Култура

Георги М. Унковски: Во тоа наше страдање има доста хумор, само треба да се пронајде

Георги М. Унковски завршил фотографија на Институтот за технологоија во Рочестер, САД, а потоа магистрирал режија на Универзитетот ФАМУ во Прага, Чешкаво класата на нашиот Иво Трајков  После завршувањето на американската гимназија „НОВА“  аплицирал на два факултета во САД: дипломатија и меѓународни односи и фотографија.

„Тоа беа две работи што ме интересираа тогаш, додека бев во средно училиште. Не ме примија на меѓународни односи, но ме примија на фотографија и така всушност започна мојот уметнички живот.  Покрај татко ми и брат ми заврши режија. А мене некако одоколу ми беше патот“, вели младиот Унковски.

Сцена од филмот „Пепи и Муто“

Твојот најнов филм „Налепница“ снимен 2019 година, беше прикажан на „Санденс“,  еден од значајните американски филмски фестивали, на 24 јануари, оваа година. Како беше примен од публиката и кои се твоите впечатоци?

Овој фестивал отсекогаш ми значел многу и сметам дека е апсолутна привилегија да се биде таму. Постои една неверојатна енергија, којашто треба да се доживее, а лично и јас ја почувствував таа  енергија од илјадници луѓе, вљубеници во филм, а се на исто место. Публиката изреагира многу позитивно, дури и на мое изненадување, и од тој аспект ми беше драго дека приказната им се допаѓа. Има нешто универзално во „Налепница“, нешто што не го очекував, така да кажам. На пример кога се прикажа во САД, на „Санденс“, публиката реагираше бурно, имаше доста смеење, а после проекцијата ми приоѓаа и ни кажуваа нивни слични случки. Тоа е земја, каде полицијата има огромен авторитет и многу луѓе се пронаоѓаат во таа пресија и таа бирократија.

Каде ќе продолжи фестивалскиот живот на „Налепница“

Потпишавме договор со дистрибутерска фирма од Франција, која застапува кратки филмови, такашто тие  го преземаат филмот и ќе водат сметка за негова дистрибуција по фестивали. Засега, филмот е примен на фестивал во Турција, потоа на фестивалот во Кливленд, на филмскиот фестивал во Флорида, на Московскиот фестивал… Чекам известувања и за други фестивали и, очекувам „Налепница“ да има долг фестивалски живот.

„Пепи и Муто“ е твој претходен краток филм снимен во 2015 година, трагикомедија со криминалистичка тема! И во двата филма имаш хумор кој е многу тешко да се прикаже, но ти тоа успешно го правиш на радост на публиката? Колку е тешко да се воспостави баланс помеѓу комичните и трагичните сцени во филмот?

Сцена од филмот „Налепница“

Па и тешко и не е. Мислам дека во тоа наше страдање има доста хумор, само треба да се пронајде. Тоа ми доаѓа природно и тоа го правам мене да ми биде смешно, и се надевам дека и на другите тоа ќе им биде смешно. Хуморот доаѓа од сериозноста. Апсурдите што ги има во моите филмови, најчесто се дојдени од ова тло и се инспирирани директно од реалноста. Во првата сцена од филмот „Налепница“ мене ми се има случено и тоа од збор до збор е пренесено во филмот.  „Пепи и Муто“ пак, беше правен како пилот проект за играна серија, но за жал се уште стои во фиока. Ликовите Пепи и Муто се стереотипи што сме ги виделе многу пати во филмови, но со македонски шмек, што им дава друга димензија.

Кај нас се снимаат кратки филмови, но нивното прикажување, по се изгледа, започнува и завршува на филмските фестивали!  Што треба да се преземе за кратките филмови да бидат видени од што поголем број на гледачи?

Сметам дека македонските телевизии треба да се активираат повеќе, особено националната, МРТВ. Од нивна страна треба посериозно да се заложат околу поддршката за домашните автори. Затоа што во цел свет така се прави. Кратките филмови што се снимаат се прикажуваат на националните телевизии. Додека овде не можам да кажам дека постои некаква поддршка за млади автори. Треба да постои стратегија и постојано да се дава простор на млади автори. Ова треба да важи не само за филм, туку и за музика на пример, ние немаме емисија за филм, или за музика…

На какви теми сакаш да работиш, кои теми те привлекуваат?

Интересни ми се, сам против сите како тема, интересно ми е кога средината е против главниот лик.  Овде не мислам на акциони филмови, туку да е запазен социјален аспект, повеќе реализам, луѓе кои не се предаваат, кои одат против сите,, кои одбиваатт да потпаднат на средината, така некако…

Зарем не сметаш дека во Македонија се помалку има такви ликови?

Да, токму затоа и треба да снимаме повеќе филмови со овие теми.

Имаш работено и на музички и рекламни спотови! Колку е важен овој креативен пат за еден млад режисер, во стекнување на креативна слобода и одредено искуство?

Да, мислам дека е добро за помлади режисери да прават спотови. Се вежбаат повеќе работи, како на пример организација на снимање, се учи комбинирање на звук со слика, што е многу важно, како за кратко време да се раскаже или да се долови некоја емоција, се учи монтажа.. . Но тоа не може да биде на ниво со краток филм. Спотот има конкретна функција затоа што постои заради песната.  

Си работел на двете хумористични серии кај нас, „Фчерашни новости“ и на „Преспев“.  Какво е твоето искуство и колку е твоето влијание како режисер во обид да се потенцира хуморот…

Со „Фчерашни“, работев од првата епизода некаде до крај на втора сезона.. На почетокот влегов многу внимателно, бидејќи ми беше прв пат да работам за телевизија. Имам огромна почит кон Бранко Огњановски,  му се восхитувам уште од мојата младост и ми беше  чест што тој ги имаше погледнато моите филмови и сакаше да соработуваме. На почетокот тој беше претпазлив со мене,  бидејќи, сака да излезе како што треба, според она што го замислил, додека за мене тоа беше едно феноменално искуство, пред се, поради интензивниот ритам на работа, нешто на што не бев навикнат. Сценаријата мора да бидат актуелни, и мислам дека е многу тешко да бидеш смешен, кога си влезен во тајминг, односно во даден момент.  На „Преспав“ работев на три епизода од последната сезона и тоа ми беше надвор од комфор зона. Работев со еден ансамбл кој добро функционира и тоа за мене беше едно прекрасно искуство со прекрасни луѓе.

Како ги бираш актерите? Дали тоа е најлесниот дел од целиот процес во правење на филм?

Обично кога пишувам имам некој актер на ум, но секогаш сакам да направам кастинг, за да ја преиспитам одлуката и се случило повеќе пати да ја сменам првичната одлука. Затоа што она што го замислуваш не е секогаш верно. И секогаш е важно да се преиспитаат што повеќе опции, за да нема грешка во одлуката, бидејќи знаеме да се фиксираме на некоја идеја и да ја тераме таа идеја, а реалноста да биде друга.  

Спомена дека имаш напишано 10 епизоди за серија, сценарист си и на споменатите два филма. Од каде тој порив за пишување, едноставно имаш идеја па сакаш да ја реализираш во филм!?

Во главно јас немам некој порив за пишување, тешко ми оди, но ако имам некоја идеја не ја заборавам, ми се враќа, едноставно ми смета така да кажам. Инаку, тоа започнува од некои мали елементи, може да биде некоја песна, музика, карактер или ситуација… Најбитно во пишувањето на сценарија е приказната да биде јасна кога некој друг ќе ја прочита, да има некоја логика во сето тоа што е напишано.

Имаш глумено и во повеќе филмови и стекнато искуство како актер!

Забавно ми е да се појавам некаде како актер, но не сум актер. Глумев доста, особено на факултет, одев и на некои кастинзи, играв во еден  шпански филм, кој беше надвор од факултетот. Можам да кажам дека моето глумачко искуство ми помага во комуникацијата со актерите, бидејќи понекогаш знае тоа да биде многу мачно и треба да се има разбирање за нив.

Кога одлучи дека сакаш да се занимаваш со филм?

Додека студирав фотографија, цело време правев кратки филмов и тогаш сфатив дека не ми е доволна фотографијата, дека сакам повеќе. Стекнатото знаење оттаму ми помага  во комуникацијата со кинематограферите,  и отприлика прецизно, до одредена мерка, знам како сакам да изгледа филмот пред да го снимам. Во Прага имав одлични професори, Иво Трајков е Феноменален педагог и тоа што го научив од него, мислам дека не би го научил на друго место. 

Кога се вратив тука, бев комплетен аутсајдер од филмските кругови, ми требаше време да се пробијам, да слушнат за мене и така, тоа траеше 2-3 години.

Кои се твои идни планови, на што работиш во моментот?

Моментално ја подготвувам апликацијата за долгометражен филм. Ако се оди според планираното, се надевам дека ќе можеме за две години да имаме нов филм.

Слични статии

Напишете коментар

Вашата е-пошта адреса нема да биде прикажана во коментарите. Задолжителните полиња се означени со *