Култура

Почина Нина Спирова, легендарната пејачка на евергрините „Еден бакнеж“ и „Молчи, молчи“

Една од најпознатите македонски пејачки на сите времиња, Нина Спирова, почина денеска. Еден од најголемите евергрини кои секогаш ќе нè потсетуваат на Нина е хитот „Еден бакнеж“ за која текстот го напишал  Христо Крстевски, музиката Петар Пешев а аранжманот е на Драган Ѓаконоски Шпато. Песната ја освои првата награда од публиката присутна во Кристалната дворана на хотелот Кварнер во Опатиј, каде се одржуваше овој фестивал на забавна музика во некогашната Југославија во периодот од 1958 (со мали прекини ) се до 1986 година, како и од гласовите на 8 тв центри од тогашната Југославија.  Победата е уште повредна ако се споменат имињата на останатите учесници на тогашниот фестивал:Мики Јевремовиќ, Лола Новаковиќ, Иво Робиќ, Тереза Кесовија, Душан Јакшиќ, Бети Јурковиќ, Марко Новосел, Габи Новак, Ѓорѓе Марјановиќ, Аница Зубовиќ, Вишња Корбар, Вице Вуков, Марјана Держај… 

Песната  досега има доживеано неколку изведби од други интерпретатори но мора да се признае дека оригиналните изведби на Нина Спирова и Зоран Георгиев се знак за препознатливост за оваа безвремена композиција.

Неа ја искористи и Милчо Манчевски како тема во неговиот филм „ Сенки“ од 2007 година. Трејлерот од филмот со музичката подлога на песната “ Еден бакнеж“ во интерпретација на Нина Спирова,или ако сакате ,интрпретацијата на Нина Спирова со сцени од филмот „ Сенки“, само уште еднаш ја потврди вредноста на оваа прекрасна композиција.

Спирова е родена на 26 октомври 1938 година во Прилеп. Таа има снимено голем број хитови, а незаборавни се нејзините интерпретации на „Бог да бие кој прв почна“, „Пилето ми пее“, „Не си го продавај Кољо чифликот“, „Судбо моја, судбино“, „Зајди, зајди, јасно сонце“, „Кажи, кажи либе Стано“ и многу други. Спирова има снимено над 80 композиции само за музичката продукција на МРТВ, меѓу кои се и хитовите: „Молчи, молчи“, „Езеро мое“, „Далечен крај“, „Пелистерски очи“, „На овој ден“ итн.

Има снимено сингл плочи на српскохрватски јазик, додека забележителен настап имала на фестивалот „Белградска пролет“ („Београдско пролеће“) во 1964 година, со песната „Бела хризантема“.

Автор:

Слични статии

Напишете коментар

Вашата е-пошта адреса нема да биде прикажана во коментарите. Задолжителните полиња се означени со *