Култура

„Врба“ на Милчо Манчевски е македонски кандидат за „Оскар“

 Филмот „Врба“ во режија на Милчо Манчевски е македонски кандидат за „Оскар“ за странски филм за 2021 година, соопшти Друштвото на филмските работници на Македонија. Во конкуренција за кандидатурата биле и филмовите: „Ефектот на среќата“ во режија на Борјан Зафировски, „Исчезнатиот“ во режија на Арбен Тачи, „Кеиф“ во режија на Блаже Дулев и „Незо“ во режија на Мерита Чочоли.

Во комисијата за избор на македонски кандидат за наградата „Оскар“ за најдобар долгометражен интернационален филм членуваа: Игор Иванов, режисер (претседател на комисијата), Дејан Лилиќ, актер, Тамара Котевска, режисер, Самир Љума, кинематографер, Мартин Иванов, монтажер, Иван Ѓоршев, мајстор на светло и Сања Арсовска, актерка.

Поради пандемијата на Ковид-19, американската Академија објави дека 93-тата церемонија за доделување на „Оскарите“ ќе се одржи на 25 април 2021 година, во Лос Анџелес. Лани Македонија постигна огромен успех со „Медена земја“ на режисерите Тамара Котевска и Љубомир Стефанов, кој беше номиниран во две категории за наградите „Оскар“. Првпат во историјата на македонската кинематографија еден филм влезе на листата во две категории – за најдобар странски филм и за најдобар документарец.

Ако „Врба“ добие номинација, тоа ќе биде втор филм на Манчевски што ќе се натпреварува за „Оскар“, по „Пред дождот“, кој беше номиниран за најдобар филм од странско говорно подрачје во 1995 година. Златната статуетка таа година замина во рацете на рускиот режисер Никита Михалков за „Изгорени од сонцето“.

По светската премиера на „Врба“ во октомври 2019 на црвениот килим на Филмскиот фестивал во Рим, филмот ја имаше македонската премиера на 1 ноември 2019. Во месеците што следеа шестиот игран филм на Манчевски ја надмина бројката од 30.000 гледачи, што е рекорд во Македонија. Ова е најгледан филм во државата за 2019, надминувајќи ги и холивудските блокбастери во киносалите во Скопје и низ земјава.

„Врба“ досега има освоено вкупно 5 меѓународни награди, а изминатиов месец освои 3 – при шпанската и американската премиера ги освои престижната Сребрена палма во Валенција, Шпанија и наградата за Најдобар филм на фестивалот Синеквест во САД, а Манчевски беше награден за Најдобар режисер на Рејнденс во Лондон.

Автор:

Слични статии