Култура

Уметниците, во знак на протест кон лошата политика на Министерството за култура, наместо дела, поставија црна лента

На традиционалната годишна изложба на Друштвото на ликовни уметници на Македонија, ДЛУМ, годинава, уметниците, во знак на протест кон лошата политика на Министерството за култура, одлучија, наместо со нивни уметнички дела, да постават црна лента. Оваа поставка наместо изложба, беше отворена синоќа којашто е крстена Црна лента на Бели ѕидови. 
Црната лента, како што рече  претседателот на ДЛУМ, Филип Фидановски, на симболичен начин ја претставува лошата политика на Министерството за култура. На последниот конкурс за Годишната програма за национален интерес во културата, ДЛУМ од Министерството за култура доби пари за каталози, ама не и за изложбите за кои треба да бидат испечатени каталозите.  ДЛУМ побарало пари за шест изложби во 12 ставки, а Министерство одобрило 210 илјади денари и само 1 ставка, за која се потребни 44 илјади денари за подготовка и печатење на каталог.

„Со ова конечно го дигаме нашиот глас. Досега се сведуваше на тоа: ‘Аха, добро ќе средиме’, но нема веќе да молчиме. Со оваа црна лента на која уметниците испишуваа пораки синоќа сакаме да испратиме порака до Министерството и до комисиите да обрнат повеќе внимание на Годишната програма за 2020. Ликовната уметност е на дното. Ликовните уметници не земаат хонорари за своите дела. Државата не откупува дела, нема никави стимулативни мерки за уметниците. Порано се откупуваа дела и се поставуваа во државните институции, во Националната галерија, во Музејот на современа уметност. Државата нема никаков третман за уметниците“, рече Фидановски.

Тој додава дека нивниот протест се совпадна со штрајкот на Синдикатот на културата на Македонија (СКРМ), но дека се радува оти во еден ден културата беше во фокус на јавноста.

ДЛУМ ќе ја додели наградата „Нерешки мајстори“ за животно дело, во Уметничкиот центар АРТ ХАБ (ГТЦ 2 кат), а годинашна добитничка е Анета Светиева.

Автор:

Напишете коментар

Вашата е-пошта адреса нема да биде прикажана во коментарите. Задолжителните полиња се означени со *