Култура

„Филмски великани“ – нова книга на Сунчица Уневска

На крајот на оваа година од печат излезе уште една нова книга со наслов „Филмски великани“. Станува збор за третата по ред книга на новинарката и филмска критичарка, Сунчица Уневска, во која таа направила избор и донесува интервјуа со 56 култни филмски автори и актери од целиот свет. Ова е книга посветена на филмот, но и ретка и сигурно единствена книга од областа на филмот кај нас, во која се поместени ексклузивните разговори со некои од најзначајните филмски автори на денешнината, кои оставија силен печат во светската кинематографија во 20-иот и на почетокот на 21 век. 

Интервјуата се работени во текот на изминатите 25 години ширум светот и интересно е дека со некои од овие уникатни автори, тоа се воопшто нивни последни интервјуа што ги направиле пред да починат. Уневска најголем дел од овие интервјуа ги има направено на филмските фестивали низ светот, каде што беше присутна како новинарка, како филмска критичарка, а често и како член на жирија преку Светската федерација на филмски критичари, „Фипресци“, во која таа членува веќе 20 години. Но, еден дел од интервјуата се работени и во Македонија, а секако во книгата има и избор од неколку македонски автори и актери.

Доволно е да ги споменеме: авторот на новиот германски филм, Вим Вендерс, легендите на иранскиот филм, Абас Киаростами, Мохсен Макмалбаф, Џафар Панахи, култниот американски режисер, Абел Ферара, уникатниот Ерменец, Атом Егојан, најоригиналниот израелски автор, Амос Гитаи, особената, најеминентна полска режисерка, Агњешка Холанд, назјначајниот палестински автор, Елија Сулејман, ветеранот на романскиот филм, Лучијан Пинтилие, најконтроверзната појава на крајот на 20 век, британскиот филмаџија, Питер Гринавеј,  култниот француски режисер, Клод Лелуш, турскиот филмски поет, Нури Билге Џејлан и уште многу други великани кои оставија и оставаат неизбришлива трага во времето, која секогаш одново го преиспитува значењето и суштината на филмските слики.

Но, Уневска не го заборави ниту овој регион кој имаше и има исклучително квалитетни автори што направија легендарни филмови и во времето на Југославија, а и денес. Во книгата е поместено последното интервју со особениот црногорски автор, Живко Николиќ, потоа разговорите со припадниците на Прашката школа, Срѓан Карановиќ и Рајко Грлиќ, но и македонските автори и актери, како: Милчо Манчевски, Иво Трајков, Дарко Митревски, Антонио Митриќески, Синоличка Трпкова, но и помладата, но извонредна сценаристка и режисерка, Елеонора Венинова, од која веќе има многу што да се научи.

„Да се направи интервју не е, воопшто, едноставно како што изгледа. Или подобро, да речам, дека зависи што очекувате и зошто го правите интервјуто. Да се направи интервју со автори кои имаат и умеат да го доловат својот посебен свет со кој е проникнато нивното битие, не е лесно. За мене интервјуто е влегување и осознавање на нивниот свет со целата специфика што ја носи, со целата филозофија на живеењето, со откривањето на посебностите на потеклото, на идеите, на поминувањето на границите, на пристапот што ги прави поинакви, но и универзални. Соговорниците се различни, некои умеат тоа да го кажат, некои умеат само да го насликаат. Мојата цел беше да одберам и понудам интервјуа кои ќе можат во секое време да се прочитаат, кои имаат во себе таква содржина и посебност, која е интригантна, која вознемирува, која тера на размислување, на трагање, на спознавање“, истакнува Уневска во својот вовед во книгата.

Книгата „Филмски великани“ е во издание на „Аквариус“, лектурата е на Теодора Циклевска, уредник е Ненад Гвозденовиќ, а отпечатена е во печатницата „Контура“ од Скопје. „Филмски великани“ е поддржана од Министерството за култура, но нејзината промоција засега е одложена поради целата состојба, а за тоа каде ќе може да се најде ќе се знае во најкратко време. 

Автор:

Слични статии

Напишете коментар

Вашата е-пошта адреса нема да биде прикажана во коментарите. Задолжителните полиња се означени со *