Култура

На „Златна рамка“ ќе се прикажат 22 филма меѓу кои „Медена земја“, „Врба“, „Незаборавна пролет во заборавено село“…

Вечерва, во киното „Фросина“ во Младинскиот културен центар, ќе започне второто издание на ревијата на македонски филмови, снимани во изминатата година. Оваа ревија ќе трае три дена, 14, 15 и 16 февруари и, освен ви киното „Фросина“ одредени проекции ќе се одрат и во „Џебно кино“. За време на тридневната ревија, ќе бидат прикажани вкупно 22 филма, поделени во три категории: долгометражни, краткометражни и документарни филмови. И оваа година, публиката ќе има можност да се сретне со авторите после проекциите, да поставува прашања и да учествува во дискусиите во врска со филмовите. Во првиот ден од ревијата ќе бидат прикажани пет филма: од документарната програма се филмовите, „Приказна за една зграда“ во режија на Билјана Гарванлиева и нашиот најуспешен филм досега, номиниран во две категории за наградата „Оскар“, „Медена земја„ на Тамара Котевска и Љубомир Стефанов, потоа, „Господа од современа“ во режија на Ана Алексовска, „Театарот Скупи, во режија на Владимир Блажевски и, во 21 часот, од долгометражната програма, ќе се прикаже филмот на Куштрим Бектеши „Незаборавна пролет во заборавено село“.

Вториот ден ќе започне со прикажување на краткометражна програма во киното „Фросина„ во која ќе бидат прикажани пет филма: „Знак“ на Елеонора Венинова и Јона Розенкиер, „СК2020 “ на Радован Петровиќ, „Јас не сум Игор“во режија на  Сергеј Георгиев, „Идентитет“ на Ерман Мемеди и „Другарот“ на Димитар Оровчанец. Истата вечер ќе бидат прикажани „Врба“ од Милчо Манчевски и „Втора шанса“ од Марија Џиџева, од долгометражната програма и „Писмото ми го донесе шампионот“ во режија на Александар Манасиев и Мирко Трајановски. На третиот и последен ден од ревијата ќе бидат прикажани филмови од краткометражна програма: „Налепница“ во режија на Георги М. Унковски, „Бебето“на Бен Аполони, „Јов“,  режија Александар Андоноски, „Вера“ во режијана Верица Недеска, „Змијулче“ – режија Кристина Гацова, Жарко Иванов, Крсте Господиновски и „Една“ во режија на Вук Митевски. Од долгометражната програма, во истата вечер, ќе бидат прикажани филмовите „Господ постои, името и е Петрунија“, режија на Теона С. Митевска, „Ефектот на среќа“, режија на Борјан Зафировски и филмот од документарната програма, „(Ќеиф) Македонска чалгиска традиција“, режија на Блаже Дулев.

Во рамките на оваа манифестација ќе се одржи промоција на  брошурата, „Прирачник за филмаџии“, во издание на ДФРМ, а чиј уредник е Стојан Синадиновски. Идејата за оваа публикација, како што нагласи претседателот на ДФРМ, Игор Иванов -Изи,  е резултат од потребата за јазично стандардизирање на номенклатурата и усогласување на филмската терминологија во Македонија. Своја презентација ќе има и МЕДИА деск Македонија на тема „Како се евалуираат проектите на Медиа?. На вториот ден, 15 февруари, ќе бидат доделени наградите за најдобар филмски автор, филмски актер и филмски работник. На последниот ден од ревијата, недела, ќе  се одржи трибина со наслов „Жената во македонскиот филм“.

„ДФРМ е пред јубилеј од 70 години постоење и во 2020 година си постави предизвик да се отворат и решат некои прашања. На годинешната „Златна рамка“ ќе се  зборува за финансирање на македонскиот филм. ДФРМ се бори за стандардизирање на тоа што се нарекува буџет, којшто државата го одвојува за македонскиот филм, тој да биде дефиниран по терк на европските кинематографии, да биде пер капита и да не може било кој произволно да го дефинира буџетот, како што не може да се дефинира ниту во една европска земја. На овој голем јубилеј ќе се потенцира и статусот на филмскиот работник и начинот на којшто тој ги остварува неговите права во општеството. Овие две теми ќе бидат клучни за нас оваа година на Собранието на ДФРМ, коешто ќе се одржи во рамките на ревијата „Златна рамка“, изјави претседателот на ДФРМ, Игор Иванов Изи, кој нагласи и дека Македонија има филмски потенцијал којшто не смее да трпи штета, во смисла да се кратат парите. Годината што истече го покажа тоа, и следната што доаѓа, истото ќе го потврди. Се наоѓаме пред најголемиот успех на македонската кинематографија.

Проекциите за сите филмови се бесплатни. Организатор на „Златна рамка“ е Друштвото на филмските работници, во соработка со Агенцијата за филм и Младинскиот Културен Центар.

Автор:

Слични статии

Напишете коментар

Вашата е-пошта адреса нема да биде прикажана во коментарите. Задолжителните полиња се означени со *