Култура

Патетично ламентирање на заштитените видови

Реакција на Славчо Димитров на колумната на Билјана Ванковска насловена „Шармот на Амстердам и новата инквизиција“ објавена во Нова Македонија на 14.12.2020

Има нешто точно во изреката што Ванковска ја споменува во својата последна колумна дека „општествата повеќе се вознемируваат за капка сперма отколку за море крв“. Доколку истата се погледне како алузија на сексуалните, односно либидални и страствени инвестиции во симболичката и божем света позиција на УКИМовската академија, страст толку силна, ејакулација толку интензивна што ни крвта пролеана од главите и телата на најмаргинализираните, нити трошката (отсутна) за потребна критичка свеста кон сопственото поле на седиментирана моќ, не може да му се спротистави на тој седокос фантазам.

Или пак, има нешто точно доколку ја погледнеме културолошката, антрополошката, епистемолошка и социјална историја на спермата и нејзиниот маскулинистички семантички регистар, и во зборовите на Ванковска ги слушнеме криците на „послушната ќерка“ под чизмата на своето историско татенце чијашто позиција на моќ е доведена под знак прашање, одбивајќи во тој крик да го спречи понатамошното пролевање на крв, реално и симболичко, на сметка на историски најранливите.

Има нешто точно и во тоа кога Ванковска тврди дека се’ уште како да сме во ерата на Груевизмот (на чијшто национализам таа страствено се ложеше една деценија). Бидејќи дискурзивните маневри, во колумни, со кои се воспоставува ланец еквиваленции помеѓу лошите европски империјалистички сили, Западните окупатори, националната параноја под божемска опсада, и пропаста која ја носат внатрешните непријатели отелотворени во невладините организации и ЛГБТИ активистите, беа својствени токму за Груевистичко- режимските „интелектуалци“ и новинари, а со чијшто глас, дискурзивна стратегија и логика говори овде токму самата Ванковска. Или пак, бидејќи истиот национализам нашминкан со божемско левичарство (за да ги освои срцата на ортодоксните и вулгарно-марксистички левичари) као и сега, Ванковска ги користеше една деценија во времето на Груевски, па замислете УКИМовската професорка ја цитира Роза Луксембург под максимата за слободна мисла (вришти од смеење и Сократ, и сите од Кант и Просветителството па наваму).

Но она што е всушност баналната и очигледна вистина во оваа тажна колумна (кад мртви фазани летају ал ни један не пада) е дека таа е гласот на се’ она што е труло во УКИМовската академска заедница со години. А тоа е несовесното, непрофесионално, полтронско, непотистичко, „колегијално“ и арогантно привилегирано штитење на грбот на своите колеги, па макар и Холокаустот го порекнале. Бидејќи за Ванковска не е инквизиција децениското, па и вековно, труење на младите со мизогинија, хомофобија, етнонационализам, неистражувачки и некритички дух од ултимативната позиција на моќ кога станува збор за продукција, циркулација и пренос на знаење. Не е инквизиција ни кога таа академска моќ е поткрепена со слоеви наталожена историска и социо-политичка опресија, и државно оркестрирано насилство и бришење на одредени животи.

Инквизиција биле, ајде БРЕ, невладините организации кои решиле на јавноста да и покажат на што личат некои учебници во високообразовните институции. Учебник што Ванковска го брани како автомат а не го ни прочитала; напишан „во светата земја Македонија“ – да, да, така пишува на учебникот од Институтот за психологија за којшто зборуваме, појачано со слика на првата страна од сонцето на Виргина; учебник во кој авторот им се обраќа на своите студенти со јазик и на начин како да имаат 5 години, а не да се студенти, и им кажува дека некои луѓе живеат и под вода, и им раскажува прикаски за патчиња матчиња; учебник во кој идните психолози без објаснување слушаат за теориите на Клајн и Виникот, и за лошата цицка како концепт во object relations психоаналитичката струја, ама не за да научат за спецификите на таа школа и како тие концепти служат за да се објаснат парцијалните објекти и нагони, фантазматската инвестиција во мајката и делови од нејзиното тело, како и критичката конституција на субјективитетот, туку за да се ОЦРНИ дополнително жената и нејзината улога како мајка, за да се донатрупа одговорноста и патријархалното обвинување на жените, и да се фетишизираат дополнително истите; учебник во кој Фуко се вади од контекст, не за да се објасни неговата генеалошка и критичка анализа на моќта и појавата на институциите за затворање и продукцијата на лудите, криминалците, болните, или сексуалните девијанти, туку за да се оправдаат тие инститции и постапки како сосема природни, нормални и потребни; книга која не е ништо друго освен фалсификација на знаења и научни сознанија, односно идеолошка, во најлоша смисла на зборот или во најдобра со оглед на тоа дека станува збор и за длабоки лични психопатологии во прашање, блувотина и срам за секој што има трошка совест да се смета за академски работник, професор или интелектуалец.

Тие што Ванковска ги нарекува инквизитори повеќе од една деценија, со сите понижувања што  да ги трпат, се обидуваа на 101 начин да влезат во дијалог, да соработуваат, да укажат, да бараат и интервенираат со професори, сенати, ректорски управи, надлежни комисии, државни институции, медиусмки дебати, производствона знаења и организирање на академски предавања итн до бесконечност. И сето тоа неуспешно пред БОЖЕСТВЕНИОТ авторитет на УКИМ. И кога посегнаа по последното достапно средство, јавноста и социјалните медиуми, тогаш станаа инквизиција. АЈДЕ БРЕ!

На професорката очигледно не ѝ е јасно, не знам како, со оглед на тоа дека тоа се дебати во научните кругови повеќе од еден век веќе, дека моќта не постои само таму надвор негде, или само во органите на власта, а наспроти нив стои невината чиста академска слободна зона. АКАДЕМИЈАТА, УНИВЕРЗИТЕТОТ, НАУКАТА, Мадам Ванковска, се врело на конфликти на сили и релации на моќ. Прочитајте ги барем Бурдје, Фуко, Латур, критичката педагогија, феминистичката епистемологија, книгите за деконструкција на универзитетот и постколонијалната критика за да знаете, или абецедарите за критичка епистемологија (што би требало по дифолт да ги имате прочитано како академски работник!) за да ви бидат јасни некои работи. Па зарем мисли Ванковска дека еугениката, мерењето на черепите и мозоците на црнците, робовите и народите од колонијализираните земји се правеше без научен консензус? Зарем мисли Ванковска дека женомрзието со векови се случуваше без научен консензус? Зарем мисли Ванковкса дека теориите за инфериорноста на одредени раси беше без научен консензус? Зарем патологизацијата и конверзациските терапии за хомосексуалци беа без научен консензус?

Научното знаење и академијата СЕ место на моќта, внатре самите нив и во нивниот однос кон пошироката заедница, и се додека тоа не си го признаете ќе останете ништо повеќе од патетчни тапшачи по сопствените рамена, без трошка капацитет за критичка расправа ВНАТРЕ самата академија, нешто што сега го нема во Македонија. Они ќе си правеле пир ривјус сами на себе и ќе се рецензирале? Па Ванковска, преќутно самите УКИМовски професори ви се смеат сигурно на на ваква изјава, бебињата знаат како одат рецензиите и согласностите помеѓу УКИМовските колеги. Она што треба вие да се запрашате, наместо да ловите вештерки и да влегувате во параноидна дефанзива, е „КАКО МОЖЕШЕ ДА НИ СЕ СЛУЧИ ОВА ВО АКАДЕМИЈАТА И НА УНИВЕРЗИТЕТОТ? КАКО МОЖЕШЕ ДА ДОЗВОЛИМЕ СО ГОДИНИ ДА СЕ ПРОДУЦИРААТ ВАКВИ УЧЕБНИЦИИ ИСТИТЕ ДА БИДАТ ОДОБРЕНИ ОД УНИВЕРЗИТЕТСКИ КОЛЕГИ? КАДЕ ЗГРЕШИВМЕ?!“. А не да тврдите дека академската слобода и слободата на научна мисла му била загрозена на Јанаков.

Ниту е ова научен труд, анализа, истражување, ниту пак тој го има тој авторитет во меѓународната научна мисла во сопствената област за да го третираме овој УЧЕБНИК на тој начин. Се надевам дека имате трошка совест пред себе за да ја воочите разликата помеѓу УЧЕБНИК и научен труд и научна мисла. Бујрум нека поднесе Јанаков ваков труд во реномирано меѓународно списание па да видиме дали ќе пројде првичен пир ривју! Очигледно за вас академската слобода значи да живеете во меур од кој ќе го труете целото општество, ќе си ја одржувате постојната корупција, сексизмот и шовинизмот на вашите колеги, експлоатацијата на студенти, а не простор за продукција на критичка мисла и одговорност за општеството во кое живеете. Поздрав!

Автор на тестот: Славчо  Димитров

Извор: Фејсбук

Автор:

Напишете коментар

Вашата е-пошта адреса нема да биде прикажана во коментарите. Задолжителните полиња се означени со *