Култура

Промоција на четвртиот роман на Фросина Пармаковска, „На Враќање“

Вечерва, 16 септември, во МКЦ, со почеток во 20 часот, ќе се одржи промоција на четвртиот роман на Фросина Пармаковска насловен „На враќање“, а промотори се, Октај Ахмед и Душко Крстевски. 

„А јас ги отворам очите за да ја запаметам таа последна слика и гледајќи некаде низ прозорецот, пишувам со рацете на кои тогаш не им требаат очи. Утрото без да ме предупреди и без да се збогува, одамна беше заминало, а јас сум бескрајно среќен и исполнет од сите места на кои што бевме, целиот свет што ни припаѓаше и можевме да го изменуваме дотолку да уништуваме натрапници и да оживуваме трупови на умрени објекти со помош на големи историски личности. Не можев ништо повеќе да посакам и за ништо не можев да се пожалам. Како да патував на летечки килими што можат секаде да ме однесат, каде и да посакам“.

Пишувањето роман бара трпение и посветеност, а пишувањето добар роман бара и талент за привлечно и деликатно раскажување на приказната. Нема сомнение дека Фросина го има и едното и другото во овој нов, возбудлив спој на конкретното и универзалното, на судбинското и рационалното, на патувањето и враќањето во домот.

Елизабета Баковска

Фросина Пармаковска е родена во Скопје во 1985 година. Дипломирала на Филолошки факултет, катедра за Општа и компаративна книжевност. Магистрирала на Институт за македонска литература, на Културолошки студии, тема „Варијации на магичниот реализам во светскиот и македонскиот роман“. Има објавувано раскази во книжевни списанија, а во 2013 г. го објави романот „Пишувајќи ги изгубените топки“ (Култура). Нејзиниот втор роман, „Вишнова хроника“ (2014, Или-Или) влезе во финале за наградата Роман на годината на „Утрински Весник“. Преведен е на бугарски и на украински јазик. „Одбројување“ е нејзин трет роман, за кој ја доби наградата Роман на годината за 2017 година. Во 2018 година, на Саемот на книга, го добива признанието за најуспешен домашен автор што го доделува Македонската асоцијација на издавачи. Неодамна излезе нејзиниот четврти роман „На враќање“, во издание на Или Или. Имала бројни претставувања на домашни и меѓународни настани како: Денови на македонската проза во Софија (2015); Саем на книга во Софија (2015); Меѓународни средби на писатели на островот Зларин, Хрватска (2017, 2018 и 2019); Литературно-музичка манифестација „Креативни точки“, Лешок (2017); Младински прозен фестивал „Да се биде млад, да се умре млад“, Истанбул (2017); Книжевни текови во регионот: Фросина Пармаковска, Ариан Лека и Андреј Николаидис, ТРАДУКИ, Цетиње (2018); Меѓународен книжевен фестивал „ПРО-ЗА Балкан, Скопје (2018); Фестивал за култура „Дрим-ОН“, Струга (2018); Саем на книга во Франкфурт (2018); Караманови средби, Радовиш (2018); Саем на книга во Лајпциг (2019), Саем на книга во Истанбул (2019) итн.

Автор:

Напишете коментар

Вашата е-пошта адреса нема да биде прикажана во коментарите. Задолжителните полиња се означени со *