Култура

Ханис Багашов:Нема никаква горчина во мене, па имам само 20 години

Ханис Багашов е мултимедијален уметник: прави свои филмови за кои пишува сценарија и ги режира, уште како дете почнал со глума во театарски претстави а малку подоцна и во филмови, учествува со свои фотографии на изложби ширум светот, се докажал и во музички спотови. Студент е на режија на Академијата во Софија, но како режисер се докажал многу порано со неговите два краткометражни филма, „Лица“, снимен на негова 15 годишна возраст и „Мишко“ кога имал 17 години. На последното издание на Берлинале, со филмот „Мишко“ влезе во Талент кампусот и уште ја доби одличната вест дека неговиот проект „Аиша“ е влезен во програмата ЛИМ.

 Култура: Вашиот проект, „Аиша“, долгометражен филм, којшто засега постои само како сценарио во развој, беше селектиран од 450 проекти и се најде во групата од 16 проекти од програматa LIM (Less is more). Исто така ја доби и наградата за најдобар проект во развој во 2019 година на PriForum на Приштина филм фестивал. И покрај овие успеси, овој проект не ја доби финансиската поддршка од Агенцијата за филм за професионално усовршување, иако има склучено партнерство со програмата ЛИМ! Со кое образложение ве одбија од Агенцијата за филм  и дали Агенцијата би требала, или пак е должна да даде финансиска поддршка за ваков проект којшто веќе е влезен во програмата ЛИМ?

Ханис Багашов: Агенцијата за филм е партнер со ЛИМ и би требало да го покрие учеството на трите планирани работилници: првата беше во Полска, оваа работилница се одржа он лајн, потоа следи Франција и Литванија. Инаку, образложението за одбивањето беше дека немам завршено високо образование.

Култура:Тоа што филмот успеа да биде одбран во 16 најдобри сценарија, е само ваша лична заложба. Кажете ни нешто повеќе околу ова, каков беше патот што резултираше со успех и каков беше вашиот ангажман околу ова?

Програмата LIM е можеби прва станица, низ која ќе помине проектот, додека стигне до реализација. За некои дебитантски филмови во Европа, а и не само дебитантски, тоа е вообичаениот пат. Сценаристите, коишто најчестосе и режисери, имаат право да аплицираат со своите сценарија. Секоја година има повик за учество и авторот доставува пакет со материјали поврзани со идниот филм, како апликација.  

Култура:Кои се вашите планови за „Аиша“, до кога ќе биде проект во развој? Очигледно е дека ќе треба со свои сили да го избуткате проектот до крај!

Ханис Багашов:Правење филмови е исклучително тешка работа и не би можел, особено во оваа фаза, да предвидам. Човекот секогаш турка со свои сили, дали нешто да тргне напред, или пак да го врати назад, затоа што има опасност таму каде што е. Тоа е неминовно. Проблемот е нашиот однос кон времето и трудот на другиот. Најпросто, ако испратиш мејл на некоја институција во државава, или нема да добиеш одговор, или ќе го добиеш после некој месец и тој започнува, во најдобар случај, со извинување. Значи, полесно ни е да се извинуваме (со тотално отсуство на срам), отколку да завршиме некаква работа. Така е и за поголемите нешта. Таква е и судбината на многу филмови, книги, итн. Киш има есеј на слична тема. Три-четири години се ситница во однос на…на што? На вечноста?

Култура:Режисер сте и сценарист на кратките филмови „Мишко“ /2018/, кој има освоено над 15 награди и на документарниот „Лица“ /2016/, коишто се независни продукции, прикажани на повеќе од 70 фестивали…..

Ханис Багашов:,,Лица” го снимив на 15 години, „Мишко“ на 17. Тогаш, во минатото, така сум гледал, сега работам на нови. ,,Лица” го работев сам, после снимањето на филмот со Теона, во селото на татко ми. ,,Мишко” го работев со прекрасна екипа, со актерите Верица Недеска, Игор Ангелов, со снимателот Самир Љума, децата актери, луѓето кои ги отворија домовите за да снимаме, дадоа опрема, моите родители кои помагаа. Доживотно сум благодарен на сите. Тоа е филм снимен со мали лични средства и никој нема земено хонорар. Такви снимени филмови има повеќе во државава.

Култура:Вие сте уште еден пример на многу млад автор, кој забележал успеси и со тоа го свртел вниманието кон себе, а сепак е „невидлив“ за институциите кога треба да се направи вреднување во однос на тоа кои автори финансиски се поддржуваат? Дали постои извесна „горчина“ кај вас и дали сметате дека спаѓате во она група на уметници кои треба сами да се изборат и докажат, наспроти автори кои се „предодредени“ за добивање на поддршка?

Ханис Багашов: Апсолутно нема никаква горчина во мене, па имам само 20 години! Мислам дека институциите си ја вршат својата работа, а секогаш можат и да поднесат детален извештај за сработеното. Познато ни е дека живееме во кафкаијански свет, каде што казнетиот моли да го признаат за виновен, додека пак обвинетиот го бара својот престап.

Култура: Студент сте на филмска режија на Националната академија за театарска и филмска уметност во Софија? Зошто го одбравте овој факултет, дали сте задоволни од она што го пружа факултетот?

Ханис Багашов: Факултетот за театар на Академијата во Софија е многу јак, а ние од филмскиот смер сме во близок контакт со нив. Тоа беше и причината што се запишав таму, сакав да сум близу до театарџиите и глумците, но не и да се занимавам со театар. Инаку, она што е клучно во текот на студиите е дали имаш добар ментор. Но, за тоа ќе зборам после некоја година, сега сметам дека е сеуште рано.  

Култура: Оваа година бевте на Берлинале талентс, претходната во Приштина на ПриФорум, а пред тоа во Сараево Талентс! Кои се вашите искуства, сметате ли дека ваквите едукации се потребни за младите автори?

Ханис Багашов:Овие програми се потребни во еден сегмент од нашава работа. Фантастична шанса е да се запознаат филмаџии од целиот свет, млади и стари. Прво, имате шанса да видите што прават колегите од светот, кој на каде оди, после ако со некој се потрудите, бидете отворени и најдете заеднички јазик, може да дојде и до соработка. Сепак, правењето филмови е работа со луѓе.

Култура: Во 2017 година имавте една од главните улоги во филмот „Кога денот немаше име“ на Теона Стругар Митевска! Како дојде до ангажирањето на овој филм и колку оваа улога ве созреа како млада личност, и можеби ви отвори нови погледи и предизвици во вашиот живот? Тогаш, на снимањето во 2015,  сте имале 15 години.

Ханис Багашов: Се пријавив на кастингот и така бев избран. На таа возраст, заради недостиг на искуство, немаш и многу јасна слика за важноста на тоа што се случува. Јас сум благодарен што со тој филм имав шанса да видам како вистински се работи, а тоа ми се потврдува се повеќе со текот на времето, сега и како студент. Теона и Лабина ни пружија такво искуство на целата група глумци.

Култура:Во истата година сте изложиле фотографии во Музејот на современа уметност во Скопје, а имате и учествувано на преку 20 меѓународни изложби! Од каде оваа љубов кон фотографијата и дали таа е заслужна за трасирањето на вашиот уметнички живот?

Ханис Багашов: Љубов кон фотографијата не е ништо чудно во овој век, пофасцинантна би била нечија љубов кон книжевост, на пример. Како пиштоли и коли, камерите се машини чија употреба прави зависност, влева моќ и агресија во тој што ги употребува. Во денешно време, можеби најдоброто за секое дете би било што порано да започне со фотографија и што порано да ја остави и да се зафати со книжевност. Фотографијата е распостранета насекаде, ете, Инстаграм е наменет само за фотографија. Таа е средство за комуникација и е силеџиски користена. Некаде прочитав, “тежината на зборовите, шокот од фотографиите”, но чисто се сомневам дека мојава генерација може да биде шокирана, потресена, изненадена, или восхитена. Ние сме во стадиум на скоро тотална рамнодушност. Имагинацијата е потисната од информацијата.

Култура: Оваа година бевте во жирито за кратки филмови на филмскиот фестивал во Струга? Кое е вашето мислење за оваа кратка форма на филм што се снима во Македонија во однос на квалитетот, сепак тие се одраз и показател на она што се нуди како знаење и она што се прима!

Ханис Багашов:Имаме одлични кратки филмови, за некои и успесите кажуваат, на пример од поновите е ,,Налепница” на Георги Унковски. Кратката форма, како што ограничува, така и дава слобода во експериментирање…, слобода има и за долгометражните, но потешко се простува резултатот подоцна, веројатно. Кај нас, мислам на регионот, кратките филмови се работат често со интенција да се дојде до можност за долгометражен филм. Конкретно во Македонија има и таков Закон, за да се добие финансии за долгометражен, прво треба да се снимаат два краткометражни, финансирани од држaвата. Тоа прави да сме претпазливи и можеби некогаш недоволно храбри, зборувам и за себе си. Не знам кое е правилно, Андриќ вели дека добрата книга е најдобар правец во книжевноста.

Автор:

Напишете коментар

Вашата е-пошта адреса нема да биде прикажана во коментарите. Задолжителните полиња се означени со *