Култура

Роман на годината – извадоци од пристигнатите романи (2)

За наградата „Роман на годината“ за 2020 година што ја доделува Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности под генерално покровителство на „Комерцијална банка“ АД, се пријавиле 40 романи. Во овој текст се извадови на дел од пристигнатите романи.

Жири-комисијата во состав: Оливера Николова (минатогодишна лауреатка и претседателка на Комисијата), Зоран Анчевски, Калина Малеска, Живко Гроздановски и Катерина Богоева (претставник на Фондацијата) ќе направи неколку селекции од романите во конкуренција, а конечната одлука за добитникот ќе ја донесе најдоцна до 15 март годинава.

„Колку убав погреб“, Марјан Анѓеловски, самостојно издание

Студено, ветровито, тмурно и прекрасно утро. На клупата крај шините на Железничката станица во Скопје, покриен со весник, спиеше бездомникот Ангел. Во воздухот се чувствуваше арома на пролет, цвеќиња, железо, измет и цивилизирано општество. Железничката станица беше еден од ретките делови на градот кој потсетуваше на старото Скопје. Тука со години не беше ништо направено и изградено. На плочникот имаше расфрлано хартии, шишиња од кока – кола, кондоми, кутии од цигари, весници, празни амбалажи од смоки, чипс и кроасани…Ангел се пробуди, си ги протегна рацете и од ранецот извади четка, паста за заби и шише со вода. Утринската хигиена и здравите животни навики беа фундаментални во филозофијата на бездомникот Ангел за успешен и просперитетен живот. Си ги изми забите, потоа извади блендер и си направи овошен сок од портокали, морков и ѓумбир. Го испи сокот и извади лепче од ранецот, како и туна и лист марула од џебот. Си направи туна -сендвич. Го отвори весникот и внимателно започна да ги разгледува некролозите. Го зеде фломастерот и го позиционираше на еден некролог. Си ја почеша брадата. Потоа го позиционираше фломастерот на друг некролог.Го врати фломастерот на првиот некролог и го заокружи.Ангел не пропушташе ниту еден погреб во градот. Најмногу поради убавата храна. Јадеше од погреб на погреб. Смртта го одржуваше во живот. Му заѕвони телефонот. Го извади од џебот и го погледна. Виде дека е скајп-повик од неговата мајка.Се подзамисли малку. На крајот одлучи да го прифати повикот.

– Здраво мамо – рече Ангел.

50-годишна жена со долги розови нокти облечена во розови бањарка и пешкир на главата, збунето гледаше во Ангел.Зад неа се гледаше луксузно опремен ентериер со скапа убава кожна гарнитура и позлатени столови. Над гарнитурата висеше убав раскошен лустер. Зад неа се гледаа некои големи слики.

– Ало, Ангел ти си? -збунето праша мајката.

– Како што гледаш…- и одговори Ангел.

– Што правиш сине на мајка? Како си?

– Еве по дома, мамо…

Ангел погледна наоколу. Расфрланите шишиња, хартиите од бурек и лименките по плочникот креираа убава урбана слика.

– Гледам дека си по дома, зачисти малку сине, вистински неред е…

– Ќе поминат од Комуналец, кај и да е. Обично поминувале…

– Леле сине, каков црн Комуналец? Мораш да се ожениш. Не може вака сам да останеш цел живот.

– Добро мамо.

„Шрапнел“, Игор Ангелков, „Или – Или“

Рецензија за „Шрапнел“

Сè започна да се отплеткува тоа утро, откако плати 25 денари, влезе во приватниот автобус и се упати накај работа. Навидум обично утро, сè до моментот додека од звучниците не се појави песната „Freedom“ на Џорџ Мајкл. Песна често вртена на комерцијалните скопски радио станици, но сега прозвуче сосема поинаку поради тоа што додека утрово седеше на веце-школката и како по обичај листаше со прстот на екранот од мобилниот телефон, информирајќи се што пропуштил претходните дванаесет часа на социјалните мрежи, наиде на информацијата дека претходниот ден, во својот дом, во кругот на најблиските, починал токму Џорџ Мајкл, кого никогаш не го слушал нешто особено. Немаше лонгплејка од музичарот во неговата домашна колекција, но оваа песна, која пее за слободата, таа вечна тема што постојано нѐ прогонува и која на сите начини се обидуваме да ја достигнеме, кога и да ја слушнеше, во него побудуваше нешто од кое и самиот се чувствуваше непријатно. Па дури и тоа утро, во тој валкан автобус и во тој нечист и сив град, кога ја слушна, прво крадешкум погледна наоколу за да ја види структурата на луѓето околу себе, и откако се увери дека не претставуваат опасност по неговата внатрешна слобода, почна полека и незабележително да си ѕенѕа во место, повеќе за себе отколку за другите, секако, во умот повикувајќи сцена во која сите утрово се на иста фреквенција, сите се ослободени во умот и телото, и се запраша што би се случило во моментов доколку сите откачат и сите почнат да играат на песната? Па тоа би бил навистина еден прилично весел градски автобус, нели, заклучи со блага насмевка.

Но, повторно се сепна бидејќи ваквиот начин на размислување може да биде протолкуван поинаку, слично како и утрово, кога токму во моментите кога ја прочита веста за смртта на музичката ѕвезда, уште веднаш смисли како ќе ѝ ја пренесе на Ана, која во другата соба го подготвуваше малиот за одење во градинка. Откако беше подготвен и се затрча кон дневната соба за да ги фати последните кадри од омилениот анимиран филм, бидејќи ги знаеше сите звуци од музиката што одеше во заднина и беше извесно дека цртаниот е пред самиот крај, тој стана од веце-школката, ги избриша со четката последицитe од утринската мантра, излезе и се упати кон спалната соба, каде што таа веќе почнала да се облекува за на работа.

-Бог да го прости, нека му е лесна земјата – ѝ рече и се обиде да ја гушне, а таа се поттргна наназад гледајќи го прашално право в очи, не верувајќи што слуша.

А беше совршено облечена за на помен, во црна ролка и црни панталони, впрочем, нејзиниот вообичаен избор на облека сиве овие години наназад.

– Починал Џорџ Мајкл – ѝ соопшти со насмевка и ја гушна, а таа со право го отера онаму каде што не треба, бидејќи за момент поверувала дека станува збор за некој нивен близок роднина или пријател.  

Кон претходните делови

Автор:

Слични статии