Култура

„Неговиот живот е прекор за цинизмот “: што научивме во овие пет години без Дејвид Боуви

Утрото на 11 јануари 2016 го вклучив радиото и ги чув вестите дека Дејвид Боуви починал. Брзо започнав да ги менувам станиците надевајќи се да пронајдам некој паралелен универзум каде е се’ уште жив, но ги имаше само засипнатите гласовите на презентерите кои ги задржуваа солзите додека во позадина течеа извадоци од фасцинантниот музички свет на Боуви. Се’ колабираше во колективна тага.

Правата реакција ми беше да размислувам магично: „Но, не може да е мртов!“ Три дена претходно Боуви само што го имаше ослободено својот 25-ти албум, Blackstar, на неговиот 69-ти роденден. Неговиот официјален вебсајт објави фотографии од него, дотеран и игрив пред фотоапаратот. Во декадата по неговиот срцев удар на сцена во 2004 година повремените вести за него беа доволни да ги смират милионите фанови дека тој е се’ уште наоколу. Не дека нешто должеше некому, но свет што се’ уште го имаше Дејвид Боуви не можеше да биде лош. И потоа исчезна од него.

Илузијата дека се’ ќе отиде во неповрат после него, во последниве пет мрачни години делуваше како претсткажување. Песната Five years, напишана во 1971 година, пее за население избезумено од вестите дека „Земјата навистина умира“ и дека сите ќе изумреме за половина деценија.

Утринските вести во повеќето денови по неговата смрт во 2016 предизвикуваат слични чувста. „Главата ме боли како складиште/нема простор ни за влакно“, пее Боуви како Зиги, како веќе да пропатувал низ времето и да ја видел состојбата на нештата. Писателот Ден Фокс се присетува како ја слушал таа песна месец – два пред победата на Трамп вистински чувстувајќи ја апокалиптичната потиштеност во неа.

Сепак, вели тој, Боуви нуди излез од таквата потиштеност. „Тој беше најдобриот студент по уметност на 20 век“, вели Фокс. „Тој никогаш не престануваше да учи за уметноста и да биде љубопитен. Го следеше моделот: не се плаши да признаеш дека нешто не знаеш и најди некој што знае.“

Кураторката Бет Гринејкер, која ја раководеше уметничката колекција на Боуви 16 години се’ до неговата смрт, вели дека тој „собираше идеи, мисли… и сите тие наоѓаа свое место во неговиот живот. Од еден уметник ќе дошол до друг уметник, па до некоја книга, која ќе му прикажела нова теорија, па до философски текст…“

За Боуви, животот беше ланец од средби со луѓе и нешта што ја овозможуваа промената, а не серија трансакции креирани за некој да се издигне над другите. Неговиот живот претставува критика на филистинизмот, цинизмот и лицемерието доминантни во јавниот живот.

Сакаше да продолжи да учи заедно со нас. Боуви споделуваше читачки предлози, плејлисти, музички текстови заситени со културолошки алузии. Текстописецот Едвин Колинс вели: „Тој беше топол, смируваше и тешеше“.

Уште од тинејџерските години собирав слики од Боуви. Да се разгледуваат неговите слики во сите негови верзии е исклучително пријатно. Потсетува на опсегот на возможносто и фактот дека никој нема моќ да ти наметне што или кој треба да бидеш во која било фаза.

Сликата од Боуви што ми е најтрогателна е сликана во Австрија во 1994, во Gugging Haus der Künstler, тогаш галерија и терапевтска резиденцијална болница за уметници близу Виена. Боуви, на 47 години, на прагот од еден од своите најдобри албуми, Outside, стои во поплочено предворје, со раката преку рамото на постариот уметник Освалд Чиртнер, гледајќи настрана од камерата, можеби кон некое негово дело.

Двајцата изгледаат слаби, сериозни и решителни. Ве потсетува дека Боуви не беше толку висок, дека беше срамежлив и дека можеше силно да ја затемни својата жива енергија кога беше потребно. Двајцата многу си личат, како да се еден ист човек.

Она што го прикажува таа фотографија, и што најмногу го сакам кај Боуви, е полниот сјај на неговата човечност. Неговиот траен подарок е тоа што веруваше во сите нас. („Дај ми ги рацете/ бидејќи си прекрасен! Прекрасен!“, пееше, како Зиги, во 1972). Она што научив од него, како тинејџер кој очајно се обидуваше да избегне одреден пат, беше дека може да го промислуваш она што ти е дадено, и да го одбиеш или преработиш.

Поради тоа го сакав, него, некој што никогаш не сум го ни сретнал. Минаа пет години од смртта на Боуви, и тоа чувство се’ уште трае. Се сеќавам, кога бев многу мал ја прашав мајка ми дали плачела кога умрел Елвис, и ја видов тагата на моите родители кога го застрелаа Џон Ленон во 1980. Поп-културните фигури со кои пораснале имале улога на носители на надеж и суштинска верба во човештвото.

„Да, плачев цел ден“, ми рече таа. Сега моите ќерки ме прашуваат истото за Боуви и не можам да им одговорам без да заплачам. Најверојатното објаснување за мене е тоа што, по неговата смрт поворно се чувствувам малку изгубено, како кога бев дете. Боуви беше и останува водич за осамените луѓе очајни да видат некое матно соѕвездие кое знаат дека е таму, но не можат самите да го видат.

Музичарот и писател Ник Кари-Момус кој ја препеа песната на Боуви Where are we now? (2013), вели дека, како тинејџер во седумдесеттите, за време на фазата на забрзани промени на Боуви во неговиот изглед, звук и стил, тој „делуваше како да расте со мене, растегнувајќи ме со секој чекор. Неговите продолженија беа важни: кабуки костумите, високиот роботски глас со кој пееше за ултранасилство, темата на лудилото, романтичните слики на херои… Се’ уште постои многу длабока рана во мене од неговото исчезнување.“

Кари заклучува: „Како да прифатив дека она што остана од него е длабоко во мене, и во многумина други. Расеан е низ сите нас. Тој не е само мртва оставина, туку нешто охрабрувачко и креативно, каков што секогаш и беше.“

Боуви не’ снабди со доволно утеха за да можеме да го пребродиме остатокот од нашите животи. Имаше само еден Боуви, но милиони животи беа сменети поради него. Со зборовите на Пол Морли, „ни ја покажа важноста за дистинктивна, непослушна имагинативна акција“, само ако сакаме да ја видиме.

Извор: The Guardian

Автор:

Напишете коментар

Вашата е-пошта адреса нема да биде прикажана во коментарите. Задолжителните полиња се означени со *