Култура

Наборите и затегнувањата на времето

(Кон романот „Скриени желби, немирни патувања“ на Владимир Јанковски во издание на Антолог, Скопје, 2020)

Помислувајќи на тоа како би го формулирал секојдневниот живот каде има многу состојки од она што ние го правиме попатно или инстинктивно, ми се наметнува фразата „надвор, внатре“. Надвор како широко распостелен екстериер каде што развивајќи ја својата агорафобија се обидуваме да се фатиме во клинч со неочекуваното и непотребното, а внатре каде што ја развиваме клаустрофобијата робувајќи им на деталите и ситните деструкции кои парче по парче ни го здробуваат животот. Ужаснат од констатацијата дека нашиот секојдневен живот би можел да биде свилен гајтан околу вратот не се навраќам на значајните моменти само за да си ја залечам својата сопствена долгорочна напнатост туку заминувам некаде во некоја друга стварност подавајќи рака кон својот талент (онолку колку што го имам) за тој да ме извлече од таа гама на акутна неподносливост. Владимир Јанковски цврсто се задржал до својот талент затоа што неговиот писателски талент е јасен, остар, а во исто време и комплексен и слоевит. Романот „Скриени желби, немирни патувања“ говори за една битка со денот и ноќта, за една залудна кохабитација со времето и со просторот, за една глобална траума која веќе одамна не е индивидуална, за една лоша рефлективна дигестија во која судбините редовно имаат трагичен крај, за една урбана рапсодичност од која токму желбите за кои говори тој во него остануваат како обриси на неслучен реалитет, а духовниот опстанок исушен екстракт од солзи и пот.

Владимир Јанковски

Овој роман има фрагментарна структура и на моменти наликува на сценарио. Четирите главни ликови: Бистра, Мартин, Давид и Павел пловат по струите на своите животни приказни и секако, Јанковски нив им дава претзнак на антихерои. Овој исклучително талентиран прозаист знае добро да го помириса поленот на времето и да ги конципира своите ликови на најдобар можен начин. Велам поленот затоа што она што во овој момент мириса во воздухот е црната раздразнувачка прашинка која ние ја отелотворуваме во гнев, тага и јад, и тоа е една сива, јалова варијанта на поленот кој оплодува. Овие негови антихерои навлегуваат во стихијата на урбаниот хабитат и до крај дозволуваат таа да ги однесе. Конечно, после сите трагедии и несогласувања, овие ликови таа стихија ги спојува токму во една урбана парадигма по која овој роман и ќе остане во колективното сеќавање на македонската книжевност. Владимир Јанковски со својот прецизен израз и автентичен стил се нурнува и во психолошките длабочини на главните ликови, но со споредбените кратки приказни (од кои некои со само една реченица) на ликови од целиот свет тој повлекува една референцијална тангента од чија сугестивност се извлекува крајната поента на ова исклучително комплексно прозно дело.

„Скриени желби, немирни патувања“ е роман, но исткаен од повеќе кратки раскази. Во неговите пасуси, во тие литерарни пазуви се кријат ситните столбови кои го прават ова дело многу органично и покрај гореспоменатата фрагментарност. Постмодерната уметност не кореспондира многу со компактноста, правдајќи се со оправданоста на мултизначноста. Затоа, во книжевноста е честа појавата на фрагментарни дела. Но, од друга страна органичноста има и своја изразна екстензивност и дозволува реконципирање кое токму низ погоре споменатата референцијалност се вовлекува во својата елементарна поврзаност. Овој роман е токму во таа насока иновативен. Широката сугестибилност на кратките приказни од повќе земји која на некој начин ги „инфицира“ приказните на четирите главни ликови гради конструкција во која трагиката на Бистра, Мартин, Павел и Давид ги повлекува скоро сите судбински симптоми на плејадата ликови чии животни приказни се толку прецизно и јасно одредени и изнијансирани. Читајќи го овој возбудлив роман се добива впечаток дека таа пирамида од ликови како четирите главни ликови да ги метаболизираат во сите настани кои го одредуваат нивниот крај. Велам пирамида затоа што на крајот во делот „Немирни патувања“ сите четири ликови стануваат една приказна, една животна судбина и една глобална биографија.

Ова дело на Владимир Јанковски и покрај тоа што е навидум многу едноставно, во себе крие многу замки, многу филозофски превирања, многу оправдано извртена логика. Овде повторно ќе се навратам на секојдневието и на сложеноста на едноставните и скоро невидливи случувања. Бистра и Мартин одржуваат неодржлив брак и сето тоа е под велот на ежедневната галантност. Галантност која е фигуративна и на неколку наврати поетична. Во ова дело Јанковски наликува на Мајкл Канингам – лежерен е, но и опасен во исто време. Тој како да го јаде и да го сече времето, како да го помирисува и да го испива просторот. Токму во тие лежерни договоарања и присутности „тече виолина“, „се претвора во кит што спие“ итн. Секако, споменувајќи ги присутностите навлегуваме во една свесно детектирана отсутност од која Јанковиски извлекува екстрат на неизбежна доминација на оној каков всушност сите ликови сакаат да бидат, а каков никогаш не постануваат. Се чини затоа и насловот го содржи тоа „скриени желби“. Владимир Јанковски со овие ликови и нивни приказни му објавува војна на излитената и несреќна синтагма која целиот живот ја слушаме и никогаш не се случила, а која гласи: „Ќе биде добро.“ Тој не е нихилист, но добро знае дека „нема да биде добро“ и таа отсутност која ја отвора како Пандорина кутија ги крие тие црни прашинки од кои во овој момент заболуваме и физички и духовно. Павел и Давид се исто така антохерои од чии желби се градат сказни, а тие и самите паѓаат во амбис. Нивната отсутност е еклатантна, а нивната присутност апсолутно неприфатлива за овој урбан хаос. Тука станува збор за една „песимистичка еуфорија“ која иако контраверзна во формулацијата, е најмногу продуктивна во самата конструкција на романот. Владимир Јанковски ги сублимира ликовите од многу земји во биографиите на четирите главни ликови, некаде и физички се сретнуваат но, на некој начин и ги дисеминира, па така таа иреверзибилност носи уште еден слој кој говори за универзалноста на главниот проблем на ова дело кој би го формулирал како „рапсодија на отсутноста“.

Една од најинтересните секвенци е приказната која Давид и ја кажува на својата ќерка Ева, а тоа е приказната за кралот кој никогаш не бил задоволен од својата палата. Овде Јанковски воведува уште една релација која отвора многу други прашања, а тоа е симптоматиката на неодлучноста. Сите судбини, вклучувајќи ги и оние на главните ликови на овој роман имаат голема доза на неодлучност. И, се чини дека таа „надвор, внатре“ филозофија на секојдневието станува токсична најмногу заради акутната неодлучност. Овој талентиран автор својата проза ја дозира онолку колку што е потребно сите аспекти на неговата тематска определеност да бидат опфатени и извонредно обликувани во фикции. Играјќи си со отсутноста, неодличноста, овие негови антихерои испишуваат една историја која „и се случила и не се случила“, но најважно е што таа е многу можна. Затоа овој роман е комплексен, затоа е крајно сугестибилен и повремено згадочен. „Скриени желби, немирни патувања“ е роман кој не се чита само еднаш. Неговите скриени мотиви се и инсипрација и мотивираност и навраќањето кон нив е неминовно, а конечно, овие ликови онолку колку што ќе ги најдеме околу себе,  најмногу ќе ги откриеме во себе. Мартин, Бистра, Павел и Давид се четири лика кои се, всушност еден лик, а тоа сме ние, секој од нас. Тоа го прави овој роман голем – неверојатната блискост со нашето страдање инструирано од секојдневието кое, пак, од друга страна е контаминирано од големи несреќи, неправди и деструкции.

И да, секако, „немирните патувања“ се оние кои сите ние ги минуваме не мрднувајќи ни еден милиметар од себе, или пак не прибирајќи се на едно место. Таа, на некој начин, веристичка coda на овој роман побарува некоја внатрешна свесност кај сите нас. Барем јас така го почувствував сето тоа. Затворајќи ги страниците од овој роман добивате или силна желба за заминување некаде далеку, или силна желба за да се вратите доколку сте далеку од дома, во тие набори на времето каде се нурнале Давид и Павел, но и во неговите затегнувања каде потајно се бараат еден со друг Бистра и Мартин. Барајќи се себеси во тој мета-простор, ние низ ова четиво, всушност стануваме рационални со голема дозвола на ирационалноста. А и мотоворани, исто така.

Автор: Сашо Огненовски

Автор:

Слични статии

Напишете коментар

Вашата е-пошта адреса нема да биде прикажана во коментарите. Задолжителните полиња се означени со *