Култура

Игор Томески:Се заљубив во тој филмски свет

Игор Томески уште од својата осум годишна возраст се докажува на полето во филмот, како актер, режисер, монтажер и продуцент. Неговото долгогодишно искуство и набилданата биографија, му ги отворија вратите на повеќе факултети од САД и Европа, му обезбеди бесплатно студирање, два пати е добитник на наградата Нобел за млади и засега е единствен од Македонија. Оваа година дипломираше дигитална медиумска продукција и комуникациски науки на Менхетенвил колеџ во Њујорк, а до крајот на годината започнува со снимање на неговиот прв долгометражен филм во САД.   

Она што го правите покрај вашите други обврски е да го промовирате трејлерот, „Раса“ што е некаква претходница и најава за истоимениот долгометражен игран филм којшто треба да почнете да го снимате до крајот на оваа година!

Да, она што е објавено и актуелно на социјалните мрежи е трејлерот за долгометражниот игран филм, „Раса“, којшто не фигурира како самостоен краток филм, туку е најава за долгометражниот истоимен филм „Раса“ и планиран  е да трае два и пол часа. Сценариото од 160 страници за овој филм го напишавме јас и мојот колега од САД, дипломираниот продуцент Џереми де Бери, сценарио коешто е напишано за Здружението на писатели на Америка (Writers Guild of America). Моментално сме во фаза на докомплетирање на средствата за филмот и до крајот на годината, планираме да почнеме и со снимањето, што ќе се одвива на локации во Џорџија и Флорида, бидејќи, првичната поддршка е добиена од овие две држави. Режисер е Конор Бреј, кој е дипломиран филмаџија од Флорида, со повеќе награди. Жанрот на филмот е акциона авантура со елементи на научна фантастика. Дејствието е сместено во далечна иднина кога Земјата е доста загадена и условите за живот се неиздржливи. Група на земјани тргнуваат во авантура да населат нова планета, меѓутоа, уште на патот кон новата планета,  на бродот се формира една дезертерска група која го руши бродот на сосема друга планета. Доаѓа до поделба на две групации со две сосема различни идеологии. Филмот го поставува прашањето, дали сме подготвени за нов почеток? Дали би можеле да истраеме во почитувањето на одредени вредности и дали менувањето на планета би не сменило и нас? Дали може да се избега од самиот себе? Филмот е во продукција на „Дебери филмс“, а јас се јавувам како копродуцент и косценарист со мојата сопствена продукција „Креациос мултимедија“, којашто е регистрирана во Брисел, и на тој начин се  обидуваме да направиме американско-европска копродукција. Во филмот јас и мојот креативен тим имаме одредени клучни позиции во екипата, а американската страна во филмот ја претставуваат режисерот, актерите и поголемиот дел на техничката екипа.

Една од потешките работи во правењето филм е и собирање средства за да се направи филм,  ако не и најтешката! Како се снаоѓате вие , како млад филмаџија, со оглед дека сте во  период кога ја завршувате финансиската конструкција за вашиот прв долгометражен филм?

Во однос на ова прашање, би одговорил и да и не. Во САД има доста филмаџии, актери, артисти, техничари, институции и поединци кои се спремни да инвестираат во филм, не само финансиски, туку со свој труд и опрема. Од друга страна, во САД постојат повеќе извори на финансирање, особено за помладите филмаџии. На пример, државата Џорџија и државата Флорида имаат свои државни донации на база на реони, средства што се доделуваат за одредени филмови, што кај нас би се превело како донирање општински за одреден филм, што кај нас звучи многу страно. На тој начин таму се поттикнуваат и помагаат младите автори. Објавувањето на трејлерот е дел од нашата маркетинг капмања, со цел да привлечеме што  повеќе донатори и средства. Инаку, филмот е конципиран како инди-филм, со низок буџет, без спектакуларни визуелни ефекти како блокбастерите. Сеуште работиме на барање донатори, како во САД, така и на обезбедување на одредени европски средства преку мојата европска продукција.

Твојот престој дома, покрај кооординацијата со екипата во САД и правењето на крајните подготовки за старт на филмот „Раса“, е исполнет и со работа на проекти…

Во мојата земја, веќе 5-6 месеци реализираме повеќе проекти, преку мојата  „Креациос Мултимедиа“ и моето здружение „Креациос Асосиејшнс“. Најново што сработивме е нашето учество во проектот „Филм за Општествена Промена“, организиран од American Film Showcase од САД, Американската амбасада во Скопје и американските катчиња во С. Македонија. Се работи за едукативна програма наменета за средношколци и студенти, овозможена преку културна дипломатија меѓу САД и С. Македонија. Учествував како предавач на повеќе од 100 млади таленти од Скопје, Тетово и Куманово и сум режисер и продуцент на краткометражниот мјузикл-комедија „Дај макијато“. Во филмот се прикажува зависноста на младите од родителите во нашата земја и недостатокот на граѓанска младинска активност. Имавме специјална можност да се сретнеме со Даглас Блаш, продуцент и монтажер и добитник на три Оскари, и Кехејн Коперман, режисерка номинирана за Оскар, кои дојдоа во нашата земја. Добивме многу добри коментари за нашиот филм како и директна покана за филмска премиера на филмот во Лос Анѓелес на програмата на School of Cinematic Arts на Универзитетот на Јужна Калифорниа. Македонската премиера на филмот ќе се случи некаде во септември во Скопје.

Зошто се одлучивте за комедија?

Најпрво, се одлучивме за жанрот мјузикл бидејќи сакавме да бидеме иновативни и уникатни, од причина што мјузиклот е жанр што не е својствен и мислам дека недостасува во кинематографијата на овие простори. Филмот е истовремено и комедија, а комедијата пак јас лично како автор ја преферирам, бидејќи сметам дека од една страна е најтешкиот жанр и со самото тоа предизвик за креативно изразување, но, од друга страна претставува најзабавниот и најефективниот начин да се допре до младите. Досегашните реакции ни зборуваат дека сме направиле добар „производ“.

Покрај твоето долгогодишно ангажирање во театар и на филм, дали сметате дека и среќата била присутна во вашиот случај: два пати ја имате добиено наградата за млади што ја доделува Нобеловото национално здружение и засега сте единствен од Македонија, бевте примен на неколку престижни факултети во САД и можевте да бирате на кој ќе ги продолжите студиите…?

Сметам дека 95 проценти треба да се одработат, за да дојдат и тие последни 5 проценти коишто ги нарекуваме среќа. Јас почнав да се занимавам со филмот и телевизија од  8 годишна возраст  како актер на националната ТВ серија „Бејби Шоу“ на Весна Петрушевска која се емитуваше на Канал 5 во 2004-тата, и се заљубив во тој филмски свет. Уште на 9-10 години продолжив со цртање на стрипови, собирав другари во маало во „импровизиран“ филмски клуб во Тетово и снимавме. Веќе на 12 години работев за регионална телевизија КИСС во Тетово во производство на детска играна серија, каде бев главен актер, самостоен автор на сите сценарија и ги режирав,  продуцирав и монтирав сите епизоди. До 16 години, имавме продуцирани 3 телевизиски сезони и 15 часа оригинална телевизиска содржина. Веќе на 18 години, имав режирано и продуцирано 4 теататарски претстави, а последната од нив беше општествено ангажирана пиеса „Театарски Џумбус“ и траеше 2 и пол часа, вклучувајќи повеќе од 50-тина актери аматери, на премиерата имаше публика од 1.000 гледачи, беше проследена со голем интерес од страна на меѓународните медиуми. Понатаму, приемот на Шангајската листа на универзитети е засновано на исполнување на нивните строги критериуми. Конечно, приемот во Нобеловото здружение за идни светски лидери е исклучиво по покана од нивна страна и е основано на академски успех, лидерски, мотивирачки способности, почитување на вредностите и правилата на Нобел и останати критериуми. Среќата секогаш доаѓа на крајот и се насмевнува на храбрите, но само после напорната работа и вложениот труд.

Како една локална приказна да биде прифатена на глобален пазар? Колку авторот треба да внимава на универзалниот јазик, а колку треба да го има она националното обележје? Твоите приказни,  досега, многу успешно поминаа на овој т.н. глобален пазар!  

Тоа е многу интересно прашање. Некои артисти велат дека треба  да се бараат универзални идеи коишто ќе се лесно сфатливи за сите гледачи. Други пак тврдат дека треба да се нурне длабоко во регионални теми, коишто ќе имаат интернационален екот токму поради таа посебност. Јас мислам дека нема одредено правило. Сметам дека е важно  уметникот да не калкулира за глобалниот пазар, туку да го следи своето срце и да биде креативен. Само така, искрено, слободно, без стеги и одредени очекувања, делото само ќе си најде својот пат до широката публика. Примерот со мјузиклот „Дај Макијато“ и фактот дека обезбедивме премиера во Лос Анџелес, зборува дека уметникот треба да биде искрен и иновативен, па дури и ако зборува за локална тема, каде прикажуваме како младите го поминуваат времето по кафулиња, што не е својствено за американскиот начин на живеење. На наше големо изненадувања, Американците беа заинтригирани од темата и изјавија дека доста научија од проектот за нашата култура на интересен и забавен начин.

Студиите се завршени, треба само да се земат дипломите. Како се гледате во блиска иднина?

Џон Ленон вели: Животот се случува додека ние си правиме други планови. Јас оставам на животот да ги покаже своите изненадувања додека јас работам на моите планови. Моментално сум сосема концентриран на продуцентската работа на долгометражниот филм „Раса“, а во блиска иднина, ќе продолжам наизменично да ги водам и менаџирам двата креативни тима,  во САД и С. Македонија. Исто така, по подигнување на дипломите во САД, се подготвувам за магистерски студии и нови академски подвизи.

Интервјуто првично е објавено во Филм+ во октомври 2019

Автор:

Слични статии

Напишете коментар

Вашата е-пошта адреса нема да биде прикажана во коментарите. Задолжителните полиња се означени со *