комунизмот и одговорите на прашањата за националниот идентитет како и историските реалности што ги менуваат патеките на луѓето на различни начини. Почнувајќи од 2 ноември, сабота, ќе бидат прикажани филмовите „Чад“ во режија на Тонаш Ворек, ,,Граѓанинот Хавел“, режија: Мирослав Јанек и Павел Коутецки, и во недела ,,Времето на слугите“, режија: Ирена Павласкова и ,,Животот според Вацлав Хавел“, режија: Андреа Седлачкова.

Програмата на фестивалот ќе се случува во три кино сали, кино Милениум, кино Фросина и Џебното кино во МКЦ.

 Билетите се достапни на билетарница во МКЦ и кино Милениум и online преку bileti.mkc.mk

 

Напишете коментар

Вашата е-пошта адреса нема да биде прикажана во коментарите. Задолжителните полиња се означени со *