Култура

„Тајните архиви на Скопје”- краток филм за скриеното богатство на градот

Во Кинотеката на Македонија, на 13 ноември, премиерноќе биде прикажан краткиот филм за Скопје, насловен Тајните архиви на Скопје, со почеток во 18 часот. Ова е проект на НУФЦ „Вардар Филм“, со цел  да се зачувува и афирмира материјалното и духовното современо културно наследство на градот Скопје. Проектот е инициран, конципиран и координиран од Катерина Габунија, дигитализацијата и дигиталната обработка се на Александар Трајковски, обработката на тон е на Сашко Потер Мицевски, а гласот на Дарко Ристовски. Проектот е реализиран во соработка со Кинотека на Северна Македонија.

Колажот од видеа креира всушност лична, емотивна приказна за Скопје и Скопјани, раскажана низ четирите годишни времиња. Идејата на проектот е да не се влијае дополнително на материјалите, ниту пак да се врши измена во монтажата; туку да се прикажат истите во реално светло, онака како што неколку децении наназад биле првично монтирани и режирани од самите протагонисти.

Процесот на реализација на овој проект започнува со дигитализација на материјалите добиени по пат на јавен повик, потоа се преминува кон монтажа на слика и звук, како и проекција на краток филм за Скопје, каде главните протагонисти се обичните граѓани на Скопје. На овој начин, преку архивирање и дигитализација на стари филмски ленти (8мм и супер 8мм) од домашната архива на Скопјани се открива скриено богатство за животот во градот, но и се зачувуваат драгоцени документи, кои доколку не бидат дигитализирани, ќе исчезнат или ќе бидат дегенерирани и неупотребливи. Архивските снимки од Скопје кои до сега не биле видени ќе отклучат еден нов лик на градот што со децении бил скриен и заборавен во домашните семејни колекции. Тој во себе ги чува тајните на овој град и неговиот развиток во текот на децениите. „Тајните архиви на Скопје„ е проект подржан од Град Скопје.

Слични статии

Напишете коментар

Вашата е-пошта адреса нема да биде прикажана во коментарите. Задолжителните полиња се означени со *