Култура

Роман на годината – извадоци од пристигнатите романи (1)

За годинешната награда „Роман на годината“ што ја доделува Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности под генерално покровителство на „Комерцијална банка“ АД, се пријавија вкупно 40 романи. Жири-комисијата во состав: Оливера Николова (минатогодишна лауреатка и претседателка на Комисијата), Зоран Анчевски, Калина Малеска, Живко Гроздановски и Катерина Богоева (претставник на Фондацијата) ќе направи неколку селекции од романите во конкуренција, а конечната одлука за добитникот ќе ја донесе најдоцна до 15 март годинава. Овде ви даваме извадоци од пристигнатите романи.

„Мемоари за болниот ум. Зависност“, Бошко Ангеловски, во издание на ПНВ Публикации

Кога бев дете, пред да развијам некаква свесност за себе, несвесно знаев дека сум зависен, дека зависам од некого, моите потреби и желби беа предиспонирани од нечие расположение.Потоа почнав да развивам некаква свесност, почнав да ги помнам нештата и повторно бев зависен од нечие расположение. Тоа лесно ме фрустрираше и се обидував да ја амортизирам таа состојба, се обидував нешто да направам за да не размислувам на таа состојба на зависност.

Бев зависен од моите, бев зависен од дома, од училиште, бев зависен од моите ебано неебани учители, а нешто подоцна наставници и професори. Зависев, по ѓаволите, од другите, од нивните ебани фрустрации, од нивните нереализирани фантазии, од нивните сексуални проблеми. Бев зависен.

Почнав да созревам и сè уште бев зависен, почнав да се сомневам во смислата на постоењето, не ми беше јасно која е поентата да живееш во перманентна состојба на зависност. Но морав да продолжам бидејќи сватив дека немам избор, дека мора да останам зависен, барем до некој момент кога ќе можам да се ослободам, конечно сам да одлучувам. Пораснав,созреав,барем според општествените стандарди и критериуми, кои во најголема мера се разминуваа со моите. Така се чувствував и сфатив дека се’ уште сум зависен, и тука се поебав, тука почна животот да ме ебе. Почнав да се борам, да се спротивставувам, но не можев да избегам, да се ослободам од таа состојба на зависност, не можев да не зависам. Тоа се претвори во состојба на мојот ум, моја реалност, јас функционирав во таа состојба.

Конечно дојдов до некое ниво на независност, во моментот кога почнав да работам, иако работев нешто што воопшто не беше предизвик за моите квалификации, но кога немаш избор, прифаќаш што ти е понудено.Тоа беше финансиска делумна независност која ти ги задоволува само основните потреби, она егзистенцијално, а за евентуално задоволување на некоја проекција добиваш само уште една фрустрација. И така сфатив дека сум сè уште зависен, односно дека нема да можам уште долго време да се ослободам од зависноста. За волја на вистината, сега зависноста стана посуштинска, ја смени својата форма, односно содржина. Сега зависев од други состојби, од идеологии,од најразлични обиди за покорување и уништување на мислата, на умот, особено ако покажува знаци на некаков вид напредок кој би можел да доведе до состојба на конфликт. Сè што може или барем навестува некаква способност да ја измести таа машинерија, системот ја држи под зголемена контрола. Зависноста станува уште поголема. Продолжуваш, не мислиш и не размислуваш, потиснуваш додека можеш да издржиш, а потоа почуваш интензивно да се распаѓаш. Тоа било поентата – да те претворат во дел од таа машинерија за да не размислуваш на зависноста.

„Лето во кое те нема“, Петар Андоновски, во издание на „Или Или

Владо сакаше времето да го поминуваме што повеќе сами. На малата плажа која беше сопственост на хотелот не одевме. Тој сметаше дека најубаво ќе биде времето да го минуваме на една дива плажа на крајот од градот, далеку од какво било човечко присуство. За да не мора да одиме пешки секој ден, Владо имаше изнајмено автомобил. Имав чувство дека ова патување го подготвувал со месеци. Секој наш чекор го имаше испланирано. Во кои ресторани да јадеме, на која плажа да одиме, од каде да изнајмиме автомобил. Тоа не беше вообичаено за него. Сите наши летувања досега ги имаа планирано негови пријатели со кои сме оделе. Тој секогаш се вадеше дека премногу е зафатен, дека јас не се снаоѓам добро во организација и дека најдобро ќе биде другите да ни го испланираат патувањето.

На дивата плажа каде што одевме немаше луѓе, па не моравме да користиме костими за капење.Додека нашите голи тела лежеа едно до друго, единствено што чувствував беше срам. Веќе десет години како спиеме во одделни кревети. Владо секогаш се враќа премногу доцна. Често пијан. Сака да раскажува колку луѓе дошле да се сликаат со него, колку жени и мажи му се пуштале. Се преправав дека спијам, но тоа не го спречуваше да зборува. Кога влегува, ги пали светлата низ целиот стан. Кога ќе влезе во спалната, секогаш извикува гласно „доооообро вееееечер“, а потоа ги расфрла чевлите низ собата. Откако ќе се соблече, легнува на креветот, најчесто гол, и веднаш заспива. А јас станувам да ги исклучам светлата и долго потоа не можам да заспијам. Кога наредното утро ќе му кажам дека ми пречи таквото негово однесување, тој се смее и ме прашува: „Така сум направил?“, „Што сум ти кажал потоа?“

Сѐ додека една вечер не решив да спијам во гостинската соба која ја користев само кога доаѓаа родителите на Владо на гости. Цела вечер го слушав како нешто дрдори мислејќи дека сум до него. Наредното утро, за време на појадокот, ме праша зошто сум станал толку рано. Не ни забележал дека не сум спиел покрај него. И наредните вечери продолжив да спијам во гостинската соба. А тој продолжи да си зборува како да сум до него. Никогаш не ме праша зошто повеќе не спиеме во ист кревет.

Кога легнав гол покрај него на плажата, почувствував ужасен немир. Колку долго нашите тела не биле едно покрај друго. Ме облеа срам како кога првпат се соблекувате пред некого и со него треба да ја поминете вечерта. На страста не ни помислував, едноставно тоа нам не ни припаѓаше. За разлика од мене, тој беше мирен. Се соблече без проблем и легна прв. Кога ме виде дека уште стојам, ме погледна зачудено и ми рече: „Што чекаш, соблакај се и легнувај“.

Автор:

Слични статии