Култура

Роман на годината – извадоци од пристигнатите романи (3)

Жири комисијата за наградата „Роман на годината“ за 2020 година што ја доделува Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“, под генерално покровителство на „Комерцијална банка“ АД, ја направи првата селекција во која влегоа 18 од вкупно 41 пријавен роман.

Ви објавуваме извадоци од пристигнатите романи.

Жири-комисијата во состав: Оливера Николова (минатогодишна лауреатка и претседателка на Комисијата), Зоран Анчевски, Калина Малеска, Живко Гроздановски и Катерина Богоева (претставник на Фондацијата) ќе направи неколку селекции од романите во конкуренција, а конечната одлука за добитникот ќе ја донесе најдоцна до 15 март годинава.

„Шардоне и шпагети карбонара“, Марта Димитров, „Антолог“

Најдобрите соговорници што ги среќаваме не е потребно да ги познаваме сосема. Важно е да сме на иста бранова должина со размислувањата, важно е тие да го имаат она што нам ни е потребно и, обратно, важно е да сме на некое ниво сродни во мислите, важно е да се разбираме за она што го разговараме во моментот, а не да ги знаеме сите ситнурии и детали за минатото.Таков соговорник за Миа беше психологот.Тој знаеше малку нешта за неа, но вистинските за да може непречено да разговара со неа, и притоа да ѝ помогне во она што таа сака: да научи да раководи со емоциите и да се ослободи од емоционалниот товар на минатото.

Овој понеделник тема на разговор требаше да биде чувството на вина. Но, тој почна многу неформално, веројатно поради неформалната средба што се случи пред два дена.

– Викендот, или барем неделата ми мина во пишување- му рече.

– Тоа е многу добро за твоите емоции знаеш. Ти имаш многу разговори во себе, во смисла, многу нешта за кои би сакала да разговараш, но како интроверт ги чуваш во себе и со тоа тие ти создаваат тензија секогаш кога ќе мине извесно време, а не си нашла начин да ги изнесеш. А знам дека многу сакаш да разговараш, а впрочем и не само тоа, имаш што да кажеш.Опасно е затоа што твоите разговори не се за случките што се случиле, не се за факти, туку се поапстрактни. Ти анализираш емоции, а тоа, како што ти кажав,не е многу пријатно. Мора да прифатиш, не да научиш нешто: емоциите се такви какви што се и најдобар начин е да ги почувствуваме. Заборави на тоа дека би можела да престанеш да љубиш некој, во случајот Милан, ако го игнорираш, на пример. Само уште повеќе ќе ја потенцираш љубовта.Исто е и за стравот, исто е и за спомените за кои не сакаш да разговараш, исто е и за твојата самокритика и чувството на вина – ја гледаше додека отпи од студеното кафе што беше ставено на бирото.

-Ова претпоставувам беше само вовед во она што следува.

-Паметна си ти – се насмеа. – Сакам да разговараме за вината. Кажи ми нешто околу тоа – настојуваше.

-Самокритична сум, признавам, но до одредена мера. А вината, не знам како би била поврзана со самокритиката.

– Поврзана е, Миа. Како што ти споменав пред два дена. Имаш тенденција да се сомневаш дека не си доволна, или дека не си совршена, забораваш да ставаш црвени линии и тоа секој или барем често може да се искористи за да ти се префрли вината за нештата тебе. А луѓето се претежно такви, сакаат да ја префрлат вината на некој друг.Ти создаваш погодна почва за тоа.Секој има дел од вината за нешто. Некогаш таа е многу мала, некогаш е поголема. Но, барем кога знаеш дека била многу мала биди свесна за тоа и повлечи линија. Чувството на вина ти создава сомнеж во тоа колку си добра како личност, колку вредиш како човек. А тоа е многу опасно. Стануваш тажна долгорочно.Секој треба барем малку да се сомнева во себе затоа што така станува подобар, се труди да се надгради, но не до степен да бидеш тажна затоа што ти недостасува нешто, до степен до кој се сметаш за недоволна и несовршена. Запамети, никој не е совршен.

„Бричење петли“, Владо Димовски, „Арс Либрис“

Го мразам април.Некако ми е килав, недоречен, недовапсан, нерешителен, неодреден, недоделкан…Како накалемен да е, да го ебам! Како ни таму ни ваму да е, да му го свирнам. Не ми прави ќеиф ич, та, можеби, затоа му го измислиле први април. Демек ќе се заебаваме малку, демек априли-ли-ли.И, навистина, заебанцијата да е вистинска заебанција, на први април ми дојде решението за пензија…предвремена, инвалидска. Мачор инвалид! И за први април е премногу ова, а не за мене. Решението го добив во моментите кога тагата во мојот кафез почна да виси по таванот, кога почна да се лизга по ѕидовите и кога почна да се пика по фрижидерите за да се лади од заебаните емоции истресени од дното на мојата душа.

Веќе некое време плачев во интервали од по три часа. Моите солзи уште што не го удавија моето ебано трисобно станче.Со решението в раце личев на парламентарец со напишана дискусија, како наместен политичар пред асолен новинар, како третоодделенче со препишан писмен состав за пролетта. За да не се онесвестам, презедов решителен чекор и наеднаш, како со пружина, скокнав на маса.Се потсредив, ја поткренав косата од очи, ги измазнив мустаќите и важно прашав: Кој сум јас? Да, кој сум јас? Јас, кој сум? Се чини го одбрав вистинското прашање зашто тагата почна да се повлекува и да се собира по аглите на дневната како тазе мрсул. Кој сум јас?Тагата се извлечка и од фрижидерите, тресејќи се, се пикна под седмоседот.Па не знам колку време, со отворени очи видов дека станот ми е за варосување, дека завесите се за перење, дека на сѐ се нафатил прав, дека мојот стан станал рај за разноразните пајаци.Кој сум јас, да го ебам, кој сум?! Почнаа да се смеат празните фрижидери, да тропаат лажиците и виљушките, сукалото почна да ме наѕира, еден од поновите костуми шеташе низ соби и ми се смееше. Неиспраните чорапи се врзаа и како црева излегоа низ врата.Четката за заби ми се пикна в уста, пената за бричење почна да се пени, а заборавениот жилет да се остри. Кој сум јас, ебаго?!

Се отворија прозорците на мојот кафез и внатре влезе свежина од денот, кој штотуку почнуваше. Автомобилот, мојата „лада“, почна да свири. Ѕидот во дневната кон кој бев свртен се претвори во огромен семеен портрет во три реда. Најгоре прадедо ми, прабаба ми и уште неколку пра, пра; во средината дедо ми, баба ми, татко ми, мајка ми и сите други; најдолу јас, мојата венчана сопруга и мојата сакана ќерка…клекнати и до уши насмеани.Кој сум јас?!Се отвори влезната врата и… дома ми влезе некој…Никогаш не сум го видел, а кај да го видам кога такви типови нема во мојата потесна и поширока околи…

– Кој си ти, така?

– Да, кој сум јас?

– Очекував да ме прашаш кој сум јас…

– Те прашувам…

– Април!

Кон претходните делови

Автор:

Напишете коментар

Вашата е-пошта адреса нема да биде прикажана во коментарите. Задолжителните полиња се означени со *