Култура

Насловот „Само човек“ не смее да биде флоскула

Наместо резиме за 2020 – „Хомо“ во режија и по сценарио на Игор Иванов и Сашо Кокаланов, во кој играат: Наташа Петровиќ, Игор Ангелов, Оливер Митковски, Јордан Симонов, Јелена Јованова, Сашко Коцев, Александар Матовски

Долго време се мислев дали за „Хомо“, односно „Само човек“ (како што гласи насловот) треба да направам рецензија. Всушност, мислам дека не треба, затоа што новиот филм на Игор Иванов не сум сигурна дека може да се нарече филм. Целта на рецензијата е да го оцени филмското дело со сите негови атрибути, но она што е најважно е да се работи за филм, инаку во спротивно и рецензијата нема да има никаква смисла. Освен тоа, рецензијата сепак значи одреден респект и потврда дека зборуваме за филмско дело, па дури и кога е негативна таа порачува дека се работи за филм кој вреди да биде оценет. Овде тоа не е случај, бидејќи „Хомо“ и не е филм, повеќе е некаква серија настани, повеќе е дело кое претендира да има филмска форма, иако во својата суштина е збир од (мали) епизоди или поточно збир од споредни настани кои и покрај формалната целина, кои и покрај навидум наративната поврзаност, во суштина не прават филмско дело. Па, сепак, бидејќи станува збор за трет долгометражен игран филм на Игор Иванов, и за македонска премиера, решив нешто да напишам.

Првото и основно прашање кое се наметнува, е зошто филмското или било кое дело се прави? Веројатно, затоа што авторот има нешто да каже или да порача, затоа што авторот има идеја и потреба да се изрази преку одредено дело, без оглед дали низ емоцијата, низ визуелната нарација, преку самиот контекст или карактерите, итн, итн. Кога го гледате „Хомо“, освен моменталната забава (донекаде) имате чувство дека ни вие, а веројатно ни авторот, не знае зошто филмот воопшто е направен. Која е неговата цел, која е замислата, а уште помалку која е поентата. Не дека тука нема обиди да зборува за нашата стварност и секојдневие, но тоа е сведено на такви бесмислени епизоди, изнасилени, преполни со непотребни детали, настани кои немаат никакво значење, се со цел да пополнат некаква замислена (урбана) слика или дури и да излезат од вообичаената шема, но сликата ја нема. Ако претходниот филм на Иванов, „Соба со пијано“ беше преполн со стереотипи, тогаш овде од стереотипите и клишеата воопшто и го прави филмот, или би рекле, овде не се обидува празнините да ги покрие со стереотипи, туку се труди од стереотипите да направи филм. Но, освен за дневна употреба, „Хомо“ нема никаква смисла, а уште помалку поента.

Карикирањето и хуморот во филмот дури не се ни на нивото на серијата „Преспав“. Бидејќи, „Преспав“ е сериозна и успешна комедија, која си има своја функција. Таа во суштина го исполнува она што е. Дури и серијата „Инсајдер“, која исто така беше преполна со стереотипи, имаше смисла, бидејќи сепак носеше приказна потребна за една така замислена серија. Додека, овој филм, за кој не знаете точно што е, се обидува од некакви епизоди да направи функционална целина, а го нема ни основното, приказната.

Не е важно дали филмот има шест епизоди, дали е расцепкан, дали се обидува низ „испреплетување“ на некои настани да исцрта карактери, на крајот и не е најважна шемата, ниту формата, важно е да има приказна, да има цел, да има носечка идеја која ќе му даде смисла. Можеби авторот и имал идеја, но со неа навистина немал поим што да направи. А во тој контекст, искрено се прашувам, колку има смисла, воопшто, да се зборува и да се анализираат детали на нешто што на крајот и не е филм, бидејќи нема никаква целина, ниту онаа замислена формална целина, а уште помалку наративна, уште помалку како идеја, уште помалку како концепт, како збир од случувања или животни приказни или што и да е, што би умееле и би можеле нешто да донесат.

Не, тоа се епизоди кои не се ни риба ни девојка, тоа е обид да се зборува за нешто на кое авторот му приоѓа од дистанца, нешто што постои во некаква замисла, но толку искарикирано, обременето со суета и тенденциозност (каде што не помага ни култната песна од 1971 „Еј ти момче младо“), обременето со потребата да биде нешто што не е, или да порача нешто што не е доживеано, но е „фенси“ да прикажеш дека го гледаш, го разбираш или го критикуваш, а всушност, е надвор од сè, а најмногу од животот.

Зашто кога станува збор за животот, за транзиција или посттранзиција, за корумпирано општество итн., тоа треба да се долови, дали сериозно или проткаено со хумор, не е важно, напротив, уште подобро ако умеете на тој начин да го донесете чувството, перцепцијата, бесмислата, загубените идеали, разочарувањето или што и да е. Но, секако, не можете да претендирате на филм или на било каква серизност во поглед на филмското дело, ако во него не се вложите. Зошто? Токму заради онаа вистинитост, не во буквалната смисла на зборот, туку вистинитост која ќе ја донесете како емоција, како потреба, како порака што макар и како поттекст ќе допре до гледачот, бидејќи гледачот тоа непогрешливо го чувствува, без оглед дали се работи за трагедија или за комедија, дали е смешно или безизлезно, дали е среќа, дали е случајно, дали не е, дали е зависност или пркос.

Животот во таков контекст мора да биде доловен, мора да знаете зошто воопшто за него зборувате, која е потребата што ве води, која е болката или среќата, тагата или несреќата, првадата или бесмислата, но тоа мора да допре до гледачите, да можат во него да се препознаат себе или сето она со кое сме опркужени. На овој начин, на овој несериозен и неодговорен, па дури и арогантен начин, добивате што? Филм сигурно не, туку еден обид да се претстави нешто што не е, да се направи вештачка конструкција која ќе го имитира животот, да се измами некој со тоа што ќе зборувате за суштински нешта од некаква височина. Не, тоа не проаѓа. Иако, морам да кажам дека актерите се добри во она што треба да го направат, но без база, ништо не помага.

„Хомо“ е дури и навреда за оние кои живеат во едно вакво општество. Навреда на интелигенцијата, но и навреда затоа што со наши пари се прави нешто што не е филм, се прави нешто колку да се направи. Навистина, македонската кинематографија многу малку надвор е позната по своите дела освен по неколку, а последниве две години најмногу по „Исцелител“ и „Медена земја“. И не случајно. Бидејќи, во нив најмногу е содржана искреноста и вистината. Најмногу е содржан животот во својата суштественост, а тоа значи едноставност, природност, чувства и искреност, задоволство или разочарување, но тоа се толку топли и вистинити дела, кои не случајно допреа до гледачите ширум светот. Не можете никого да го прелажете, а уште помалку да поминете граници, па ниту сопствениот праг, со лажно претставување, со претенциозност, со неискреност…

Романскиот автор  Флорин Сербан („Кога сакам да свиркам, свиркам“) во нашето интервју ми рече, дека гледачот ви дава два часа од своето време, време во кое имате можност да го направите тоа што сте го замислиле со неговите емоции, неговиот ум, неговото срце и душа,  и дека авторот има огромна одговорност да биде подготвен за оваа задача, која бара зрелост, образование и животно искуство, а најмногу чесност, искреност и отвореност. Делото, па макар и да има бројни недостатоци, не може да промаши ако е вистинито, ако е искрено, ако е едноставно, ако е доживеано и во својата човечност дури и понизно, бидејќи човекот тоа умее да го почувствува. А авторот би требало да умее уште повеќе, ако не, тоа се гледа, особено во едно вакво дело кое претенциозно е наречено „Само човек“, а кое, за жал, ниту има ниту може да има било какво значење.

Реценција на Сунчицва Уневска

Автор:

Слични статии