Култура

Димитар Оровчанец: Срцето ми е тука, приказните што ги пишувам се автохтони од ова поднебје

Димитар Оровчанец студирал паралелно два факултета и завршил театарска режија и глума и филмска продукција на TCU Универзитетот во Форт Ворт, Тексас. Тој се потпишува како сценарист и режисер на краткометражни и долгометражни филмови, голем број ТВ реклами, кампањи, документарни филмови, музички спотови, телевизиски документарни филмови, ТВ емисии…. Средното го завршува во Оклахома, каде добива прва награда во ораторство на државно ниво, награда којашто му овозможува да добие целосна стипендија за факултетот. Љубовта кон филмот пак се развила кога бил средношколец во Скопје и член во филмскиот клуб Ед Вуд. На последното 40. Издание на Фестивалот „Браќа Манаки“, што се одржа во септември во Битола,  Димитар Оровчанец доби втора награда од публиката за краткиот филм „Другарот“, што е и повод за овој разговор.

 Како настана филмот и какви беа реакциите после премиерното прикажување во Битола?  

„Филмот „Другарот“ е инспириран од неколку вистински приказни. Еден аспект се моите двајца дедовци кои беа осудени и лежеа на Голи оток и тоа во ист период, секој со по едно новороденче дома, да не ти се верува.  Другиот аспект на филмот е приказната за еден постар човек кој сосема случајно го запознав пред десетина години. Низ муабет со него, а човекот сакаше да зборува за себе и за своето минато, сфатив дека е еден од оние кои го протераа едниот од моите дедовци на Голи Оток. „Другарот“ е впрочем приказна за тоа што се надевам му се случило на токму тој старец, мојата поетска казна за него. Сценариото е од пред 10 години, но морав да го сменам поради малата сума што ја добив од Агенцијата за Филм. Секако, после направените компромиси, сметам дека сепак успеав да ја доловам с’ржта на оригиналната приказна што ја напишав. Поентата во филмот е дека транзицијата никогаш не завршува и дека кармата, вака или така ќе те стигне, макар и поетски како во мојот случај, каде во филмот му пресудив на џелатот на моите дедовци. Филмот премиерно беше прикажан на „Браќа Манаки“ и доби втора награда од публика, што ми е многу драго. Најискрените критики ги добив од колегите чие мислење ми е најважно. Сега филмот оди на своето фестивалско патување.

Дека со малку пари може да се направи добар филм, го докажаа неколку наши понови филмови кои бележат успеси по светот. Кој е клучот според вас да се направи успешен филм? Едукацијата, или занаетот, т.е. искуството се пресудни во овој процес?

Правење филмови е занатска работа а занаетот доаѓа со работа и искусво. Работа со актери, камера, монтажа, како и пушувањето сценарија… така што, тие што многу уметничарат и се “големи“ уметници кои “никој не ги разбира“ не треба да се занимаваат со филм. Особено кога два-три пати по ред ќе направат лош филм. … се извинувам, ама тоа не оди така. Егото е страшна работа, особено кога не си ја знаеш работата. Во Македонија има добри филмски занаетчии, ама за нив како да важи правилото дека треба прво надвор да те признаат па тогаш дома, а би требало да е обратно.  И кога велат оваа или онаа партија е на власт, па овие или оние тогаш земаа пари, не е така… Во филмскиот свет во Македонија, којшто е микрокосмос од два-триста  професионалци, владее поинаква политика. Политика на его, на на ти го – дај ми го, на, работи со овој или оној, ако сакаш да работиш воопшто. Чест на исклучоците, како на пример Ѓорче Ставревски, кој речиси здравјето го  загуби за да сними филм, сам го продуцираше, сам го напиша, го режираше… Филмот испадна одличен. „Медена Земја“ и „Исцелител“ се доказ дека сè уште постои филмска култура во Македонија, или во најмала рака дека сè уште постојат прави занаетчии. Гледаноста од 20 илјади гледачи по филм, исто така зборува за тоа дека во Македонија се враќа културата на гледање филмови, што ќе повлече да се прават подобри филмови.

Твојата биографија бележи голем број на кратки филмови, реклами, спотови, телевизиски емисии и филмови, работите маркетинг, продуцент, сте биле сопственик на маркетинг агенција,… има ли уште нешто?

Уживам да пишувам сценарија. Тоа ми е прва љубов, уживам во пишување и тоа го правам постојано секој ден, без разлика дали е сценарио за филм, за серија или реклама. Работам многу адвертајзинг и маркетинг, од тоа заработувам, но немојте погрешно да ме сфатите – јас уживам во тоа. Филмот ми е прва љубов и тежнеам накај таа форма на креативно изразување. Токму заради тоа и снимам  реклами, како да не можам, а да не снимам нешто, па макар и лименки кои се вртат во slow motion.  

„Другарот“

Потписник сте на многу реклами и спотови… колку тоа ве одржува во кондиција, сепак се работи за мини филм, каде за кратко време треба да се раскаже одредена приказна и да се испрати одредена порака?

Кратката форма не е за потценување. Напротив, тоа знае да биде многу тешко да се сработи успешно. Снимањето реклами и спотови,  особено во Македонија, најчесто е придружувано со мал буџет и скоро секогаш фали време да се заврши спокојно.  Секогаш си во трка си со самиот себе и тоа е супер вежба на некој начин. Кога запишав филмска продукција, во првата година, прв проект беше да се сними реклама од една минута. Требаше да се осмисли, да се сними, и сето тоа да има смисла  и порака спакувано во една минута. Се вљубив во процесот и во трката со време уште тогаш и уживам во правењето кратки форми.

Како студент сте биле многу успешен, за што сведочат повеќе први награди, добиени на филмски фестивали!

Да, бев прилично успешен студент. Земав награди… Јас уживав да снимам и да се изразувам на тој начин. Не се трудев да бидам најдобар студент, туку сакав тоа што го работам да го направам најдобро што можам. Инаку, првиот краток филм што го снимав во Македонија е снимен во 2000 година, кога бев студент, Се вика „Куклена Претстава“. Кога го донесов филмот во САД , од факултетот беа пресреќни и секоја година ми даваа да снимам по еден краток филм на сметка на факултетот. Два од тие кратки филмови беа многу успешни и земаа награди на фестивали низ Америка, дури и Ненси Реган ми даде награда за најдобар студент по филм во државата Тексас.

Многу наши уметници, постигнале успех прво надвор од земјата, или снимиле филм со странска продукција, па потоа добиле зелено светло и кај нас. Дали е ова патот кон успехот, наместо да се чека со години?

Пари од надвор е идеалниот начин да се снима во Македонија, но за жал тоа е многу ретко, особено за дебитанти. Мојот прв долгометражен филм е снимен со странска продукција. Во градот кај што студирав, Форт Ворт, Тексас, се работеше документарен филм по повод еден од најдобрите три пијано натпревари на планетата – Ван Клибурн пијано натпревар, во чест на најголемиот Американски пијанист. Документарниот филм, кој подоцна зема многу награди низ светот, го продуцираше и режираше Питер Розен од Њу Јорк, инаку добитник на неколку ЕМИ награди и со номинација за Оскар. Јас бев препорачан од мојот професор да бидам едниот од камерманите на филмот. На мое изненадување, пијанистката која победи беше  едниот од двата субјекти што ги снимав. Низ деновите поминати со пијанистката, двајцата се зближивме, што пак му даде идеја на Питер Розен да отидам во Русија и да ја снимам Олга Керн и нејзиниот живот после големиот успех. Кога се вратив од таму, Питер доби идеја за филм, па така јас патував следните две години по светот, заедно со Олга на нејзините настапи по светот. Снимениот материјал го покажав во Министерството за култура од каде добив средства но под  услов Олга да дојде да одржи концерт и во нашата земја, “… и Македонија да биде дел од филмот“. За сумата што и беше понудена првично таа одби, па морав да ја убедувам. Концертот се одржа во црквата „Света Софија“ во рамките на „Охридско лето“.

Дали од оваа сегашна временска дистанца, сметате дека ако останевте во САД, покрај сите ваши успеси што ги постигнавте како студент, ќе направевте подобра филмска кариера, а потоа ќе ве прифатеа дома и ќе добиевте шанса да снимате долгометражен филм и кај нас?

Мене не ми е криво што си заминав од Америка, напротив. Не знам дали ќе се реализирав таму, но многу би сакал да се реализирам тука.  Гледајќи од оваа дистанца, после 14 години, се сомневам дека таму би пишувал сценарија како што пишувам сега дома. Срцето ми е тука, приказните што ги пишувам се автохтони на ова поднебје. Едноставно, го сакам овој јазик, ги сакам овие луѓе, си го сакам ова поднебје … Да останев во Америка, ќе требаше повеќе да измислувам, а помалку да вадам од себе, а мислам дека треба да биде обратно.

Во кој правец треба да се движи македонската кинематографија, за да биде поуспешна, филмови што ќе не претставуваат на врвни фестивали?

Успешните македонски филмови се оние кои се искрени и авторски. „Исцелител“ е очигледно многу лична приказна , „Медена Земја“ е правен слепо и со искрено. Ако не доаѓа од срце, нема да го биде. А овде повеќето филмови низ изминативе години се повеќе форма, отколку што се емоција, повеќе обид да се направи некој филм што веќе е виден, отколку оригинален филм со оригинална идеја, со чест на исклучоците. Сметам дека треба да им се даде повеќе шанса на младите, тие се подобра генерација од нас и од тие пред нас. Особено ако обработуваат модерни теми, автентични за нас,  сега и тука..

Дали имате свои омилени автори, од кои сте се труделе да научите…

Има периоди кога сакам еден автор, па потоа се обземам со некој друг … никогаш не се врзувам за еден… Кога бев средношколец  сакав да бидам Квентин Тарантино. Сега се обидувам да напишам сценарио какоза филмовите на Звагинцев или Мунгиу. Идниот месец најверојатно ќе најдам инспирација во некој комплетно различен автор. Инаку сум голем филмофил, гледам секакви филмови.

Што е следно?

Не знам што е следно, некоја реклама веројатно. Се надевам дека после 14 години конкурирање кај нас, ќе добијам можност да снимам долгометражен филм. Ќе видиме. Ако не, ќе отворам сендвичара.

Напишете коментар

Вашата е-пошта адреса нема да биде прикажана во коментарите. Задолжителните полиња се означени со *