Култура

Игор Јовчевски: Сепак ќе го направиме филмот за храбриот Марко од Охрид

Што човек треба да направи, а притоа тоа да не биде фаќање врски, за да добие средства и можност да работи и да снима филм, прашува Игор Јовчевски, кој годинава беше одбиен од Агенцијата за филм.  Тој и Драган Паковски, започнале со снимање на филмот, засега со работен наслов, Титан, за кој конкурираа за добивање на пари од Агенцијата и приложиле и снимен материјал заедно со обемната апликација. 

Се работи за документарец за 13 годишниот Марко Пејчиновски, кој се бори со својата болест, некроза на еден дел од коската на ногата, како резултат на пореметување на крвотокот. По  препорака од лекари почнал да плива, а во 2018 година, во август, Марко направи подвиг, кога преплива 25 километри во Охридското езеро. Овој настан го следеа многу медиуми и телевизии.    

-Ние не баравме пари за да заработиме од ова, туку сакавме само да го завршиме филмот. Во целиот овој процес ни требаат повеќе пари, за да бидеме скоро секој ден со Марко во Охрид, во интерес на филмот, а не како досега да одиме еднаш неделно или на две недели.  А и досега се сами финансиравме, од сместување, до изнајмување на дрон, кајче и се што е потребно. Цело лето снимавме и на крајот ниту симболична помош не добивме. А аплицирањето не чинеше 8000 денари, покрај документите што ги пополнувавме. После неколку месеци побараа електронски да им ги пратиме истите документи, за на крајот да не одбијат.

Игор Јовчевски и Драган Паковски првпат приложиле апликација до Агенцијата за филм. Досега никогаш не побарале пари од фондот.

  • Јас сум многу разочаран, претпоставувам дека никој не го видел проектот. Милион луѓе побараа пари и снимија сешто. глупости. Сметам дека навистина нешто е гнило во целиот овој процес на одлучување. Ние со апликацијата приложивме и снимен материјал. Не разбирам како функционира интерно тоа, но сум сигурен дека некои проекти што имаат добиено пари, не се стигнати до тоа ниво на кое ние сме стигнати со филмот.

Вели дека персоналниот интегритет е најбитен кај човекот, а ако го изгубиш каков и филм да направиш веќе не е битно. И покрај тоа што немаат добиено никакви средства, сепак тој и неговиот партнер се решени да го завршат филмот. Веќе размислуваат за следен чекор, а тоа е како самите да најдат пари, којшто е и најтешкиот дел во процесот на правење филм, на секој филмаџија, кога се работи за финансискиот дел. Засега размислуваат да обезбедат пари преку crowdfunding,

  • Ќе го направиме филмот преку crowdfunding, каде се става краток филм за она што сакаш да го снимаш. На секој оној на кого ќе му се допадне филмчето, може да вклучи во продукцијата и да донира пари кој колку сака. На овој начин се надеваме дека ќе собереме некакви средства, со кои ќе го завршиме започнатиот филм. Но, се запрашал ли некој зошто речиси никој не собира пари на овој начин? Затоа што овој поцес не е лесен, односно ова е многу тежок процес! Сите сакаат однапред да земат однекаде пари, каде се вклучени и нивните хонорари.

И покрај тешките моменти, што ги преживуваат, бркајќи ги сите работи околу организација и снимање, сметаат дека оваа е одлична приказна којашто ја носи Марко. Јовчевски вели дека го трогнала приказната за Марко, па така со својот колега од факултет, со Паковски, решиле да снимаат филм за ова храбро момче

  • Уште минатото лето, во 2018 година, кога Марко го преплива Езерото, мене не ми се веруваше како може едно дете тоа да го направи. Кога успеа да го преплива цело Охридско езеро, на свои 12 години, јас бев фасциниран. Ме освои тој момент дека ни треба некој  таков аплив, позитивен пример, борец,  а не цело време плачење дека се е црно… Марко е една светла точка во сето она што ни се случува, нешто позитивно. Тој е борец, се бори со тоа што е против него, тоа е болеста, но и не потсетува дека на сите нас може животот да ни подели  лоши карти. Многу дилеми се појавија во јавноста за тоа дали родителите го притискаат и му наметнуваат одлуки. Лично јас мислам дека не може родителот толку да му влијае а ние сме тука за да го видиме и забележиме и тој момент, да ја забележиме и таа страна, односот родител-син. Ние сме фасцинирани од кај доаѓа таа негова мотивација и тааа негова спремност да тренира 2 пати дневно по 2,5 часа, и тоа да го прави шест месеци. Марко секој ден поминува  по пет часа во вода. Докторите му препорачале пливање и тоа да биде како чиста терапија, но ова веќе отиде на нешто многу поголемо. Тој плива само со едната нога, што дополнително е тешко за него, но има голема енергија. Дури и ние не можеме да го следиме, немаме толкава кондиција да седиме цело време во кајчето и да го снимаме. Се разбира родителите го подржуваат во сето ова и тука има една многу добра приказна! Да се прикаже тој однос помеѓу родителот и детето и таа граница за која треба да знае родителот како да го задржиш авторитетот кај детето, но да не бидеш премногу авторитативен за да го угушиш.

Јовчевски објаснува дека за нив бил тежок моментот, како да пристапат до фамилијата на Марко Пејчиновски, кога ја донеле одлуката дека сакаат да снимаат филм за нивниот син.  

  • Нам ни беше тежок моментот кога одлучивме да разговараме со фамилијата на Марко и да им кажеме дека сакаме да снимаме документарец, бидејќи и родителите поминуваат низ оваа драма, и тие не се секогаш сигурни како треба, дали тоа што го прават е вистинското нешто, впрочем како и сите ние. Таа несигурност што не кажува на кај да се оди, е нешто нормално, таков е животот. Затоа не треба да осудуваш и да солиш памет како треба или требало да се направи. Во март, минатата година, разговаравме со таткото на Марко и му ја кажавме идејата. Тогаш, освен нас, му пристапија уште две продукции, МТВ и ОХО продукција. Тој не одбра нас. Марко заслужува да се направи добар филм за него, затоа што ова е добра приказна. Во светот не постои такво дете, коешто прави нешто што и нормалните не можат да го направат, специјалците од Америка донеси ги, нема да можат да го препливат Охридското езеро. А тој тоа го прави без професионален тренер, без подготовки, плива сам во придружба на татко му.

Игор Јовчевски завршил монтажа на факултетот во Скопје. Работел на неколку филма како монтажер, смета дека не е битно за ова пишување да се споменуваат. Но, тој последниве години развива алатки што ги користат филмаџиите, или со други зборови кажано работи на програмирање.

  • Може да се види колку аплицирале за документарен филм! Скоро ниту еден. Монтажата е многу битна во документарниот филм. Еве запрашајте се зошто повеќето кои работат филм, не сакаат да работат документарен филм? Истите пари ги добиваш и за документарен и за краток филм. Значи, за истите пари, ние ќе работиме две години, а некој ќе сними краток филм за две недели. Кога се снима документарен филм, се добива многу снимен материјал, за што потоа е потребно време да се прегледа и да се монтира, и тука е плус таа тежина во правење документарци. И „Медена земја“ е „направен“ во монтажа.

 Додека студирале, Игор Јовчевски на монтажа, а Драган Паковски камера, постоела многу блиска соработка помеѓу овие две групи на Факултетот, и велат дека и така треба да биде. Но денес, ситуацијата е поинаква. Кога побарале волонтери од Факултетот за да работи на снимање на филмот, а притоа да учи и да се усовршува, но немало ниту еден заинтересиран.  

  • Снимањето денес е многу упростено, поедноставно, поради напредокот на дигитализацијата. Но, од друга страна, го трга тој елемент на вештина, знаење и умешност, коешто се стекнува со работа и искуство. Денеска, скоро секој влегува во игра многу лесно. Порано ако некој требало да го помине периодот на усовршување и докажување, како на пример, да монтираш, па да осетиш како монтажата е тежок процес, сега со дигитализацијата, веднаш гледаш што е снимено.  Така, се добива чувство дека секој може да го прави тоа. Со тоа либерализацијата направи, и де факто направи, намалување на квалитетот на документарни и на играни филмови. Се работи повеќе, но тоа е со послаб квалитет, вели Игор Јовчевски

Автор:

Слични статии

Напишете коментар

Вашата е-пошта адреса нема да биде прикажана во коментарите. Задолжителните полиња се означени со *